Ситуацијата со корона вирусот во Македонија воопшто не е под контрола, ни се случува катастрофа во справувањето со пандемијата, вели д-р Игор Кузмановски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Беше најавуван нов пик есенва, а Македонија веќе сега, во јуни, доживува втор бран на новоинфицирани. Според бројките деновиве нема изгледи дека во брзо време ќе се подобри ситуацијата. Граѓаните се соочуваат со последиците од несоодветните политики преземени од надлежните во справување со кризата. И додека има се повеќе болни, расте за жал и бројот на починати, политичарите кои се во изолација велат – ситуацијата е нормална. Многу е видливо, многу е јасно – дека ситуацијата не е нормална!“, вели Кузмановски.
Тој предупредува дека бројот на новозаболени ќе продолжи да расте.
„Ова што се случува, ова што се презема во справување со ситуацијата излегува од гранките на медицината. Станува збор за политика што е недозволиво во ваква ситуација. Мора да се стави акцент на здравјето на граѓаните и да се започне со вистински здравствени политики зошто Македонија ќе остане изолиран остров“, вели Кузмановски.