Димитров: Македонскиот јазик да биде еден од официјалните јазици на ЕУ

by Fokus

Поранешниот министер за надворешни работи и поранешен вицепремиер Никола Димитров, кој од неодамна е невладината организација „Балкански центар за конструктивни политики- Солуција” смета дека по изневереното ветување од ЕУ врзано со Преспанскиот договор, македонските политичари немаат луксуз да нѐ бидат претпазливи и искрени со македонските граѓани.

Тој во интервју за „Дојче веле“ на македонски , вели дека треба да се формулираат државни позиции за патот напред низ широк процес на вистинска демократска дебата.

„Прво, бугарската негација на македонскиот јазик депонирана во контекст на нашата прва меѓувладина конференција лани во јули, треба да добие европски одговор во форма на афирмативни официјални декларации на другите земји членки на ЕУ дека македонскиот јазик е дел од лингвистичкото богатство на Европа и дека по зачленувањето ќе биде еден од официјални јазици на ЕУ. Второ, влегувањето во сила на уставните амандмани да се услови со бугарско прифаќање на нешто што е неспорно во 21. век – правото на самоопределување и самоизјаснување на македонскиот народ, или со зачленувањето во Унијата. Трето, Софија бараше и успеа историските прашања од билатерални да станат дел од пристапниот процес со ЕУ, но форматот на Комисијата остана билатерален. Во Комисијата затоа мора да има и европски олеснувач со искуство од која било од историските комисии меѓу други европски држави“, изјави Димитров.

Димитров смета дека изјавата на премиерот Димитар Ковачевски во Рејкјавик во однос на сличноста на бугарскиот наратив кон Македонците со рускиот за Украинците е валидна, но задоцнета и дека е контрадикторна со политиката на постојано одоброволување на Бугарија во услови на отворено непочитување на нашето право на самоопределување.

„Задоцнета, затоа што кога официјална Софија депонираше писмена негација на македонскиот јазик среде Брисел, Владата овде не само што глумеше пријателство, туку беше и соучесник во рушењето на македонските позиции, прифаќајќи ги сите алатки што ги бараше Бугарија за реализација на својата антиевропска амбиција на негирање на македонскиот идентитет да бидат дел од пристапниот процес со ЕУ. Да беше вистинско ова задоцнето соочување со реалноста, Владата ќе престанеше слепо да ги турка амандманите, ќе се извинеше за својата лекомисленост и ќе побараше помош од граѓанскиот сектор, експертската јавност и опозицијата, заедно да се најде излез од кашата. Без тоа, ‘јунаштвото’ на премиерот е само некаков емотивен излив или уште полошо, празна предизборна реторика“, изјави Димитров.

Тој смета дека по изјавите на претсетаелот Радев спорот е дополнително искомплициран.

„Негирањето на македонскиот јазик и идентитет, инаку класичен говор на омраза, поврзано со инсистирањето дека Бугарите во Македонија не се малцинство и покрај пописот, соголува непријателска стратегија на историски ревизионизам. Софија е охрабрена со таканаречениот француски предлог и се лути кога ние се однесуваме како суверена држава“, изјави Димитров.

Тој додава дека по измените на Уставот бугарската политика ќе бара и други отстапки и дека состојбата е погубна за македонско-бугарското пријателство.

Поврзани новости