Двајца од заболените од Ковид-19 се лекуваат со новата терапија, за останатите се чекаат резултатите од ЕКГ

by fokus

На двајца пациенти кои се лекуваат на Инфективната клиника им е почнат третман со новата терапија за корона вирусот, рече министерот Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање дали почнала да се користи новата терапија, која е комбинацијата што ја содржи лекот хидроклор и азитромицин.

-На двајца пациенти им е дадена терапија. Потребно е да се направи кардиолошка анализа, ЕКГ, зошто има таму и една контраиндикација, односно не се дава на сите пациенти. Затоа им укажувам на граѓаните на своја рака да не купуваат лекови, зошто мора да се даде под назор на специјалист, рече Филипче.

Тој додаде дека денеска ќе завршат кардиолошките прегледи на сите пациенти сместени на Инфективната клиника, по што ќе се знае кои пациенти ќе можат да ја примаат терапијата. Министерот потенцираше дека доколку постојат и мали кардиолошки отстапување, оваа терапија може да им наштети.

Македонската јавност деновиве слушна за азитромицинот, антибиотик, познат повеќе како Сумамед. Студии од Франција неодамна покажаа дека тој антибиотик во комбинација со лекот против маларија (хидроклор) успешно делува кај пациентите заболени со коронавирусот. Тој пред неколку дена во Македонија беше повлечен од слободна продажба, откако граѓаните почнаа масовно да го купуваат, а лекарите посочија дека е опасно да се користи на своја рака.

Поврзани новости