Од почетокот на мај до денес, во Велес, Кавадарци и Неготино, биле казнети само седум лица со предвидената парична казна од 20 евра, бидејќи не носеле заштитна маска на места каде тоа е пропишано.
-Се работи за две лица во Велес, едно во Кавадарци и четири во Неготино – информира за ,,Фокус” Верољуб Додевски, портпарол на СВР Велес.
Околу казните за групирање на повеќе од две лица, и покрај тоа што на јавни места станаа пракса групните дружби, како во времето пред пандемијата со Ковид -19, тој изјави дека ниту едно лице од вардарскиот регион досега не е казнето.
Кога Владата соопшти дека од први мај ќе се казнуваат лицата кои нема да носат заштитни маски на места каде не може да се одржи дистанца од два метри и во сите јавни објекти, како и дека е забрането групирање на повеќе од две лица, на почетокот голем број на граѓани ги почитуваа мерките. Некои поради грижа за сопственото и јавно здравје, други поради страв од паричните казни.
Но, од она што може да се забележи изминативе денови, голем е бројот на граѓани кои сосема заборавија на препораките за заштита од корона вирус, па покрај своето го изложуваат на ризик и колективното здравје.
Без заштитни маски се влегува во маркети и други продавници, можат да се забележат и продавачи без маски, или пак со маски под нос, а истакнатите натписи на влезовите, дека е забранет влез без заштитна опрема, се почесто се игнорираат.
Околу групирањето и прошетките на поголеми групи на тинејџери, но и на возрасни лица, останува нејасно како од страна на припадниците на полицијата во овој регион не е изречена ниту една казна.
Поразително е и тоа што поплаките и апелите на совесните граѓани на социјалните мрежи, кои потсетуваат дека правилата мора да важат за да се спречи ширење на вирусот, најчесто наидуваат на потсмев, но и на навредливи коментари од страна на оние кои тврдат дека вирусот не постои или евентуално дека се крева непотребна паника.
Секој првенствено е одговорен за сопственото здравје, но во случај на пандемија со многу лесно пренослива болест, неодговорноста од поединци може да наштети на здравјето на заедницата.
Сепак, и покрај тоа што јавно на секој чекор можат да се забележат кршења на правилата, не е познато зошто од страна на МВР не се изрекуваат казни, кои можат да дадат ефект во почитувањето на правилата и да создадат нови навики кои се во интерес на јавното здравје. Реткост е дури и изрекувањето на усни опомени, посебно пред јавни објекти каде има поголем проток на народ.
Она што е интересно, вчера полицискиот синдикат побара зголемување на платите на полицајците за 20 проценти, за март и април, по примерот на најавеното покачување на платите на најизложените здравствени работници во борбата против Ковид -19.
Од таму го повикаа министерот Наќе Чулев да превземе активности за полициските службеници на терен, кои биле изложени на опасност од зараза со вирусот.
Во земјава до денес се регистрирани 1.858 заболени лица, 110 починаа, а 381 случаи се активни.
Со бројот на смртни случаи Македонија ги надмина Албанија, со 31 починато лице, Словенија со 104 починати, Хрватска со 96 починати, но и Австралија со 100 починати на 7.079 заболени лица, како и други земји, каде бројката на инфицирани е значително поголема, а бројот на починатите помал.
Во вардарскиот регион бројот на заболени во Велес изнесува 126, од кои 53 активни и осум починати, Неготино – две лица заболени и излекувани, Демир Капија – седум заболени и пет излекувани, Кавадарци – пет заболени, од кои еден починат и четири излекувани.
-Првата битка ја добивме, но борбата не е завршена. Ова може да го одржиме само ако сите граѓани ги почитуваат мерките, а институциите ги спроведуваат контролите и никако поинаку – порача вчера министерот за здравство Венко Филипче.
Вики Клинчарова