Џамбо Агушев направи спектакл во Кавадарци: Орфеј е нашиот Црни Тоше!

by fokus

Струмичанецот со светска кариера, или како што го нарекуваат, кралот на трубата, Џамбо Агушев, заедно со неговиот орекстар направи музички спектакл на градскиот плоштад во Кавадарци синоќа. Иако во Кавадарци пристигнаа директно од Германија, каде имале настап, тие не дозволија многубројната публика да го забележи нивниот умор. Се појавија на сцената расположени и свиреа од се срце.

Нивниот вокалист, Орфеј Чакаловски, најверојатно поради честите гостувања во повеќе градови, на почетокот на концертот на публиката и се обрати со зборовите – Добра ви вечер Гостивар, по што Џамбо веднаш го поправи – Ало, Кавадарци е ова, не е Гостивар. -Техничка грешка, се извинувам – се насмеа Орфеј, по што доби аплауз од присутните.

-Ова е инаку нашиот Црни Тоше. Така си го викаме секогаш. Вистинското име му е Орфеј, ама тој е нашиот Тоше. Вечерва ќе ви отпее и песни од Тоше Проески, се надеваме дека ќе ви се допаднат – порача Агушев.

Тие ги забавуваа присутните повеќе од еден час. Маестрото на труба, Агушев и неговиот оркестар се чести гости низ целиот свет. Пред неколку месеци имаа турнеја во Америка, пред тоа во Австралија, а пак за дочекот на 2018 година свиреа во Полска, во познат ски центар.

Пред нивниот настап публиката ја забавуваше групата Љубојна, а по настапот на Агушеви, концерт имаше Некст Тајм. Настапите на музичарите беа дел од манифестацијата ,,Тиквешки гроздобер 2018”.

Вики Клинчарова

Поврзани новости