Атанасов: Сакав да бидам министер, бидејќи во образованието се прави малку

by fokus

Во образованието владата прави малку, или недоволно. Оттука мојата реакција и желбата да го водам овој ресор, со целосна одговорност, вели во интервју за „Мета“ доскорешниот заменик-министер за образование, Петар Атанасов, кој со ова потврдува дека една од причините за оставката е и амбицијата да стане министер.

-Академската работа е моја редовна професија. Желбата ми беше преку учество во политиката да се променат и придвижат работите. Јас не барав да влезам во СДСМ. Тие сами ме повикаа во 2013 година кога заглавија и програмски и идеолошки. Бараа поддршка и помош. Тоа не беше време за бавење со политика, особено опозициска. Беше време на опасно живеење. Јас се одлучив да го прифатам политичкиот ангажман затоа што работите во државата не одеа во добра насока. Во овој момент изгледа дека патиштата ни се разидуваат. Владата во некои ресори и сектори прави добри работи, но во некои не. Во образованието прави малку, или недоволно. Оттука мојата реакција и желба да го водам овој ресор, со целосна одговорност. Велам дека треба да се запали црвеното светло и многу да се работи за да се подобри образованието. А образованието е, како што велите, столбот на општеството. Во политиката може да се вратам само ако се изгради цврста политичка програма и со добар тим за да се разбие оваа неперспективност и безбојност. Македонија и Македонците можат многу повеќе, вели Атанасов.

Тој појаснува и како дошло до ваков епилог, односно да си поднесе оставка.

-Изминатите шест години го следам образованието интензивно на сите нивоа. Бев неколку години претседател на Комисијата за образование на СДСМ. Со мојот тим во партијата создадовме амбициозна изборна програма и очекувавме дека ние ќе ги спроведуваме реформите. За жал, партијата, или врвот на партијата, Министерството за образование пред две години го даде да го раководи друг кадар. Конечно, во септември 2018 ја добив позицијата заменик министер, но не ми беше овозможено да ангажирам дел од моите луѓе. И покрај тоа, моето работење во МОН беше со голема динамика и со големи очекувања, но во овие 10 месеци изостана поддршката од кабинетот на министерот. Иако премиерот се обиде да ги поправи работите, ништо значајно не се промени. Начинот на кој МОН беше навикнал да ги врши работите е како да нашиот образовен систем е во одлична форма и само се потребни редовни мали измени. Но нашиот образовен систем е девастиран, поради повеќе и различни причини. Токму затоа се потребни храбри и големи чекори за да се поместат работите од сегашната летаргична позиција. Исто така, кога влегов во МОН со себе донесов многу анализи и искуства, како и неколкугодишна активна дебата со сите чинители во образованието. Но ова искуство не беше употребено, бидејќи промените што МОН се обидуваше да ги направи се базираа само на анализата на ОЕЦД и советите на УНИЦЕФ. Но, тоа не е доволно бидејќи капацитетите на институцијата се недоволни за поголеми интервенции, вели Атанасов.

Поврзани новости