Бранко му ја предаде сета власт на Груевски, за полесно да се врати како спасител

by Фокус

Текстот е објавен на 10 април 2009 во неделникот „Фокус“ број 719

Пишувал
Зоран ДИМИТРОВСКИ

Просто е неверојатно каков мед тече од устата на премиерот и неговите партиски послушници по изборната победа во неделата. Фалби за најдобар изборен процес досега, честитки до опозицијата и нивната победа во неколку општини, благодарност за извршувањето на функцијата до актуелниот претседател Бранко Црвенковски, подадена рака до сите политички структури за заедничка работа за доброто на Македонија, повик за мала прослава во изборната ноќ за да не се случи да се навреди и оној дел од граѓаните (минорен) кој гласал за опозицијата… Дали е ова Шведска и дали вечерта зад победничкиот изборен портокалов декор стоеше Јоран Персон, а не Никола Груевски!?

Се прашуваме, може ли да има поеуфорична фраза за текот на изборите од онаа вообичаената, што ја редеа сите претставници на ВМРО-ДПМНЕ – мирни, слободни, фер и демократски избори. Но одговорот веднаш пристигнува утредента од Турција. Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски ја надминува таа здодевна квалификација со оценката дека изборите згора на сѐ биле и чесни! Најчесни! Иако Милошоски знае дека таквата идилична приказна за Македонија, каде што на изборниот ден гледаме само насмеани лица со рози во реверите, а народот во колони ита да гласа за своите политички миленици, е толку многу надуена што не може да ја проголта ниту Босфорскиот теснец.

ТЕПАЊЕ ИЛИ МИЛУВАЊЕ

Има една народна поговорка што питорескно ги опишува луѓето како Милошоски и Груевски, кои општата воена мобилизација во последните два часа од гласањето да се постигне цензус, заканите до вработените во државната администрација за нивната неизвесна работна судбина доколку не излезат да гласаат, паничното вртење телефони на партиските членови, купувањето гласови, полицискиот дрил и притисокот врз гласачите меѓу двата изборни круга, сето тоа силување што ни го приредија изминативе неколку недели, лефтерно ќе го наречат фер и демократски избори.

Нашиот народ за таа шарада на шминкање на грдото изборно и политичко лице на Македонија во режија на власта би рекол – „Невиден арамија, поголем од кадија“! Уште би додале – нѐ тепавте што нѐ тепавте, ќе ги залечиме некако раните, но барем не потценувајте ја нашата интелигенција и не лажете нѐ дека сте нѐ милувале!

Веднаш да биде јасно. Не станува збор за тоа дека власта брутално ги украде претседателските и локалните избори. Не, ВМРО-ДПМНЕ има најголема поддршка во гласачкото тело во споредба со сите други, а така ќе биде уште долго, барем додека народот не ја извади цуцлата лажачка од устата.

Но изборите во Македонија се добиваат со една четвртина или една петтина поддршка од гласачкото тело, а ВМРО-ДПМНЕ само макијавелистички студено, без трошка морал, со дозволени и недозволени средства, со уцени, притисоци и закани, со пари и пропаганда, умее секогаш да си го оствари она што си го замислила: 40-отсто цензус, 55 градоначалници – Преродбата продолжува! Се чини дека го нема тој цензус, што Груевски не е способен да го постигне.

Политиката во Македонија е симната на толку ниско дереџе, што еве, можеме да се обложиме, дека во случај цензусот да беше и 30 отсто, или не дај Боже 20 отсто, власта беше подготвена да го оствари! И никој немаше во тоа да ја спречи. Нема толку граѓани што можат да не излезат и да не гласаат за претседателските кандидати, колку што има волја ВМРО-ДПМНЕ изборите да бидат успешни, фер и демократски.

Ако граѓаните случајно во својата мрачна потсвест посакаат неуспешни избори, ако во своите скриени дувла коваат изборни инциденти, не мислејќи ѝ добро на државата и нејзината иднина, ако од злоба сакаат да им се одмаздат на умните, државотворни кандидати за претседател какви што беа на изборната понуда, ако поради тоа решат на изборниот ден да останат дома, тука е власта да нѐ куртули од небиднината. Изборите има да успеат, па кој како сака.

Груевски веќе три години ни порачува дека тој будно бдее над судбината на народот и државата и дека никој од нас не треба да се грижи за ништо. А најновата порака од неделните избори е дека власта не само што води сметка за успешно, мирно и демократско спроведување на изборниот процес, туку таа е тука, ако треба, за да ја менаџира волјата на граѓаните, да ги потсети на нивната обврска да гласаат ако заборавиле, да ги пренасочи на вистинскиот пат ако застраниле политички. Во изборната претстава, всушност, власта е таа што гласа, граѓаните се обични статисти. Тие се теледиригирани механички роботи што само уфрлаат ливчиња.

Власта умее да го спроведе целиот изборен менаџмент и покрај илјадниците посматрачи и набљудувачи, од ОБСЕ, од политичките партии, бројните тимови од американската амбасада, од дипломатското претставништво на Европската унија. Ма не може сета таа булумента, која очигледно здружено и здушно работи на минирање на идиличната изборна атмосфера, не може таа багра што сака да фрли дамка врз изборниот процес, да ја спречи Македонија во евро-атлантските аспирации.

Може колку што сака американскиот амбасадор Филип Рикер да ги влече за уши кандидатите за градоначалници на Охрид. Може Ерван Фуере да го крстосува езерското крајбрежје до изнемоштеност. Нема Груевски да им дозволи да атакуваат на изборната волја. Ако кандидатите за градоначалници поддржани од ВМРО-ДПМНЕ бидат спречени да победат на фер и демократски начин, како што е редот – со помош на полициските специјалци, со присуство на премиерот, на инспекторите од Управата за јавни приходи, на министрите Славески, Маневски, Канчевска, Стојановски, Јанкуловска кои последните денови „го бранеа“ изборниот процес во Охрид, тука се изборните комисии да спасат, тука е судот да поништи, тука е народот да осуди. Ќе се оди до крај, зашто мора сѐ да биде фер, по цена ВМРО-ДПМНЕ да освои уште еден или двајца градоначалници. Нема цена што не може да се плати, кога е во прашање демократијата.

ДРАМА ОКОЛУ ЦЕНЗУСОТ

Ете, тоа е суровата страна на македонската реалност.

А нашите прогнози во минатиот број околу битката за цензусот навистина се остварија. Да потсетиме дека тогаш наведовме пет причини од кои зависи дали ќе успеат претседателските избори. Меѓу нив беа мотивот на гласачите на Бошкоски и Селмани да поддржат еден од двајцата преостанати кандидати, потоа евентуалното обединување на левицата зад Љубомир Фрчкоски, (не)подготвеноста на Албанците да излезат да гласаат и покрај договорот во последен миг меѓу Груевски и Ахмети, улогата на странските претставници во изборниот процес, дали тие сакаат да успее или не, и најважното од сѐ – дали Бранко Црвенковски ќе издаде наредба за тивок бојкот? Рековме уште и дека цензусот може да се оствари на легален или на нелегален начин. Што се оствари од тоа?

Левицата не се обедини целосно зад Фрчкоски, зашто факт е дека тој доби само 60.000 гласови повеќе од првиот круг (вкупно 260.000), најверојатно гласовите на Ружин и нешто ситно од заскитаните албански гласови, што значи дека 300.000 гласачи на левицата во првиот круг не застанаа зад кандидатот на опозицијата. Ѓорге Иванов доби 110.000 гласови повеќе од првиот круг (вкупно 450.000), при што се смета дека добил 60-тина илјади од Бошкоски и 30-40 илјади вмровски гласови инструирано дадени во првиот круг за Имер Селмани. И покрај договорот на Ахмети со Груевски, погодивме дека Албанците нема да излезат масовно и нема да поддржат ниту еден од двајцата кандидати.

Па сепак, сите податоци говорат дека последните 2 часа од гласањето имало енормно невообичаена излезност, близу 150-160 илјади гласачи или тогаш гласале околу 10 отсто од гласачкото тело! Нашите информации од набљудувачите говореа дека до 18 часот, излезноста била 34,6 отсто. Што се случи во меѓувреме, зошто МОСТ објавуваше поголеми проценти на излезност (над 39 отсто до 18 часот, со грешка од плус, минус 4 отсто), дали тоа имаше влијание врз натамошното зголемување на излезноста. Беше ли сѐ регуларно?

Се повтори приказната од претседателските избори 2004-та. ВМРО-ДПМНЕ по 16 часот, кога виде дека излезноста во вмровска Битола и во другите средини каде што нема кандидати за градоначалници е минорна, запна да ги врти телефоните на своите членови и симпатизери и нивните семејства. Фрчеа пораки и притисоци да се излезе и да се гласа. Но не само тоа. Имаше и јавувања од набљудувачи дека на одредени избирачки места по завршувањето на гласањето имало делумно полнење кутии за цензусот да биде постигнат, за што сепак не беа понудени докази.

Набљудувач од ВМРО-ДПМНЕ нѐ информираше дека на едно избирачко место со чисто албански гласачи му било понудено да ги наполнат кутиите, за одредена сума пари. Неименувани извори од странските амбасади информираа дека меѓу 19 – 21 часот се штимувал цензусот. Излезе и Ѓунер Исмаил, шеф на изборниот штаб на Љубомир Фрчкоски, со театрална изјава дека никој не ги објавува официјално бројките за излезноста и дека има сомненија оти цензусот се мести.

Но, зошто беше сета таа врева од кандидатот на опозицијата, кога СДСМ излезе да гласа и не ги бојкотираше изборите? Зошто толку сомневања во бројките од цензусот, кога изборот на Ѓорге Иванов зависеше директно од излезноста на гласачите на СДСМ, кои Фрчкоски ревносно и ентузијастички ги повикуваше до последен момент на масовна излезност. Зошто толку жолчка, кога сѐ зависеше од тоа дали Бранко Црвенковски ќе издаде или не наредба за бојкот. Очигледно, немаше наредба за апстиненција.

Кои се причините за тоа?

Во текот на изборниот ден во неделата контактиравме со десетина активисти и раководители на социјалдемократите, со генералниот секретар Игор Ивановски, со портпаролот Емилијан Станковиќ, со шефот на партијата Зоран Заев, со екс премиерот Владо Бучковски… Сите до еден жизнерадосно ни пренесуваа дека се изјаловиле обвинувањата на власта дека СДСМ ќе ги бојкотира изборите!?

Беше јасно дека Фрчкоски нема теоретски шанси да победи, но СДСМ реши да го легитимира изборот на Ѓорге Иванов. Нашите соговорници дури во раните попладневни часови го проектираа цензусот на приближно 42 отсто, колку што и беше (42,6%). Заев дури се радуваше што во неговата родна Струмица, каде што тој го смачка ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг, излезноста била над 50 отсто, наспроти дотогаш мизерните 18 отсто во Битола! Тој шеретски се посомнева дека ВМРО-ДПМНЕ сака да ги бојкотира изборите!?

АПСОЛУТНА НЕОДГОВОРНОСТ

Ако може да се сумираат причините зошто Црвенковски реши да го легитимира изборот на Иванов, кои ги наведуваат аналитичарите блиски до неформалниот лидер на СДСМ, еве на што тие се сведуваат: прво, тоа Б.Ц. го направил затоа што било подобро за Македонија да избере каков-таков претседател, одошто во текот на кризата што нѐ очекува да се занимаваме повторно со избори и да арчиме пари.

Второ, Црвенковски  и СДСМ сакале да ѝ ја предадат целокупната власт на ВМРО-ДПМНЕ за жешкиот костен на сите македонски проблеми сега да биде комплетно во нејзините раце.

Трето, затоа што ќе било далеку полесно од позиција на старо-нов лидер на СДСМ да се напаѓа Ѓорге Иванов, отколку да се ризикува на таа позиција на овој или оној начин да дојде Срѓан Керим, кој би можел да го засени Црвенковски.

Четврто, затоа што Црвенковски сакал да му го врати долгот на Груевски, кога на претседателските избори 2004-та му го стокми цензусот од 50 отсто со повикот до партиското членство да гласа.

Дел од овие аргументи се демек, државнички, а другите се себични причини што одразуваат личен или партиски политички интерес. Но, иако СДСМ сака да нѐ убеди во првиот, државнички аргумент, дека таа партија никогаш не ѝ го врти грбот на државата и дека за Македонија е подобро да има претседател поради кризата што нѐ очекува, отколку изборите да се повторуваат, како и да нема застој во нашите евро-атлантски интеграции, вистината е поинаква.

Доколку СДСМ и Црвенковски се искрени во своите оценки за оваа власт кога велат дека Груевски државата ја води во безизлез, зашто нема решение за проблемот со името и ја изолира Македонија, тогаш ќе беше подобро за перспективата на нашите евроатлантски интеграции и особено за демократијата, на арогантната власт да ѝ се удри шлаканица, да не ѝ се обезбеди цензусот, а на следните избори таа да понуди покредибилен кандидат, односно граѓаните да ја принудат на подобро решение.

Очигледно, или СДСМ верува дека и со Ѓорге Иванов можеме брзо во ЕУ и НАТО, а од политички причини ја убедува јавноста во својата аргументација за ќорсокакот што нѐ очекува со оваа власт, или флоскулата за да не се губи време и да нема застој во евро-атлантските интеграции не е причината што Црвенковски и дружината решија да го легитимираат кандидатот на власта.

Вториот аргумент на Црвенковски е ступидно политичко оправдување кое сите шампиони на опозицијата го повторуваат деновиве како папагали. Можеме да ги разбереме обичните огорчени членови на СДСМ, но навистина е непријатно изненадувањето кога една Радмила Шекеринска ќе изјави дека со изборот на Иванов сега целата одговорност ќе била кај ВМРО-ДПМНЕ!

Демек, апсолутната власт значела и апсолутна одговорност. А што ќе прави опозицијата – ќе гледа сеир!? Сериозни политичари не даваат такви несериозни изјави. Драматичната изјава – „Господ нека ѝ е на помош на Македонија“, која ја изговори Фрчкоски честитајќи му ја победата на Иванов, не може да го амнестира од неговата лична одговорност зошто ги доведе граѓаните во состојба да се повикуваат на Бога за да ја спаси ситуацијата.

Треба ли на СДСМ воопшто да му се црта дека апсолутната власт може да значи и апсолутна неодговорност, зашто партијата има такво искуство од минатото. Ќе беше државнички да не ѝ се препушти на партијата на власт на така едноставен начин да се добере да раководи со сите државни институции.

Не е работата во тоа, државата да отиде во неврат, за СДСМ и Бранко Црвенковски на граѓаните потоа да им се вратат како спасители.

Логиката – што полошо за државата и народот под оваа власт, тоа подобро за опозицијата – е антидржавна пер се. Свеста за државата бара активен однос од опозицијата во сите моменти на донесувањето на политичките одлуки. Особено за време на изборите. Ако може да се спречи полошото, опозицијата е должна тоа да го направи. А за граѓаните секако е поважно Македонија да се врати на евро-атлантскиот и демократски колосек, отколку СДСМ да се врати во живот, а Бранко Црвенковски на власт.

Од тие причини многу повеќе држи третиот аргумент зошто СДСМ му обезбеди цензус на Иванов – стравот на Црвенковски на некои нови избори да не биде избран Срѓан Керим, кој би можел да ја засени неговата политичка позиција и можноста што му се укажува со Ѓорге Иванов како претседател – по враќањето на кормилото на СДСМ, токму тој да загосподари со алтернативата на владината политика.

На крајот, би било наивно да се поверува дека цензусот за Иванов беше само обична вратка на Црвенковски за поддршката на изборите 2004-та, зашто тоа влегува во доменот на конспиративните теории за наводно сѐ уште важечкиот политички дил меѓу Груевски и лидерот на СДСМ.

Како и да е, сега Црвенковски има чиста позиција. Почнува од нула. Нема ниту локална власт, ниту градоначалници. Има чист терен, директни противници – Груевски и Иванов, а во опозициониот двор речиси и да нема никаква конкуренција. Еј, Бранко Црвенковски да нема конкуренција!? Тој изветвен и прокажан политички лисец!? Ете, тоа е резултатот од овие избори, тоа е политичкиот пустош од тоталната монополизација на власта на ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, постојат и уверувања дека СДСМ се обидел делумно да ги бојкотира изборите (гласовите за Фрчкоски не го докажуваат тоа), но не можел да го контролира теренот до крај.

„НЕВАЖЕЧКА“ ДРЖАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА

Освен тие перипетии околу цензусот, конечно, имаше и 45.000 неважечки гласачки ливчиња кои ги размножуваат сомневањата дека цензусот е силуван. Станува збор за 2, 5 отсто од вкупниот број гласачи или над 6 отсто од излезените, што е огромна бројка и доказ дека луѓето навистина не сакале да го поддржат ниту Фрчкоски, ниту Иванов, но сепак биле принудени на кандидатот на власта да му направат цензус. Од кои причини?

Најмногу неважечки ливчиња има во големите градови, и се претпоставува дека се тоа гласови на вработени во државната администрација, во јавните претпријатија и во локалната самоуправа, врз кои се вршеше постојан притисок за преместување или за губење на работното место, доколку се утврди дека не излегле да го дадат својот глас.

Претседателот на ДИК, Новаковски, дури изјави дека не станува збор за неважечки ливчиња поради грешка, односно за неправилно изразена волја, туку граѓаните сами ги правеле ливчињата неважечки. Има најмногу пречкртани ливчиња или додавани имиња на други кандидати. Навистина чесни избори со чесен притисок на власта да се излезе и да се гласа.

Вториот дел од неважечките ливчиња, пак, сигурно им припаѓа на оние што не знаеле дека можат да гласаат за локалните, но не и за претседателските избори. Немаше вистински упатства на сите избирачки места дека може да се гласа само за локалните или само за претседателските избори.

Мојот личен случај сведочи за промена на упатствата на власта, за разлика од првиот круг. На тој начин, одзивот во местата каде што имаше избор за градоначалник во вториот круг го крена цензусот. Многумина од граѓаните кои не биле определени ниту за едниот ниту за другиот кандидат и веројатно би апстинирале од гласање, сепак зеле ливче, или го пречкртале.

Имаше случаи кога членови на избирачките одбори ги терале гласачите да земат ливче и за претседател и да го пречкртаат. Но власта направи сѐ изборите да успеат. Кампањата на невладината „Излези гласај“, беше особено засилена пред вториот круг. Попусто американскиот амбасадор Рикер, пред гласањето изјавуваше дека граѓаните треба да одлучат дали ќе гласаат и за кого ќе го дадат својот глас. Груевски веќе имаше одлучено дека ќе гласаат, а ако треба и оро ќе играат. Како што е редот, фер и демократски.

Апстиненцијата на албанското гласачко тело во неделата што измина принуди редица аналитичари да констатираат дека поради фактот што ДУИ била најголемиот губитник од овие парламентарни избори – ги загубија градоначалничките места во Гостивар и Тетово, а Струга им виси – затоа, демек и гласачите што таа партија наводно смета дека ги контролира, одбиле да го почитуваат договорот Груевски – Ахмети за взаемна поддршка на претседателските и локалните избори.

Во анализите се величаат гласачите Албанци, чија свест наводно се кренала на толку високо ниво што тие одбиле да бидат контингент-гласачи за остварување на цензусот, според желбите на Ахмети и Груевски. Но работите стојат токму обратно. Нашите информации говорат дека Али Ахмети и неговата команда одлично го контролираат теренот, а апстиненцијата на гласачите Албанци (ДУИ во првиот круг доби 100.000 гласа) е токму резултат на тоа што немале директива дека треба да го поддржат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за претседател. Напротив, имале директива да ги бојкотираат изборите.

Затоа, највисоката цена по овие избори, ако воопшто таква му биде испорачана на Груевски, ќе биде онаа од албанскиот коалиционен партнер. Не може Груевски девет месеци да го понижува ДУИ, како претходно што ја раздрнда ДПА на Мендух Тачи, не може да го форсира Имер Селмани, претставувајќи го за божемен македонски Обама, резултатот од тоа да е намален рејтинг на партијата на Ахмети на локалните избори, појава на силни локални политички фактори кај Албанците, како што е Руфи Османи во Гостивар, а во исто време ДУИ да ги испорача гласовите за Иванов.

Таков пазар не прави ниту луд човек. А Ахмети е свесен дека времето на романтика во власта заврши. Или Груевски ќе почне да испорачува дел од агендата на Албанците, или на следните избори ДУИ веќе нема да постои како партија. Затоа, бојкотот на Албанците сега има смисла само да се забрза некаков нов мајски, јунски и сл. договор или да се отвори евентуална владина криза во која Груевски сепак ќе има предност и ќе ги води белите фигури, зашто тој е апсолутен победник на овие избори. Кризата на легитимитетот на Иванов, поради тоа што Албанците не гласаа за него, за Груевски е помал проблем, отколку во неделата да немаше цензус.

Но Црвенковски не ја следеше таа логика. Тој и Груевски очигледно решија Иванов да стане претседател. Можеби допрва ќе дознаеме зошто. Нека им е со среќа!

Мојот случај
ОБИД ЗА ПОТТУРАЊЕ ЛИВЧЕ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ

На гласачкото место во училиштето Гоце Делчев во Центар, во првиот круг ме прашаа дали ќе гласам за двата вида избори. Овој пат, немаше такво прашање и морав самиот да кажам дека сакам да гласам само за локалните избори, зашто веднаш ми беше поттурен избирачкиот список за претседател. Откако побарав да се запишам само во избирачкиот список за локалните избори, друг член на изборната комисија сепак ми врачи три ливчиња – за градоначалник на Скопје, за градоначалник на Центар, и за претседател на РМ! Му реков – зошто ми дава три ливчиња кога веќе не гласам за претседател. Тој, божем недоветен, повторно се обрати кон своите колешки да ги праша дали сум се запишал во избирачкиот список за претседател! Кога му рекоа дека не сум се запишал, го зеде ливчето назад. Реагирав дека сакаат со притисок да ме натераат да гласам за претседател. Друг набљудувач, пак, во посебна тетратка удираше рецки, кој сѐ не гласал на изборите за претседател. Чесно, фер, мирно, слободно и демократски!

Едно зборуваат, друго мислат
ЕВРОАТЛАНТСКА ИЛИ ЕВРОАЗИСКА ИНТЕГРАЦИЈА

Сите оние непоправливи оптимисти кои веруваат во флоскулите дека по оваа изборна победа власта ќе се посвети на евро-атлантските интеграции, дека ќе зајакне нашата европска иднина и слични фрази – зборови на Груевски и Иванов, да ги потсетиме на реакцијата на Тодор Петров, лидер на Светскиот македонски конгрес, октроиран кандидат на претседателската конвенција на ВМРО-ДПМНЕ, кој загуби од Иванов, што ја даде веднаш по неделните избори.

Во своето патетично обраќање, Петров покрај евро-атлантската интеграција за Република Македонија наведе и друг приоритет – евро-азиска интеграција со Русија, Кина, Индија, а особено енергетското поврзување со Русија.

Ништо не е случајно. Ѓорге Иванов го најави Петров како еден од своите советници во претседателскиот кабинет, а со својот СМК, тој минатата година стигна и во Москва, кај Владимир Путин. На сето тоа во прилог му одат и првите честитки до Иванов кои пристигнаа од рускиот претседател Димитриј Медведев и од српскиот Борис Тадиќ. Не сакаме, се разбира, со тоа ништо да асоцираме и да прејудицираме. Но добро е што има и такви искрени луѓе како Тодор Петров, кои всушност отворено зборуваат за геостратегиските позиции и за надворешно-политичките патеки по кои планира да врви и да нѐ одведе актуелната власт. Но, подобро тоа, отколку да ни мафта пред носот со некаква агенда за наше скорешно НАТО и ЕУ интегрирање. Тоа е барем, чесно.

Поврзани новости