ЕК: Да се добијат ефикасни вакцини за Ковид-19 во наредните 12 до 18 месеци

by fokus

Европската комисија усвои стратегија за забрзување на развој, производство и примена на вакцина против Ковид-19, а целта е да се добијат безбедни и ефикасни вакцини во наредните 12 до 18 месеци.

Комисијата за 27 јуни најави глобален самит посветен на набавката на вакцини.

– Заедно со нашите меѓународни партнери ќе ја разгледаме можноста земјите од целиот свет да се договорат за мобилизирање на средства за заедничка резервација на идните вакцини со истовремено резервирање на вакцини за посиромашните земји со помош на држави со висок приход, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Претставници на Европската комисија потенцираат дека од земјите-членки добиле поддршка за обезбедување брз пристап до вакцини за 27-те земји на ЕУ и нивното население, а во исто време се водат глобални напори да се обезбеди рамноправен пристап до вакцините што е можно порано.

– Европската унија нема да биде безбедна сè додека целиот свет нема пристап до вакцината и како таква, ЕУ и нејзините земји-членки имаат и одговорност и интерес вакцината да биде универзално достапна, заклучи Фон дер Лајен.

Комисијата наведува дека од владите на земјите членки добила мандат да преговара во нивно име за набавка на вакцини за целата територија на Унијата и оти за тие потреби се издвоени 2,4 милијарди евра.

Се додава дека околу 10 милијарди евра се собрани на меѓународната донаторска конференција за дијагностика, вакцини и третман во борбата против Ковид-19.

Поврзани новости