Општата болница со проширена дејност Кавадарци, денеска доби донација „УВ Гард“ – уред за дезинфекција на површини и воздух од вируси и бактерии.
Директорот на оваа јавно-здравствена установа д-р Диме Коцев се заблагодари до компаниите „Ми-Комерц“ од Кавадарци и „REHAU“ од Скопје, кои ја овозможија донацијата, покажувајќи значителна општествена одговорност.
-Уредот ни е навистина потребен и задоволни сме што од денеска ќе биде ставен во функција во Општата болница во Кавадарци. „УВ Гардот“ со УВ зраци дезинфицира и површини и воздух, 360 степени наоколу. Предноста е во тоа што уредот е подвижен и ќе се употребува буквално во целата установа.
Во ситуација со епидемија на КОВИД-19, овој апарат ни е повеќе од потребен за заштита на медицинскиот тим, но и на пациентите кои доаѓаат за здравствена заштита во болницата.
Благодарност и до нашите иноватори кои се грижат за здравјето на вработените во здравствените установи ширум државата – вели Коцев.
Просторијата која се дезинфицира потребно е да биде празна, а УВ зраците стопроцентно ги елиминираат вирусите и бактериите. Лицето коешто ракува со овој апарат е целосно заштитен и уредот се контролира од далечина.
-Уредот за дезинфекција со УВ зраци кој го изработивме за болницата во Кавадарци, денеска го донираме со поддршка од општествено одговорните компании. Да ги заштитиме здравствените работници кои се на првата линија на одбрана од коронавирусот, бидејќи тие се нашите херои – вели Ивица Поцков.
Македонските иноватори Ивица Поцков и Никола Глигоров се креатори на „УВ Гардот“. Во текот на минатата недела, вакви уреди добија Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби и Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, каде се лекуваат хоспитализираните пациенти од КОВИД-19.
Вики Клинчарова