Досегашен директор, доктор и поранешен градоначалник во трка за Карпош

Решавање на проблемот со паркирање, изградба на голем зелен парк, урбанизација кон периферија, најавува во разговор за Фокус Весковски, доколку биде избран за градоначалник на Карпош. На анкетата на „Рејтинг“, тој имаше 10 проценти предност пред Зафировски, додека поранешниот градоначалник Јакимовски беше на четврто место. Тие одбија да одговарат на нашите прашања.

by Фокус

По само еден мандат поминат на чело на Карпош, се уште актуелниот градоначалник Стефан Богоев ја напушта функцијата без да се кандидира за втор последователен мандат. Во трката за оваа битна скопска општина, СДСМ одлучи да истрча со Душко Весковски, актуелен директор на скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ и поранешен организациски секретар на владејачката партија.

Одлуката за мојата кандидатура за градоначалник на Карпош беше усвоена од страна на органите на партијата, врз основа на внатрепартиски анкети, по претходно поднесен предлог за моја кандидатура од членови во општинските организации. Јас го прифатив предизвикот да бидам кандидат за градоначалник на општина Карпош – вели Весковски за Фокус.

За време на неговото 4-годишно управување со скопското водоводно претпријатие, тој како најзначаен проект ја издвојува изградбата на пречистителна станица за отпадни води во вредност од 136 милиони евра. Исто така, го издвојува и тоа што во рамки на Секторот за санитарна контрола почна да се применува ПЦР-техника за спроведување на анализи за квалитетот на водата за пиење.

Потоа следуваат инвестициите во водоводната и канализационата мрежа, дигитализацијата на процесите, електронските услуги достапни за граѓаните, инвестициите во механизацијата за зголемување на ефектиноста и мобилноста. Не би ги изоставил и проектите за заштита на животната средина, воведувањето на употреба на биоразградлива рециклирана хартија за печатење на сметките – истакнува Весковски.

ШИРЕЊЕ НА КАРПОШ КОН ПЕРИФЕРИЈА

Тој смета дека неговиот претходник Богоев реализирал многу значајни проекти за граѓаните, и тоа, според него, во еден кризен период воопшто, кога најголемиот фокус се стави на индивуалното и јавното здравје. Тој најавува реализација на отпочнатите, како и реализација на нови проекти.

Главните проекти понудени во програмата се однесуваат на решавање на проблемите со паркирање во Лептокарија, Карпош 1, 3 и 4, кај Млечен, во Влае. Потоа изградба на голем зелен парк спроти Карпош 4, изградба на две нови градинки и обнова на постојните капацитети, основање на младински центар во Карпош – нагласува Весковски.

Тој додава дека фокусот во програмата е ставен на заштита на животната средина, детска заштита, образование и култура, економија и инфраструктура, спорт и спортски активности, дигитализација и развој на „Паметна општина“. Во однос на состојбите на полето на урбанизмот, смета дека треба да продолжи трендот на ширење кон периферијата.

Нема да го дозволиме градежниот хаос во Карпош, нашиот фокус е насочен кон дисперзија на градбите и хумана урбанизација кон Злокуќани и Бардовци. Нашата визија е Карпош да биде позитивен пример за општина и секој да биде горд што е жител токму на Карпош – порачува Весковски.

ЕМ ПАРТНЕРИ ЕМ ПРОТИВНИЦИ

Традиционлано, оваа скопска општина важи за поблиска до левицата, со оглед дека претежно победувале кандидатите на СДСМ. Еден од ретките периоди кога десницата предводена од ВМРО-ДПМНЕ можеше да каже дека владее со Карпош е времето по победата на поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски на локалните избори во 2013 година.

Како што е познато, Јакимовски беше градоначалник на Карпош додека истовремено беше висок функционер на СДСМ (претседател на скопската организација), но во 2013 година одлучи да настапи како самостоен кандидат, односно со печатот на Српска напредна странка на Драгиша Милетиќ, бидејќи социјалдемократите предводени од Бранко Црвенковски во тоа време заговараа бојкот на изборите.

Така, Јакимовски влезе во вториот круг и го порази Андреј Петров како резултат на реалниот рејтинг што го уживаше, но и со помош на гласовите на ВМРО-ДПМНЕ. После тоа, советничката група на Јакимовски коалицираше токму со ВМРО, а тој за кратко време ја формираше партијата ГРОМ, која е во коалиција со ДПМНЕ до ден денес.

Кога вмровскиот лидер Христијан Мицкоски одлучи да оди со „помал“ коалициски партнер во Центар (Наташа Котлар од Глас за Македонија), тогаш очекувањата беа дека ќе го кандидира Јакимовски за Карпош. Арно ама, Мицкоски одлучи да настапи со докторот Оливер Зафировски, што го натера лидерот на ГРОМ на кандидатура без коалициска поддршка.

ШТО ГОВОРАТ АНКЕТИТЕ?

Кога опозициската коалиција се уште немаше донесено одлука за Карпош, искомунициравме со Јакимовски во однос на се уште неофицијалната информација дека, сепак, ќе истрча самостојно на изборите доколку не добие поддршка од ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш, тој ни изјави дека се уште се прават анкети и дека можноста за негов самостоен настап била наша констатација, а не негова.

Откако стана официјално дека влегува во изборната трка, тој во неколку јавни настапи самоуверено потенцира дека е сигурен во победа, бидејќи тоа му го предочила истата куќа што ги спроведувала анкетите и во пресрет на изборите пред десетина години кога победи. Непознато е за која куќа станува збор, но такви резултати не даде јавно објавената анкета на агенцијата „Рејтинг“.

Според оваа анкета, 35,7 отсто од испитаниците во Карпош се изјасниле дека го поддржуваат Весковски, 25,4 од испитаниците го поддржуваат Зафировски, додека Јакимовски е дури на четврто место со рејтинг од 8,4 проценти. Пред него, на трето место е кандидатот на Левица, ИТ-инжинерот Дарко Ристовски, со поддршка 8,6 проценти.

Од сите нив, единствено Весковски одговори на нашите прашања. Јакимовски го игнорираше нашето барање, додека Зафировски најави дека ќе се произнесе во пресрет на вториот изборен круг, што тој го очекува. Пред завршувањето на изборната кампања и почетокот на изборниот молк, се обидовме да стапиме во контакт и со Ристовски, но и од него не успеавме да добиеме одговори.

Влатко Стојановски

Поврзани новости