ЕКСКЛУЗИВНИ ДЕТАЛИ ОД НЕУСПЕШНАТА ОПЕРАЦИЈА ЗА ВРАЌАЊЕ НА ГРУЕВСКИ: Рамковен службеник од „огнените“ ја пробил тајната средба на Водно!

Најновиот број на неделникот „Фокус“ објавува досега непознати информации во врска со обидот за враќање во земјава на поранешниот премиер Никола Груевски, како и за причините за пропаѓање на оваа компликувана предизборна операција. Притоа, откриваме ексклузивни детали за начинот на кој била документирана и разоткриена „тајната“ средба во претседателката вила на Водно, како и за содржината на нон-пејперот произлезен од Кале. Која била основната цел на фамозните измени на Кривичниот законик и зошто бил одбран Врховниот суд како дел од планот за враќање на „бегалецот“ од Будимпешта“?

by Фокус

„Фокус“ обезбеди информации од повеќе релевантни политички и дипломатски извори, која е целата вистина околу неуспешниот план за враќање на Никола Груевски, вклучително и за фамозната средба во претседателската вила на Водно. На оваа средба, одржана лани во март, присуствувале Стево Пендаровски, Димитар Ковачевски, Али Ахмети, Бојан Маричиќ, Артан Груби, Бујар Османи, Анџела Агелер и Дејвид Гир. Притоа, Ахмети посочил дека Груевски може да се врати на 2 начина – преку помилување од претседателот или преку судовите. Всушност, ова бил најсензитивниот дел на средбата, кој бил пробиен од страна на рамковно вработен административец. Додека траеле „тајните“ разговори, ова лице влегло во кабина на преведувач, успеал да го сними разговорот со телефон и на крајот снимката му ја предава на Блерим Беџети, кој тогаш е дел од „огнената група“ во ДУИ. На тој начин, содржината од аудиоснимката, претходно симната на хартија, завршува во раце на Христијан  Мицкоски, бидејќи во тоа време „огнените“ се во конфликт со Груби, Османи, па и со Ахмети. Откако Пендаровски одбива да го помилува Груевски, а Ковачевски на средба со Ентони Блинкен во САД вели дека без нивна помош не може да се истуркаат уставните измени, од амбасадата на САД излегува нон-пејпер, кој, меѓу другото, предвидува активирање делови од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Иако не бил конкретно споменат, очигледно се алудирало на Груевски, поради кој практично се донесени измените на Кривичниот законик, со цел да се охрабри да почне да дејствува уште од Будимпешта. Меѓутоа, тој барал целосно чиста ситуација за да може да се врати во земјава по што ДУИ почнува да ја турка амнестијата на Ѓорге Иванов преку Врховниот суд. Сепак, интегративците прават лоша проценка дека ќе придобијат доволен број врховни судии, па целата работа почнува да се компликува и да излегува од контрола и на крајот – операцијата пропаѓа, а своја улога и придонес за тоа имале и Зоран Заев и Виктор Орбан. По излегувањето на оваа сторија во неделникот „Фокус“, се огласи албанската владејачка коалиција ВЛЕН, која селективно презентираше дел од објавените информации, по што реагираше опозициската ДУИ, но тоа повеќе претставуваше реакција кон политички противник, отколку уверлив демант на изнесените наводи. Засега, останатите споменати актери и субјекти молчат!

Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Кон крајот на август 2018 година (14.8.2018), „Фокус“ објави сторија со наслов „Дали власта ќе му дозволи на Груевски да избега во Унгарија ако пратеници на ВМРО-ДПМНЕ го поддржат договорот за името?“. Само 3 месеци подоцна (13.11.2018), Никола Груевски се огласи на Фејсбук дека е во Будимпешта, најавувајќи дека ќе побара азил поради политички прогон во земјава.

Во последните неколку денови примив безброј закани по мојот живот. Јас сум во Будимпешта сега и побарав политички азил од унгарските власти. Секогаш ќе останам верен на каузата на Македонија. Никогаш нема да отстапам“, напиша тогаш Груевски по што го доби бараниот политички азил и, оттогаш до денес престојува во унгарската метропола.

Кон ваквиот потег на поранешниот премиер претходеше правосилна судска одлука, според која Груевски мораше да замине на отслужување затворска казна за случајот „Тенк“, поврзан со незаконска набавка на службен мерцедес. Но, се случи и уште една работа. Во наведениот меѓупериод почна процесот за уставните измени, со цел промена на државното име согласно Преспанскиот договор со Грција.

Како што е познато, Груевски не гласаше за „Северна“, но уставните измени немаше да бидат возможни ако за нив не гласаа осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Поточно, Груевски беше присутен во земјава кога Собранието со 80 пратеници донесе одлука за пристапување кон промена на Уставот во октомври (20.10.2018), но веќе беше избеган кога на почетокот на следната 2019 година (11.1.2019) беа изгласани уставните амандмани.

На тој начин, се потврди информацијата и тезата што ги пласиравме неколку месеци порано, чија суштина беше во тоа дека тогашната власт ќе му дозволи на Гревски да ја напушти државата и да се спаси од затвор, во замена за поддршка на вмровски пратеници на уставните измени, што ни овозможи членство во НАТО. Иако текот на настаните сугерираше дека Груевски бил пуштен од државата, сепак, тоа официјално никогаш не беше потврдено. Напротив, ниту една од вклучените страни тоа не го призна, а одговор не даде ниту истрагата.

За потсетување, беше отворена истрага во рамки на Јавното обвинителство. И покрај тоа што тогашната власт и водечките претставници уверуваа дека ќе стане познато како Груевски побегнал, истрагата беше затворена без да бидат утврдени сите елементи и аспекти, а уште помалку – да бидат лоцирани луѓето што му помогнале или му дозволиле на поранешниот премиер да излезе од државава, да мине неколку граници и на крај да стигне до конечната дестинација – Будимпешта.

Притоа, првата држава во која Груевски влегува е Албанија, од каде што преку Црна Гора и Србија стигнува до Унгарија. Одредени медиуми пишуваа дека логистика на Груевски му пружил тогашниот албански претседател Илир Мета, кој сега е опозиционер и се наоѓа под кривичен прогон. Дали било така или не, исто така никогаш нема формално да се потврди, но индикативно е што македонските истражни органи не добиваа снимки од Албанија, додека ВМРО-ДПМНЕ јавно го ословува Мета како „голем пријател на Македонија“.

„Никогаш не се сомневам во победата на овој прекрасен тим, со карактер и многу визија. Ги преживеаја најсуровите прогони, но никогаш не се откажаа и победија. Разговаравме и за важноста на изградбата на Коридорот 8 и со задоволство ги слушам новитетите од нивната економска програма. Убеден сум дека ВМРО под водство на Мицкоски ќе биде најдобар пример како една партија му служи на својот народ и како ги цени, почитува и засилува граѓаните“, напиша Мета по неодамнешната средба со премиерот Христијан Мицкоски во Охрид.

Според новите сознанија до кои дојдовме, домашните органи го утврдиле идентитетот на двајца припадници на унгарската тајна служба што учествувале во извлекувањето на Груевски, кој, како што рече во една пригода неговата некогашна блиска соработничка Гордана Јанкулоска – сигурно заминал како господин. Арно ама, остануваат отворени неколку прашања: Зошто Груевски не доби притвор до последниот ден пред заминување на одлежување на затворската казна; зошто надлежните не реагирале кога виделе дека повлекува пари од сметка; зошто сите молчеле кога сфатиле дека од него нема ни трага, ни глас?

Според извори од безбедносните служби, еден од обезбедувачите од МВР што му биле доделени на Груевски до својот претпоставен на највисоко хиерархиско ниво испратил порака дека Груевски никаде го нема. Очигледно, оваа порака од највисоко полициско стасала и до највисоко политичко ниво. Но, одговорот што „од горе“ бил проследен до обезбедувачот на Груевски гласел: „Ако не ве бара, остајте – не го барајте!“.

Во однос на оваа тема, многу години подоцна, во интервју за „Фокус“ проговори актуелниот пратеник од опозицискиот Европски фронт предводен од ДУИ, Зијадин Села, кој соработуваше со СДСМ, а за време на политичките промени во 2017 година беше во коалиција со Заев. Патем, пратениците на неговата Алијанса за Албанците беа клучни за формирање ново парламентарно мнозинство, а на „крвавиот четврток“ во парламентот на 27 април 2017 година Села плати најголема цена, од причина што беше крвнички претепан и одвај спаси жива глава.

На Заев му требаше Груевски да избега како што избега за да падне неговиот рејтинг кај граѓаните и пред неговото членство. Мислам дека тоа му отвори пат на Груевски да избега, зашто многу држави треба да се поминат, не е толку едноставна таа работа за таква политичка фигура – рече Села пред повеќе од еден месец, додавајќи дека Груевски избегал во Унгарија со знаење на Заев, кој во него гледал проблем поради високиот рејтинг, без оглед што во тој период против него се покренуваа кривично-правни постапки.

НА СИТЕ ИМ ОДГОВАРАШЕ БЕГСТВОТО

Кон ова изјава на Зијадин Села, жестоко реагираше поранешниот премиер Зоран Заев, кој употреби исклучително тешки зборови, кои може да се толкуваат како искрен израз на револт или, пак, како нервоза, бидејќи, народски кажано, си ја има мувата на капата. Во реакцијата, Заев рече – Македонија е остров на рационалност, ама и океан на лудило и забеганост. Дополнително, тој ни изјави:

„Колку треба човек да е желен за власт за да може да каже вакви забегани и налудничави работи. Зар има нормален човек кој може да поверува дека Зоран Заев може да биде против СДСМ? Повеќе од 9 години сум бил претседател на СДСМ и повеќе од 7 години потпретседател на СДСМ. Со мене на чело двапати ја донесовме СДСМ на власт. Нема потреба да потсетувам што сѐ сум поминал јас и моето семејство, како и многу други истомисленици од „раката“ на ВМРО-ДПМНЕ во последните 25 години.

Доволно е 27 април 2017-та само да го споменам. Човек што може да истреска такви забегани и налудничави работи, не е достоен ниту да биде тужен од мене. Тој човек другите го знаат веќе каков е, ама добро е и сам себе да се погледне и да заклучи дали треба или не треба да се занимава сѐ уште со политика. Ако замина и повторно се врати во политика за да зборува вакви небулози, подобро за него ќе беше да не се враќа никогаш повеќе во политика.

Кога го читав тоа што го изјавил за мене, си помислив дај Боже да не е човекот ваков од пресилните удари од вмровците инструирани и организирани од Груевски на 27 април 2017 година. И по 3 години како сум заминат од политика, моето име и името на моето семејство вмровците го напаѓаат повеќе отколку на двајцата претседатели на СДСМ што се по мене“.

Како и да е, Заев многу потешко може да побегне, ајде да не речеме од фактот дека му дозволил на Груевски да ја напушти земјава, туку од перцепцијата е виновник за таквиот исход, сеедно дали тоа било свесно, со знаење, или пак – со недејствување. Ако ние сме добиле веродостојна информација дека Груевски планира бегство во Унгарија, која била и јавно публикувана, тогаш дефинитивно и Заев и неговите соработници имале таква дојава. Па, ако тие не биле дел од процесот, тогаш зошто замижале наместо да спречат вакво сценарио?

Од денешна перспектива, произлегува дека во тоа време некако на сите им одговараше Груевски да го нема. Освен на тогашната власт на Заев, кој, според кажувањата на Села, сакал Груевски за избега за да му падне рејтингот, корист од тоа имаше и ВМРО-ДПМНЕ со нов лидер и раководство. За потсетување, Мицкоски и Александар Николоски за предавството околу уставните измени не го вперија прстот кон Груевски, туку кон неговиот братучед Сашо Мијалков, а исклучен беше и Никола Тодоров.

Но, што се случи во меѓувреме? Во меѓувреме, целосно се изместија картите на политичката сцена, бидејќи се поместија позициите и се променија интересите, како надоаѓаше нов проблем чие премостување повторно бараше двотретинско мнозинство во парламентот. Станува збор за обврска од т.н. „француски предлог“, кој се преточи во преговарачка рамка со ЕУ. А, обврската предвидува нова промена на Уставот, овојпат со цел внесување на Бугарите во Преамбулата, како и на уште неколку етнички заедници.

Ако уставните измени според Преспанскиот договор се случија, обврската за уставни измени според „францускиот предлог“ никогаш не се реализираше, бидејќи неопходната поддршка за двотретинско мнозинство не ја обезбеди опозициската коалиција околу ВМРО-ДПМНЕ. Но, вреди да се напомене дека пратеничкиот состав кога се одлучуваше за „Република Северна Македонија“, беше избиран во време на Груевски, додека пратеничкиот состав, кога на дневен ред беше темата „Бугари во Уставот“, беше избиран од Мицкоски. Зошто се битни оваа хронологија и овие податоци?

Едноставно, тоа е неопходно за да се разбере како се одвивал процесот на бегство на Груевски, и уште поважно – како потоа почна да се заговара обратен процес за негово враќање? Кои актери учествуваа во операцијата за камбек на Груевски, што тие преземаа за да го вратат бегалецот во земјава и зошто впрочем пропадна овој план? Откриваме досега непознати детали кој го режирал, а кој го спроведувал овој план, како и кој ја пробил и саботирал цела операција.

Пред да почнеме изнесување ексклузивни детали, мора да потсетиме дека „Фокус“ во ноември 2022 година (24.11.2022) објави сторија со наслов: „Власта чека помош и од Груевски за уставни измени, ќе заигра ли пак ножот во грб во опозицијата?“. Меѓу другото, објавивме дека тогашната власт и меѓународната заедница „активно работат на обезбедување двотретинско мнозинство за уставни промени, при што активирани биле комуникациски канали и со Груевски, кој бил посетен од функционер на ДУИ“. Тогаш, Груевски ја демантираше оваа информација, но подоцна времето го демантираше него.

Поточно, тајноста на она што се случувало зад кулисите почна да се разбива, откако лани во септември, тогашното парламентарно мнозинство на СДСМ и ДУИ влезе во изненадувачка операција за измена на Кривичниот законик, со што се скратија казните за „злоупотреба на службената положба“ и на тој начин се овозможи побрзо застарување на овие дела. Веднаш откако беа предложени овие измени во ниедно време и по скратена постапка, се постави прашањето – зошто на власта ѝ е потребно да си пука во нога во ваков непопуларен потег, кој значи своевидна амнестија на криминалот?

Иако СДСМ и ДУИ се правдаа дека се работи за усогласување со европските законодавства, со цел поголема ефикасност во судските постапки и олеснета конфискација на нелегално стекнат имот, и врапчињата беа свесни дека заднината беше друга, дотолку повеќе што и Венко Филипче подоцна призна дека овие законски измени биле грешка. Како опозиција, ВМРО-ДПМНЕ обвини дека целта е да се изврши тивка амнестија на владејачки функционери, а ВЛЕН истакна дека крајната цел била да се амнестира Груевски во замена за поддршка на уставните измени.

ПОМИЛУВАЊЕТО ОТПАЃА ОД ИГРА

Во таква зовриена атмосфера, за првпат на отворена сцена се судрија Христијан Мицкоски и неговиот претходник Никола Груевски. Независно што Груевски во заднина работел со, условно кажано, другата страна, прв кој јавно го отвори конфликтот беше Мицкоски, откако во германски „ФАЦ“ го обвини дека е во тајна комуникација со власта. Ниту Груевски не остана покус, па му врати на неговиот наследник дека предизвикува раскол во партијата.

Инаку, јавната конфронтација на релација Мицкоски – Груевски извади на површина тешки обвинувања за валкани дилови и двојни игри во однос на процесот на уставните измени, меѓутоа не изостанаа ниту ниски удари меѓу некогашните блиски соработници, кои меѓусебно си упатија закани и лични навреди. Откако Мицкоски прво го обвини во „ФАЦ“, потоа во гостување на „Алсат“, рече дека Груевски бил полн со омраза, самобендисаност и лични фрустрации.

Одговарајќи на прашањето дали клучниот доказ за наводната соработка на Груевски со власта е стенограм од средба кај претседателот Стево Пендаровски, каде што власта наводно барала амнестија на поранешниот премиер за да помогне за уставните измени, Мицкоски рече: „Има некои политичари кои секогаш се прават дека се отсутни од времето, кои се обидуваат поради голема фрустрација и самобендисаност да ги навредуваат останатите. И тоа го прават со помош на ниски страсти, на еден примитивен начин. Такви имало, има и ќе има во иднина. Тоа што имав да кажам за оската СДСМ-ДУИ-Груевски го кажав гласно.

Јас тој потег не го направив зашто така ми текнало, туку врз база на анализа, информации и докази што ми стигнуваат со месеци. Нема да ги коментирам сите понижувања. Суштината е што го натерало Груевски да оди на тајни средби и што е тоа што го натерало да биде дел од оваа оска што ја предводи Али Ахмети, со структура на СДСМ. Што е тоа што го фрустрира Груевски, па да го слушаме она во оние статуси што изобилуваат со граматички и печатни грешки и со многу омраза, гнев, лична фрустрација“.

Во рамки на оваа вербална војна, ниту Груевски не остана должен. Првично, негираше дека има комуникација со власта, дури истакна дека не поддржува уставни измени и не контактирал ниту еден пратеник за да го убедува да ги поддржи во замена за амнестија. Понатаму, го нападна неговиот наследник дека не го бивало за политика и раскажа една случка колку на Мицкоски му паднало тешко кога му соопштил дека дава оставка по поразот на локалните избори во 2017 година, што, според Груевски, било лицемерно и одвратно однесување.

„На тој човек не верувам дека некој поголеми добрини во животот му направил, освен родителите. Барем така ми велеше додека бев таму на неговата сегашна позиција, и кога му соопштив дека ќе давам оставка во партијата, а тој ми одглуми некакво бришење солзи, со очилата во едната рака. Нормално е во една таква ситуација, на прикажување таква одвратност и негативност кон мене, секој паметен политичар од другата страна да размислува да ги искористи комплексите, нечовечноста и егото на актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ“, напиша Груевски.

Но, Груевски не застана тука. Откако Мицкоски во контекст на соработката на Груевски со власта спомена УСБ што го добиле Ахмети и Талат Џафери, а Николоски покажа стикче, тврдејќи дека на него ги имало измените на Кривичниот законик, Груевски им врати: „Јас до 19 септември, еден збор јавно не сум кажал против ВМРО, иако со многу нивни политики не се согласувам. Но, јавно не кажувам за да не направам штета. И сега многу внимавам. Толку работи можам да му одговорам на Александар да не може да се отплетка со месеци. И на Христијан. Па, да се занимаат само со мене, да не знаат што ги снашло“.

Потоа, Груевски додаде дека доколку Мицкоски и актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ решиле да се занимаваат со него до следните избори, тогаш тој е тука. Еден ден подоцна, пак, Мицкоски одби да го коментира Груевски, истакнувајќи дека веќе кажал сѐ што има да каже на оваа тема. Така, колку брзо експлодираше оваа тензија меѓу Груевски и Мицкоски, толку брзо таа спласна, па двете завојувани страни, од навидум непознати причини, ги закопаа воените секири. Сепак, истовремено темата жива ја држеше тогашната опозициска коалиција ВЛЕН, која по изборите влезе во владејачка коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

Во таа насока, еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити, изјави дека за амнестија на Груевски се преговарало во кабинетот на Пендаровски на 9 мај – Денот кога се слави победата над фашизмот и Денот на Европа. Откако Пендаровски го негираше тоа, Меџити се обиде да се коригира, па во друга пригода рече дека овие преговори се одвивале на Денот на НАТО – 4-ти април. Според него, јавна тајна е дека одамна има соработка меѓу ДУИ и Груевски и воедно праша – зошто Груевски избегал во Будимпешта преку Албанија, а не преку Србија?

На денот на НАТО, високи експоненти на ДУИ бараа и го молеа претседателот по секоја цена да го врати Груевски доколку сака земјата да има перспектива.Зошто Груевски, наместо од Македонија, преку Србија да стигнеше во Унгарија, отиде преку Албанија? Само го отворам ова како дебата. Другата дилема е зошто Мијалков е баш во затворот со кој управува ДУИ – рече Меџити, истакнувајќи дека не е точно оти некој од опозицијата побарал од Пендаровски да го помилува Груевски, туку тоа го направиле владејачките партии.

Што се однесува до Пендаровски, тој лани есента потврди дека бил консултиран за помилување на Груевски пред 7-8 месеци на неформално ниво од, како што рече, некои актери од политичката сцена. Но, сепак, јасно предочи дека нема намера да го помилува експремиерот, бидејќи, според него, тоа би било уривање на правната држава, а не последните измени на КЗ, кои и самиот ги потпиша.

Да бидам и поексплицитен – на едно неформално ниво пред 7-8 месеци, некои актери од политичката сцена ме консултираа околу таа можност (помилување на Груевски), што мислам за таа можност, и реков децидно дека тоа не би го направил никогаш, бидејќи тоа би било рушење на правната држава. Таков тип на милосрдие стои во Уставот, но не мислам дека сум султан или монарх во оваа држава. За такви кривична дејанија самиот да пресудувам и да решавам што е право, а што не е. Има судски постапки… – рече Пендаровски.

КОЈ Е КРТОТ НА ВОДНО?

Набргу потоа, тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара од Стево Пендаровски да открие кој барал амнестија по што тогашниот шеф на државата рече дека политички и безбедносни структури блиски до ВМРО-ДПМНЕ преку посредници му упатиле „предлози да размисли, а помилување на одредени политичари или да поддржи закон за амнестија на актуелни или поранешни политичари“. Кон тоа се надоврза ДУИ преку Артан Груби, кој изјави:

„Претседателот на државата Пендаровски, на еден од претходните состаноци, на кои ги разгледувавме сите можности за да го продолжиме интеграцискиот пат на нашата земја, како и успешната реализација на уставните измени, нѐ информираше дека високи експоненти од раководството на ВМРО-ДПМНЕ му имаат испратено пораки и барања, да ја разгледа можноста да го амнестира Груевски“.

Оттука, уште тогаш, односно кон крајот на ланската 2023 година, немаше дилеми дека имало средба на која во присуство на Пендаровски се воделе преговори или консултации во врска со помилување на Груевски. Единствено, имаше различни тврдења околу тоа кој присуствувал на средбата и кој барал амнестија на Груевски, кој, пак, пишуваше дека разбрал оти „крунскиот доказ“ на Мицкоски против него бил „некој наводен стенограм од средба на власта кај Пендаровски“, каде што, според него, си правеле „крчма без крчмар“.

Не знам дали копијата од тој документ е реална, односно дека не е фалсификувана и подметната, но дури и да не е, некој треба да му каже на Мицкоски дека ако јас сакав да се пазарам, имав неколку прилики уште додека бев во Скопје, но ги одбив. Таа дискусија, ако постоела, можно е да е мотивирана од фактот што раководството на ВМРО-ДПМНЕ, а, пред сѐ Мицкоски, во многу наврати јавно говори дека ако тој станел премиер, ќе ме апсел.

А дека тоа навистина го посакува е фактот, не само што нема никаков контакт со мене веќе пет години, туку сѐ најлошо говори на сите за мене, лаже, подметнува, раскажува невистини со голема омраза кон мене, им зборува на луѓе дека тој ќе ме донел во Идризово, изразува нетрпение и видлива фрустрација што воопшто постојам и што сум жив. Очигледно, тој би бил најсреќен да ме удри некој трамвај во Будимпешта“, напиша тој.

„Фокус“ обезбеди информации од релевантни политички и дипломатски извори која е целата вистина околу планот за враќање на Груевски, вклучително и за фамозната средба во претседателската вила на Водно каде што било отворено ова прашање. Точно е дека се остварила таква средба, но таа не се одржала ниту во мај како што првично тврдеше Меџити, ниту во април како што подоцна се коригираше, туку на крајот на март ланската 2023 година.

Оваа средба била организирана од Пендаровски, но била инспирирана од тогашниот премиер Димитар Ковачевски, кој побарал од претседателот да свика состанок во поширок формат. Покрај Пендаровски и Ковачевски, на средбата присуствувал и тогашниот вицепремиер за евроинтеграции Бојан Маричиќ, првиот вицепремиер Артан Груби, министерот за надворешни работи Бујар Османи, лидерот на ДУИ Али Ахмети. Тука биле и сѐ уште актуелната амбасадорка на САД Анџела Агелер, како и тогашниот евроамбасадор Дејвид Гир, кому во меѓувреме му заврши мандатот.

Според информациите до кои дојдовме, на средбата било отворено прашањето за враќање на Груевски, за што најдиректен бил Ахмети, кој децидно рекол дека само тој има доволно габарит и потенцијал за му направи штета на ВМРО-ДПМНЕ како противник на уставните измени, а со тоа и на процесот на евроинтеграции. Всушност, целта на неговото враќање било прво ВМРО-ДПМНЕ да остане во опозиција, а по изборите, со заеднички сили, да се влезе во процес на уставни измени.

Покрај тоа, Ахмети, во неколку наврати, пред блиски соработници во партијата и во владата велел дека не знаел што Груевски носи во душата, меѓутоа не видел кај него омраза кон Албанците. Наспроти тоа, за Мицкоски сметал дека е изворен националист и антиалбански настроен, па дури и предупредувал дека би бил опасен за државата доколку дојде на власт. Во тој контекст, треба да потсетиме на едно негово гостување во „360 Степени“, каде што зборуваше позитивно за Груевски.

Албанците не го сакаа Груевски зашто се создаде таква медиумска атмосфера во минатото. Ако еден човек се напаѓа медиумски секој ден, така се создава перцепција. Но, Груевски беше премиер на оваа држава 10 години, тој бил премиер и на Албанците, да не бидеме егоисти, да бидеме рационални, зашто како прво сме луѓе. Сега да шириш омраза… – рече Ахмети, додавајќи дека СДСМ преку медиумите ја создал негативната перцепција за Груевски, а прислушуваните разговори што ги обелодени Заев создале голем хаос.

Говорејќи на тема Груевски, Ахмети на фамозната средба на Водно рекол дека тој може да се врати на 2 начина. Првиот начин бил помилување од страна на Пендаровски, кој веднаш ја отфрлил таквата можност, веројатно не сакајќи да влезе во историјата како човек што помилувал осуден криминалец, во чие време, патем речено, Македонија стана заробена држава, со поклопени институции и медиуми, поради што отпочна и „шарената револуција“. Втората можност за враќање на Груевски, рекол Ахмети, е преку „наши луѓе“ во судовите.

Фактички, ова бил најсензитивниот дел на средбата, каде што се разговарало и за многу други теми и прашања. Арно ама, токму овој сегмент бил документиран и изнесен надвор од кругот на лицата што учествувале на „тајната средба“. Според сознанијата до кои дојдовме, тоа се случило на начин кој во некое идно време може да биде искористен како сценарио за снимање на филм. Кој е „кртот“ што ја пробил средбата, како го сторил и тоа и како до содржината на разговорот дошла тогашната опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ?

СНИМКА И ИЗВЕШТАЈ ОД ТАЈНАТА СРЕДБА

По потпишувањето на Рамковниот договор, се донесе таканаречена К-5 Програма, преку која се вработуваа припадници на „помалите“ етнички заедници, главно Албанци, со цел да се исполни начелото за рамномерна и правична застапеност во администрацијата. Овие лица се вработуваа во тогашниот Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор, кој подоцна се трансформираше во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Зошто е важно ова и каква врска има со претходната тема?

Откако на власт дојдоа СДСМ и ДУИ, отпочна долгонајавуваниот процес на прераспределба на овие „рамковни административци“ од Секретаријатот, односно Министерството, во институциите каде што има потреба за свеж кадар. Па така, еден од нив бил распределен и во кабинетот на поранешниот претседател Пендаровски. Немајќи што реално да работи, нему му била доверена задача да дејствува како протокол, односно да пречекува и спроведува гости.

Токму ова лице, вработено по К-5 Програма и прераспределено во претседателската вила на Водно, ги пречекувало и спроведувало гостите лани на крајот на март, кога се одржала средбата во веќе споменатиот состав, на која било разговарано и за враќање на Груевски во контекст на уставните измени и одржување на европската перспектива. Зошто ова лице се покажало како клучно за пробивање на содржината на разговорот, особено на најинтересниот дел околу Груевски?

На оваа средба, сите комуницирале на англиски јазик, меѓутоа домаќинот морал да обезбеди превод на албански јазик поради Ахмети. Затоа, биле обезбедени двајца преведувачи од претседателскиот кабинет, кои ја следеле средбата и вршеле превод од 2 кабини. Арно ама, споменатиот рамковно вработен административец во еден момент влегува во кабината на едниот преведувач и без никој да го забележи, го остава телефонот вклучен на снимање. Некаде по половина час, тој повторно влегува и си го зема телефонот, исто така без никој да го забележи.

Што се случува потоа? Ова лице било блиско до сарајскиот огранок на ДУИ и до тогашниот градоначалник на Сарај од ДУИ Блерим Беџети, кој сега е пратеник. На тој начин, снимката направена од претседателската вила преку административец ангажиран за протоколарни работи стигнува до Беџети. Тогаш, содржината од аудиоснимката се симнува на хартија и практично така настанува тој таканаречен „стенограм“ за кој говори и Груевски како наводен „крунски доказ“ против него.

Но, сега се поставува прашањето како овој документ или извештај од крилото или огранокот на ДУИ во Сарај стигнува до ВМРО-ДПМНЕ, ако се има предвид дека лидерот на ДУИ е главен заговорник на процесот? Одговорот на ова прашање лежи во фактот што Беџети во тоа време е еден од предводниците на „огнената група“ во ДУИ, која бараше смена на Груби, Османи и други министри, но Ахмети не им го исполни барањето. Оттука, сосема разбирливо е како и зошто овој извештај стигнува до Белата палата.

Исто така, дел од „огнената фракција“ во ДУИ беше и Меџити, кој подоцна формираше нова партија и по изборите стана дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Но, тоа не го стори Беџети, кој се врати во старото јато во ДУИ и денес е најистурен играч на партијата во Собранието. Сепак, да биде иронијата поголема, токму Беџети имал улога во пробивање на тајната средба за враќање на Груевски преку свој човек во претседателскиот кабинет, кој тогаш го документирал и пренел разговорот.

Во врска со овој 30-годишник, има една анегдота. Тој бил многу активен на социјалните мрежи, поради што службите во претседателскиот кабинет го замолиле да внимава што објавува, за да не се наруши дигнитетот на институцијата. Тој рекол дека не го сака Ахмети, но ќе го стори тоа бидејќи го почитувал Пендаровски. Но, подоцна тој пробива неформална средба во организација на претседателот, правејќи му штета нему, на владата и на ДУИ, за на крај да учествува во изборната кампања на ДУИ откако неговиот ментор Беџети се врати во партијата?!

Иако државната безбедност спровела истрага, утврдила што се случило и го лоцирала лицето, сепак, против него никогаш не е поднесена кривична пријава. Зошто? Затоа што ако случајот се процесуира институционално до крај, тогаш немаше да има простор да се прави смут во јавноста преку обиди да се рашири малку поинаква вистина или, пак, фактичката состојба да се прикаже од посакуван агол. Туку ќе мораше да се откријат сите аспекти, а еден од нив е и вмешаноста на меѓународната заедница, која подоцна уште поактивно ќе се вклучи во процесот. Што значи тоа?

Набргу по средбата, Мицкоски го добива овој документ и тоа во април го предочува на средба со амбасадорката на САД Агелер, која веќе е информирана и од власта дека средбата била пробиена. По сѐ изгледа, тоа на Калето било оценето како неспособност соодветно и доверливо да се организира чувствителна средба. Потоа, кога највисоките државни претставници оделе на средби во американската амбасада, биле замолувани да ги остават телефоните надвор.

Нејсе, во тој април веројатно сите се занимавале со пробивањето на тајната средба и никој не предложил план како да се спроведе враќањето на Груевски, во ситуација кога Пендаровски одбива да направи помилување како најлесен начин. Во таква ситуација, на почетокот на мај доаѓа посетата на Ковачевски на САД, каде што тој прво се обрати на отворената седница на Советот за безбедност на Обединетите нации во Њујорк, а потоа имаше и обраќања на приемот во ОН по повод 30 години од членството на Македонија.

Од Њујорк, Ковачевски отпатува за Вашингтон, каде што беа предвидени средби со специјалниот претставник на САД за Западен Балкан и заменик-помошник државен секретар на САД Габриел Ескобар, со заменик-советникот за национална безбедност на САД Џонатан Фајнер, со советникот на државниот секретар на САД Дерек Шоле, како и со повеќе сенатори и конгресмени. Тој одржа средба и со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, која е исклучително важна и за понатамошниот тек на настаните на домашен план.

„НАПРАВЕТЕ ШТО ТРЕБА ДА ИМ ПОМОГНЕТЕ“

За време на оваа посета, Ентони Блинкен му рече на Димитар Ковачевски дека САД гледаат цврст пријател во Македонија, која е многу ценет сојузник во НАТО. Исто така, Блинкен порача дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Македонија „во нејзините следни чекори, високо ценејќи ги досегашните храбри и мудри одлуки во насока на обезбедување просперитетна иднина во рамки на ЕУ и НАТО“. Згора на тоа, тој ја пренел и силната поддршка на претседателот Бајден, со надеж дека земјата ќе ги искористи можностите што се пред неа.

Од друга страна, Ковачевски оцени дека се работи за „клучна средба која испраќа порака до земјите“. Со многуте реформи во правосудниот систем, безбедносниот, економскиот и полицискиот сектор, додаде тогашниот македонски премиер, Македонија е пример за другите. САД секогаш испраќаат силни пораки за важните одлуки, рече тој и потоа говореше и за процесот за промена на Уставот, истакнувајќи: „Сите тешки одлуки се дел од нашата стабилност и иднина. Ние сме членка на НАТО и почнавме преговори со ЕУ во најтешкиот период“.

Според доброупатени извори, во неофицијалниот дел од средбата, Блинкен го прашал Ковачевски како оди процесот на уставните измени, како предуслов за напредување кон ЕУ, пат на кој високиот функционер на САД нагласил дека нѐ поддржуваат, секако, со зачувано достоинство и идентитет. Ковачевски одговара дека „работата оди тешко“ и дека без помош од САД тешко ќе се истурка. Тогаш, Блинкен се обраќа до амбасадорката Агелер и до помошник-државниот секретар за Европа и Азија, Џејмс О Брајан, велејќи: „Направете сѐ што треба да им помогнете“.

Има понуда на маса. И ако сакате да знаете за некого кој е и како ќе постапува кога ќе биде на власт, видете како ќе реагира на таа понуда. Ако тие велат, на многу јасен начин, еве ја алтернативата и верувам дека таа е прифатлива за другите, тогаш можете да процените дали се во право или не. Ако велат – имам подобра понуда, но нема сега да ви кажам што е – тоа е личност од која не би купиле автомобил. Па, мислам и дека не би требало да гласате за нив, исто така – изјави подоцна споменатиот О Брајан, кој недвосмислено ги советуваше граѓаните да гласаат за тогашната владејачка структура.

Но, како дојде до тоа? Веднаш по насоката или налогот на Блинкен, топката се префрла на домашен терен, а за кратко време се прави голем чекор напред, кога од Амбасадата на САД излегува нон-пејпер, кој потоа им бил претставен на домашните политички фактори. Впрочем, овој документ бил своевиден план како да се дејствува со цел обезбедување двотретинско мнозинство за внес на Бугарите во Уставот, бидејќи тоа е неопходно за отворање на преговарачките поглавја, веднаш по одржување на првата меѓувладина конференција и завршување на скрининг-процесот.

Во овој нон-пејпер било наведено дека треба да се гради наратив дека вратата на ЕУ се отвора сега и којзнае кога, како и да се работи на „освестување“ на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и други партиски структури околу важноста на евроинтеграцискиот процес, особено во поширок контекст на можноста за дестабилизација по руската воена интервенција во Украина. За таа цел, било пропишано да се дејствува директно врз пратениците, но и преку градоначалниците, Унијата на жени…

Токму тогаш, многу влијателни вмровци беа почестени со средби со битни меѓународни фактори во земјава, додека некои заминаа и на посета во САД. На пример, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен министер за одбрана, Владо Мисајловски, во лани во септември, на покана на Амбасадата на САД учествуваше на Програмата за меѓународни лидери, организирана од американската влада. Како што соопшти тој, остварил повеќе средби со високи претставници на Стејт департментот, како и различни организации од политичкиот и општествениот живот.

Разговаравме за предизвиците во надворешната политика во Европа, но и за можностите за продлабочување на соработката помеѓу двете држави. Благодарност до Амбасадата на САД за оваа можност, да бидам дел од оваа програма каде што учествуваат новинари од медиумите од цела Европа, претставници од ЕУ, невладиниот сектор и различни експерти од различни институции во Европа“, објави тогаш Мисајловски на својот профил на Фејсбук.

Покрај него, во повеќедневна посета на САД беа и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и тогашен градоначалник на Аеродром Тимчо Муцунски (актуелен шеф на дипломатијата), претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, како и градоначалникот на Битола Тони Коњановски. На покана на Амбасадата на САД во државава и на Американскиот Стејт Департмент, тие учествуваат во програмата за меѓународни лидери на Владата на САД.

На самиот крај од овој нон-пејпер, стоело дека треба да се активираат и делови на поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Иако не биле споменати имиња, повеќе од јасно било дека се мисли на Груевски, особено со оглед на разговорите на пробиената мартовска средба во претседателската вила на Водно. На тој начин, најбитната точка била ставена на крај, од причина што тоа подразбира амнестирање на осуден бегалец, кој воедно се наоѓа и на „црната листа“ на САД.

Сепак, одлуката за враќање на Груевски на крајот останала како единствено ефективно решение, откако останатите начини на фино убедување на вмровските пратеници и функционери немало ефект. Просто, цело ВМРО-ДПМНЕ цврсто стоеше на ставот против уставни измени и не бил најден ниту еден процеп во партиското ткиво, иако ги уверувале странците дека тоа лесно ќе се случи. Меѓу нив бил вицепремиерот Груби, кој тврдел дека десетина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ се ранливи и ќе гласаат за уставни измени, но тоа се покажа како тотално погрешна проценка.

При такви околности, кога враќањето на Груевски е единствен начин на стопирање на подемот на залетаното ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски, меѓутоа Пендаровски одбива да го помилува, почнува да се спроведува втората опција што ја споменал Ахмети, која подразбира правни гимнастики и судски одлуки. Во тоа време, Ахмети веќе го обновил директниот контакт со Груевски, но потоа комуникацијата на тековно ниво ја презема Груби. Директна средба со Груевски имал Османи, кога го посетил на враќање од меѓународен ангажман.

ВРХОВЕН НЕ ЈА ПРИФАЌА ОПШТАТА АБОЛИЦИЈА

Нашите соговорници велат дека Груевски бил во комуникација и со универзитетски професор, поранешен вицепремиер и амбасадор во САД, кој не дејствувал како посредник меѓу Груевски и тогашната влада, туку меѓу него и „Калето“. Во комуникација со сите страни, Груевски изразувал подготвеност да се врати во земјата, па дури во една пригода рекол и дека ќе го исфрли Мицкоски од Белата палата, но за тоа барал целосно чист терен, односно да му се средат сите предмети. Дури и ако настапел преку независна листа, тој очекувал да освои 10-15 пратеници.

Баш тогаш, на сцена стапуваат измените на Кривичниот законик, со кои застареа многу активни предмети. Иако имаше разни претпоставки, од тоа дека СДСМ ги прави овие законски измени за себе (Заев, Филипче, Драги Рашкоски, Мухамед Зеќири…), преку тоа дека ги прави за луѓе од ВМРО-ДПМНЕ (Сашо Мијалков, Игор Јанушев, Антонијо Милошоски), па до тоа дека се прават за Груевски, вистината е една. Имено, главна причина и основен клиент за овие законски измени е Груевски и никој друг, а останатите искористија поради него.

Факт е дека овие законски измени не му завршија голема работа на Груевски, бидејќи со нив му застари затворската казна во „Тенк“. Дури, тогашните врвни функционери до ден денес ја бранат одлуката за измената на КЗ со аргументот дека тоа не му донело скоро ништо на Груевски, прашувајќи ако измените се правеле за него, зошто досега не се врати? Но, и самите знаат дека одговорот на ова прашање лежи во неуспешниот обид на тогашната власт, пред сѐ на ДУИ, да му заврши комплетна работа преку прифаќањето на генералната амнестија на Ѓорге Иванов од страна на Врховниот суд.

Во таа смисла, во октомври лани, адвокатот Миле Наумовски од Скопје поднесе иницијатива до Врховниот суд, во која бара утврдување на начелен став и правно мислење за дадените помилувања од поранешниот претседател Иванов. Тоа значи да се прифати аболицијата на експретседателот од 2016 година, кога се изврши „општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници, или поддржувачи од спротивставените страни“. Меѓу нив беше и Груевски, кој со ваквата одлука би бил ослободен од речиси сите предмети.

Меѓутоа, во таква политичка игра одби да влезе Врховниот суд на чело со претседателката Беса Адеми, која јавно порача дека нема простор за нов начелен став, зашто Судот еднаш веќе во „Транспортер“ за Владимир Талески се изјасни дека обвинетите, вклучително и Груевски, се аболирани по непостоечки член во законот. Не се случила различна пракса за да носи Врховниот суд нов начелен став, категорична беше Адеми, која се пожали и дека имало и притисоци врз Судот со цел да оживее контроверзната аболиција.

Постојат ситуации на обиди за директно мешање на политиката и на другите власти, поради реализација на агенди кои не се во корелација на владеењето на правото и на надлежностите на судската власт. Но, ние како највисок суд во државата не дозволуваме и не смееме да дозволиме преку таквите обиди да се наруши независноста на судството и со тоа да падне неговиот углед, односно угледот и авторитетот на Врховниот суд. Не смееме да дозволиме политичките интереси да се кршат на грбот на судството – рече Адеми, додавајќи дека политиката секогаш има потенцијал да користи влијанија на различни начини.

Претходно, Адеми доби поддршка од американската амбасадорка Агелер, која одржа средба со врховните судии. Како што беше соопштено, се говорело за повеќе прашања кои се однесуваат на независноста и самостојноста на судството. Во таа насока, било истакнато дека независноста на судството е најсилната гаранција за владеењето на правото и дека интегритетот на судиите претставува клучен фактор за остварување на принципите на независното судство.

„Судството не смее да биде под притисок на политиката и не треба да се дозволи мешање на другите власти во донесувањето на судските одлуки кои мора да се засновани на законите. Потребно е да се почитува уставното начело на поделба на власта, а судиите да бидат ослободени од какви било влијанија. Суштинска улога за независноста на судството има и транспарентноста како еден од најважните фактори за јавната перцепција и доверба. Од големо значење е и доследната примена на европските стандарди и почитувањето на правните вредности“, соопштија од Судот.

Освен тоа, амбасадорката Агелер истакнала оти потребно е да се даде силна поддршка на заложбите за независно и транспарентно судство и дека активностите на Врховниот суд во таа насока даваат клучен придонес во реформскиот процес. Тоа беше целосен пресврт во случајот, ако се знае дека Агелер претходно присуствувала на средбата кај Пендаровски кога се отворила темата за враќање на Груевски, а од амбасадата на САД произлезе нон-пејперот кој индиректно ја предвидуваа и таа „мерка“. Како дојде до тоа?

Кога беа усвоени измените на КЗ, домашната владејачка коалиција, поддржана од меѓународната заедница, очекувала дека Груевски ќе почне да дејствува однадвор, во правец да почне да прави почетни проблеми во ВМРО-ДПМНЕ. Арно ама, тој одбил такво нешто и тоа го пренел преку веќе посочените канали за комуникација. Односно, барал целосно чиста ситуација, за непречено да се врати во земјава и оттука да влезе во судир со Мицкоски. Кога ќе погледнеме наназад, Груевски одржувал комуникација со власта, но конфликтот не го отвора тој, туку Мицкоски.

Во такви услови, кога Груевски добива нешто од нешто со КЗ, но сѐ уште не дејствува против Мицкоски, додека планот за негово враќање преку Врховниот суд се комплицира, а, како капак, сѐ повеќе се говори за пробиената средба кај Пендаровски, цела работа се разводнува и од процесот се повлекуваат сите актери, бидејќи почнуваат да трпат штета. Па така, власта почнува да ретерира и да ја обвинува опозицијата дека била во дослух со Груевски, а меѓународната заедница да им дава поддршка институциите и правната држава.

Во суштина, што покажува оваа неуспешна операција? Прво, премиерот Ковачевски немал капацитет да го води процесот, оставајќи тоа да го тераат ДУИ и Ахмети, кои, пак, направиле лоша проценка во однос на расположението врховните судии. Второ, Пендаровски и неговиот кабинет не биле во состојба да организираат средба од голема важност во строга тајност, штом дозволиле да им ја пробие обичен службеник. И трето, меѓународната заедница постојано критикува за состојбите во правосудството и владеењето на правото, меѓутоа очигледно знае да замижи кога треба да се суспендираат институциите и правната држава за повисоки цели и стратешки интереси.

 

Улогата на Заев
ШТО Е СЛЕДНО – ГРУЕВСКИ ДА ГО ВРАТИМЕ НА БЕЛ КОЊ?

 

Иако операцијата за враќање на Никола Груевски била организирана од влада на чело со партијата што ја предводеше – СДСМ, сепак, поранешниот партиски лидер и премиер Зоран Заев бил против враќање на неговиот претходник, кој во негово време избега од државата.

 

Всушност, Заев реагираше по одлуката на Апелација со која се укинува пресудата на Сашо Мијалков, прв братучед на Груевски, за масовно прислушување. Тој оцени дека станува збор за исмевање на борбата за правдата и воедно праша дали следно е Мијалков да стане директор на АНБ, а Груевски да се врати на бел коњ?

 

„Со двете поништени пресуди, директно се упатува на враќање, а со тоа и повторување на грозоморните дејствија на режимската врхушка и секако се мотивираат и други чинители да прават исти вакви грозоморни дејствија со кои се газат масовно човекови права и сите вредности за кои се бореше целиот македонски народ пред само неколку години преку Шарената револуција.

 

Што е следно, Мијалков да стане директор на АНБ, а Груевски да се врати невин на бел коњ? Па, и утре да станеме членка на ЕУ тоа нема да го испере овој срам и блам“, напиша Заев и ги повика сите надлежни да не дозволат да застарат делата на Мијалков и да направат сè виновниците да одговараат бидејќи „за нивните злодела има докази чисти како ден“.

 

Според неофицијални информации, Заев делувал против враќање на Груевски и преку Врховниот суд на чело со Беса Адеми. Колку Артан Груби и останатите од ДУИ и правеле притисок да помине аболицијата на Ѓорге Иванов, толку Заев ургирал во обратна насока.

 

За потсетување, во тој период Адеми се соочуваше со жестока кампања од страна на портали кои подоцна се утврди дека се оркестрирани од центар близок до ДУИ, додека, како што дознаваме, имала и домашни посети и директни „пријателски“ укажувања, односно закани.

 

 

Улогата на Орбан
КОЈ ИМА ПОГОЛЕМИ ШАНСИ ЗА ПРЕМИЕР – ТИ ИЛИ МИЦКОСКИ?

 

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој го прими Никола Груевски и му даде азил, исто така имал своја улога и придонес во останувањето на Груевски во Будимпешта и смирување на страстите во рамки на ВМРО-ДПМНЕ, што на крајот му овозможи чист терен на Христијан Мицкоски да постигне убедлива изборна победа.

 

Нашите извори велат дека Орбан го смета Груевски за пријател и го користи како советник за регионални прашања. Кога јавно ескалирал конфликтот меѓу него и Мицкоски, Орбан го прашал Груевски ако се врати кој има поголеми шанси да стане премиер – тој или Мицкоски?

 

Се разбира, Груевски одговорил искрено Мицкоски има поголеми шанси да стане премиер, бидејќи враќањето на Груевски можеше да му направи голема штета на ВМРО-ДПМНЕ, но Груевски во ниедна варијанта не би можел да победи и да стане водечки елемент во власта.

 

Во цела равенка, ова беше причина плус да не се реализира камбекот на Груевски, бидејќи главниот интерес на Орбан е овде ВМРО-ДПМНЕ да формира влада која ќе биде блиска до Будимпешта. Така, Груевски престана да говори за Мицкоски, но по изборната победа му упати јасна порака: „Со среќа, и со памет“!

Поврзани новости