ЕМА засега препорачува да продолжи вакцинацијата со „АстраЗенека“, конечен заклучок в четврток

by fokus

Засега се препорачува да се продолжи со вакцинација со „АстраЗенека“ и покрај тоа што сѐ повеќе земји во ЕУ го суспендираа процесот додека не се разјасни точно дали вакцината е опасна по здравјето на луѓето, изјави извршната директорка на Европската агенција за лекови (ЕМА), Имер Кук. Конечен заклучок за безбедноста на вакцината ќе се донесе во четврток, јави МИА.

Неколку земји на ЕУ пријавија случаи на тромбоза по вакцинирање со „АстраЗенека“, оттогаш во повеќе земји е суспендиран процесот сѐ додека ЕМА не даде конечен научен заклучок.

Кук изјави дека ова бара ригорозна анализа од страна на експертите во агенцијата за да може да се одреди дали случаите на тромбоза се предизвикани од вакцината или станува збор за коинциденции.

Според Кук, засега бројките не покажуваат поголем број на тромбоза кај вакцинираните лица отколку во целокупното население, но ситуацијата е доволна алармантна за да се свикаат експертски состаноци.

-Интересот беше стимулиран од дополнителните пријави и ги проценуваме случај по случај, експертите повторно денеска се состануваат, и во четврток свикавме ад хок состанок за да ги процениме пријавите што стигаат од земјите членки, изјави директорката на ЕМА.

Сепак ЕМА засега останува на ставот дека бенефитите се поголеми од ризиците и глобалната криза предизвикана од Ковид-19 и дека вакцината помага да се заштити населението, посебно најранливите групи.

-Не сакам да шпекулирам за финалниот заклучок, приоритет е да се обезбеди вакцинацијата да продолжи на безбеден начин, рече Кук, но додаде дека не е исклучено конечниот заклучок да препорача посебни предупредувања за вакцината.

Сѐ ќе зависи од исходот на експертскиот состанок, сите опции се на маса, рече таа, и нагласи дека во секој случај препораките ќе бидат засновани на научно мислење. Таа отфрли секаква политизација на ова прашање.

Агенцијата за лекови е свесна дека е поткопана во голем дел и довербата на граѓаните во оваа вакцина, и ќе го има и тоа предвид. Приоритет за ЕМА е безбедноста на вакцината и довербата на граѓаните.

Поврзани новости