Гоцевски: Заев е прв член на Владата, зошто да не може да води ресор?

by fokus

Премиерот, Зоран Заев, ќе го прекрши Законот за спречување на корупција, доколку биде изгласан неговиот предлог за реконструкција на Владата, со кој ќе стане и министер за финансии. Експертите велат дека одредбата 44 од Законот е јасна и недвосмислена, дека функциите премиер и министер се неспојливи.

Сепак дел од упатените сметаат дека оваа одредба е неуставна и дека премиерот треба да може да раководи со ресор, доколку е тоа потребно. Таква е и праксата во другите земји, во Грција на пример премиерот, Алексис Ципрас, еднаш управуваше со министерството за финансии, а втор пат со министерството за надворешни работи откако Никос Коѕијас си поднесе оставка.

-И Уставот и Законот за Влада оставаат простор претседателот на Влада истовремено да раководи со ресор. Тоа можеби е несодветно, но не е забрането. Он е прв член на Владата и претседава со Владата. Како може министри без ресор да бидат заменици на Владата, а првиот човек на Владата да не може да води ресор? Одредбата во Законот за спречување на корупција е единствена одредба која го забранува тоа – вели професорот на Правен факултет, Драган Гоцевски.

Сепак, Собранието се уште не го изгласало предлогот на Заев за реконструкција. Точката ќе биде предмет на дебата на денешната седница. Кога би се изгласал овој предлог, тогаш топката ќе биде кај Антикорупциска да утврди дали има прекршување на законот.

Поврзани новости