Грција најавува рестрикции во општините каде што се зголемува бројот на заразени

by fokus

Комисијата на епидемиолози ја разгледува можноста, доколку е потребно, да се преземат мерки на локално ниво, на ниво на општини во областа Атика, поради зголемениот број нови случаи на Ковид-19, рече министерот за здравство на Грција, Василис Кикиљас во интервјуто за грчката телевизија „Open“, јави дописничката на МИА од Атина.

Кикиљас објасни дека половина од новите случаи, речиси секојдневно се во Атика, поширокиот регион на Атина, а со оглед на тоа дека има пет милиони жители, „очигледно е дека не може да се преземат мерки за целата периферија“, туку ќе бидат на локално ниво, на ниво на општини.

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите истакна дека премиерот Кирјакос Мицотакис дал наредба до надлежната комисијата на експерти од Министерството за здравство на Грција да разгледаат и достават листа мерки што би можеле да се преземт или на локално или на општо ниво, доколку е потребно, а конкретната листа ќе биде подготвена денеска или утре.

-Ги слушаме и им веруваме на експертите и подготвени сме да преземеме било каква мерка, ако е потребно, за да се задржи добрата епидемиолошка слика на земјата, што е стабилна од почетокот на епидемијата, рече Пецас.

Во Грција, од почетокот на епидемијата, регистрирани се вкупно 13.240 случаи на Ковид-19, а починаа 305 лица. МИА

Поврзани новости