Текстот е објавен на 19 септември 2024 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.511.
Укинување на економските директори, укинување на заменик-директорите, укинување управни одбори и намалување на администрацијата, ветуваше премиерот Мицкоски. Наспроти ваквите најави, бројот на советници на повеќе министри е зголемен, како што е случајот со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Него ќе го советуваат кадри од времето на Јанкулоска, но и поранешниот претседател на ДИК, Оливер Деркоски, кому пак ќе му се суди за дебаклот од изборите што се случи во 2015 година. Негов советник станал и Марјан Здравковски, кој беше помошник-министер во време на Оливер Спасовски, кого Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваа дека наместо да го гони криминалот, шурувал со криминалците. Инаку, Здравковски е близок роднина на Моника Зајкова, која најави независно делување на ЛДП, како и соработка со власта за одредени проекти.
Пишувала: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и неговиот заменик, Астрит Исени наредиле огромна листа на советници, со огромни плати и до 66 илјади денари. Само за овие 23 советници во кабинетот на министерот и заменикот, граѓаните ќе плаќаат околу 1 милион денари секој месец, обвинуваше опозицискиот СДСМ.
На социјалните мрежи дури се ширеше и табела со имињата на советниците на двајцата министри и нивните плати и беше пресметано дека вкупно земаат приближно 935 илјади денари месечно.
Извори од Министерството за внатрешни работи, за „Фокус“ потврдуваат дека платите на советниците се толку, но она што привлекува повеќе внимание е нивниот број и нивните имиња.
Ако поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски имал 6 советници и шеф на кабинет, сегашниот министер Тошковски има двојно поголем број советници, односно шеф на кабинет и уште 11 советници.
На барање на „Фокус“, Министерството за внатрешни работи ни ја достави целосната листа на советници на министерот Тошковски.
„Во Кабинетот на министерот за внатрешни работи, како советници, дел распоредени во мандатот на актуелниот министер, а дел од претходниот министер, се следните лица.
Притоа напоменуваме дека станува збор за лица што се вработени во МВР, кои зависно потребите на Mинистерството и согласно актите за систематизација биле или се распоредени на сегашните работни места“, напоменуваат од МВР.
СОВЕТНИК ЗА ПРАВНИ РАБОТИ
Негов шеф на кабинет е Ристо Ставревски, кој во претходната техничка влада, кога министер за внатрешни работи беше Наќе Чулев, беше именуван за началник на СВР Скопје.
Тогашната заменик0министерка, Славјанка Петровска не се согласуваше со неговата кандидатура затоа што бил дел од „бомбите“ што СДСМ ги објавуваше во 2015 година.
Станува збор за разговор на тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и Ристо Ставревски, од позиција на советник во нејзиниот кабинет, за предизборни средби и убедувања различни категории граѓани – резервисти, бранители, бизнисмени…
Сепак, Чулев тврдеше дека Ставревски е професионалец и тоа што бил во кабинетот на Јанкулоска не е пречка да биде назначен. Ставревски многу години е во МВР и на оваа листа тој не е толку спорен.
Условно кажано, најконтроверзното име што ќе го советува Тошковски е Оливер Деркоски, поранешниот претседател на Државната изборна комисија. Деркоски никогаш не работел во МВР, а сега е назначен за советник на министерот за правни работи.
Уште поконтроверзно е што тој на 2 октомври, пак, ќе седне на обвинителна клупа во Кривичниот суд. Иако во јули минатата година, Судот го ослободи Деркоски од обвинението за злоупотреба на службената положба, сепак Апелациониот суд го вратил предметот на повторно судење, па Деркоски пак ќе треба да се врати во Суд.
Оваа информација за „Фокус“ ја потврдија и од Кривичниот и од второстепениот суд. Со оглед на тоа што Деркоски е обвинет за став од членот 353 од Кривичниот законик, кој беше укинат, обвинителот ќе го преквалификува делото за него, па во зависност од штетата, може да застари, а може и не.
Деркоски, тројца вработени во ДИК и еден управител на економски оператор се товареа дека извршиле „злоупотреба на службена положба и овластување“ при спроведување на две јавни набавки, со што го оштетиле Буџетот за 1.312.409 денари или околу 21 илјада евра.
Според Судечкиот совет на чело со судијата Илија Трпков, јавниот обвинител не докажал надвор од разумно сомневање дека обвинетите ги сториле делата за кои се товарат.
Случајот се однесува на злоупотреби во врска со 2 набавки и за него Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) поднесе обвинение во мај 2021 година.
Едната набавка опфатена со обвинението е на софтверот што беше купен за парламентарните избори одржани на 15 јули 2020 година, а другата е на телевизори, на кои требаше да се прикажуваат резултатите од изборите.
Вредноста на двете набавки е околу 21.500 евра, од кои 14.600 евра за софтверот, а 6.700 за телевизорите.
Според обвинението, во овие јавни набавки не се почитувал законски минималниот рок за поднесување на понудите, не биле правилно евалуирани доставените понуди, а Деркоски како претседател не извршил контрола на постапката за евалуација, туку одлучил да ја избере понудата предложена од Комисијата за јавни набавки.
Со обвинението се тврдеше и дека софтверот не бил тестиран пред да се имплементира за да се види дали ги исполнува условите итн.
АПЕЛАЦИЈА ГО „ВРАТИ“ ПАК ПРЕД СУД
На 15 јули 2020 година, вечертa кога ДИК требаше да ги објави првичните резултати од предвремените парламентарни избори, веб-сајтот со резултатите беше паднат и никој не можеше да ги следи.
По отворањето на истрагата на Обвинителството, Деркоски тврдеше тие воделе транспарентна и законска постапка.
– Постапката е спроведена законски, а доказ за тоа е и отвореноста на постапката. Вградени се сите сугестии што беа дадени за оваа набавка, не се точни ниту наводите дека не е извршено тестирање, на околу 150 члена им биле пратени упатства и лозинки за да се тестира исправноста – тврдеше тој.
Последната објава за Деркоски во медиумите, во 2022 година, освен ослободителната пресуда, е неговото назначување за директор на едно од двете официјални депоа во Македонија за најголемите бродски компании во светот, како Маерск, Евергрин, COSCO, Хапаг Лојд и други.
Порталот „Фактор“ пишувал дека депото „Блу Бел“ со кое ќе раководи Деркоски е на „Навико Шипинг“, компанија специјализирана за бродско-контејнерски транспорт на стоки за Македонија, која е највисоко рангирана во регионот.
Оваа компанија е една од компаниите што најмногу ги користеле услугите на „Македонски железници Транспорт за пренесување на стока во Македонија“, а токму Деркоски од 2010 до 2015 беше директор на ова претпријатие.
Тој е долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ и само неколку години работел во приватниот сектор. Потоа оди во Министерството за финансии, во Управата за јавни приходни МЖ-Транспорт, ДИК за сега да заврши како советник во Министерството за внатрешни работи.
Освен него, на листата е и поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Горанче Савовски, кој на оваа позиција беше именуван во 2015 година. Тој дојде на местото на Митко Чавков, кој беше назначен за министер, откако поранешната министерка за внатрешни работи, Јанкулоска даде оставка.
Во нејзино време, тој беше началник на Централните полициски служби во МВР, а тогашниот опозиционер Зоран Заев тврдеше дека го има и во „бомбите“. Савовски, заедно со Владимир Велковски, кој е релативно непознат за пошироката јавност, ќе го советуваат министерот за полициски и криминалистички работи.
За финансии, на министерот, ќе му дели совети Филип Пасху, кој беше еден од многуте директори што ги разреши градоначалничката Данела Арсовска. Тој беше именуван за директор на „Градски паркинг“ на крајот на 2021 година, а само за десет дена беше разрешен, со образложение дека бил само привремено решение.
– Филип Пасху не е разрешен, беше поставен на функцијата в.д. директор, како привремено решение за да се запазат рокови. Тој ќе има ангажман со нова позиција во Градот. Претпријатието има нов директор, Бојан Христовски, рекоа од Град Скопје.
Кога беше поставен, Арсовска го претстави со сите суперлативи:
„Пасху е магистер по економија, со долгогодишно работно искуство во управување со бројни проекти на УСАИД, ДФИД, ИПА фондовите на Европската Унија. Имал искуство и од позицијата неизвршен директор на АД „Енергетика“ Скопје, бил заменик-директор на ‘Градски паркинг’, како и претседател на Управниот одбор на истото претпријатие“.
ПОВЕЌЕ СОВЕТНИЦИ, ПОМАЛКУ КООРДИНАТОРИ
Помошник-министерот за оддел за информатика и телекомуникации од времето на претходникот Спасовски, Марјан Здравковски ќе го советува Тошковски токму за овој сектор. Иако беше разрешуван за време на техничките влади на ВМРО-ДПМНЕ, Здравковски се најде меѓу имињата во министерскиот кабинет.
Тој беше споменат и во едно од истражувањата на Истражувачката репортерска лабораторија дека заедно со сопартијката, претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, имале викенд-куќи во дива населба на територија на Националниот парк „Маврово“.
– Дел од вилите се изградени и се веќе легализирани, додека други се градат во моментов. Сите се наоѓаат на државно земјиште, на заштитена територија.
Меѓу оние што изградиле или купиле вили на државен имот се помошник-министерот во МВР, Марјан Здравковски, пратеничката од ЛДП, Моника Зајкова, и актерите Игор Ангелов, познат по серијата „Преспав“, како и актерката од Драмски театар, Маја Вељковиќ, пишуваше ИРЛ.
Од Кабинетот на Спасовски останати се само две советнички, Наталија Мукоска, државен советник за правни работи и Гордана Ангеловска, државен советник за полициски и криминалистички работи.
Генерален советник за финансиски работи е Татјана Ташаминова-Србиновска, Зорица Димовска е генерален советник за управување со човечки ресурси и Горан Милевски, генерален советник за организациски работи.
За потребите на Кабинетот на министерот, со договор, била ангажирана и Снежана Петровиќ-Арсовска. Заменик-министерот, пак, има 11 советници.
Бројот на советничките места во МВР е зголемен, но затоа владата го намалила бројот на национални координатори, места кои единствено служат за „водување“ на заслужни кадри од партијата.
Па, така од владата за „Фокус“ испратија список од 15 разрешени национални координатори назначени од претходната влада. Новата влада именувала седум национални координатори, за половина помалку од претходната.
Па така, долгогодишниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев е назначен за национален координатор за демографија, млади и човечки ресурси. Ѓорчев беше пратеник од 2006 до 2020 година. Во мандатот, како пратеник, исто така, се залагаше и предупредуваше за намалениот природен прираст на населението.
Во неколку изборни циклуси беше партиски гласноговорник на изборните резултати и постојано пред јавноста ги редеше значајните победи на неговата партија. Ѓорчев е и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
И неговата колешка од Собранието, екс пратеничката Лилјана Затуроска е избрана за национален координатор. Затуроска, која е битолчанка по раѓање, а архитектка по образование, ќе биде национален координатор за локална самоуправа.
Таа беше пратеничка од 2008 до 2020 година. Беше и генерален секретар на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ до 2018, кога поднесе оставка за време на внатрепартискиот судир на раководството и Мицкоски со крилото на Сашо Мијалков.
ЗАМЕНИК НА ЗАМЕНИКОТ-ДИРЕКТОР
Верче Мицевска е именувана за национален координатор за безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика. Таа има работно искуство во Агенцијата за храна и ветеринарство, а во 2021 година е избрана за претседателка на Советот на Општина Илинден откако стана советничка преку партиската листа на ВМРО-ДПМНЕ.
Досега, владата ги назначи и Павле Трајанов за национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, Блерант Рамадани за национален координатор за примена на нови технологии и Солза Грчева за национален координатор за реформи во високото образование.
По освојувањето на власта, Мицкоски најавуваше укинување на економските директори на Клиниките, заменик-директорите, односно кратење на јавната администрација.
– Еве можам да ви кажам дека идната влада нема да има повеќе организациски или т.н. економски директори во здравствените установи низ Македонија, со што за стотина функционери ќе биде помала администрацијата.
Исто така, можам да ви кажам дека се работи и дека веднаш по формирањето на владата ќе почне да се работи на уште едно ветување кое е заедничко со идните коалициски партнери, а тоа е еден Клинички центар, што значи дека ќе имаме уште педесетина функционери помалку.
При формирањето на управните одбори имаме согласност таа бројка да биде за 20 проценти намалена од таа што беше досега. Следен чекор е укинување на позицијата онаму каде што постои заменик (директор) и нормално уште еден чекор, а тоа е намалување на бројот на пратениците во парламентот, но за тоа е потребно отворање на Уставот, од 120 на 90, најавуваше Мицкоски, а ова беше дел и од владината програма.
Но, прво што направи новата влада, без јавна дебата изгласа Закон со кој се зголеми бројот на министерствата, односно бројот на министерствата го зголеми од 16 на 20.
Единствено експресно донесоа одлука да бидат разрешени сите економски директори на клиниките, осум директори, кои фигурираа како вршители на должност.
Со измени во Законот за здравствена заштита беа укинати уште 40 раководни позиции за сите оние што имаа менаџерски договор. Но, економскиот директор на Детската клиника не си замина од Клиниката.
Новиот директор на клиниката Реџеп Мемеди измисли ново работно место за него, консултант, и го врати својот братучед Аљајадин Мемеди на Клиника, иако беше разрешен поради наводни злоупотреби констатирани во извештајот на Државниот завод за ревизија.
Наспроти најавите за укинување на заменик директорските места, со предлог законско решение, наместо еден, се предлагаат двајца заменик-директори во Царинската управа.
Царинската управа ќе добие втор заменик-директор доколку се изгласаат предлог-измените, па Царина нема да има само заменик-директор од ВРЕДИ, туку и од ЗНАМ.
Официјалното образложение е дека ова се предлага за институцијата да функционира подобро, затоа што имала зголемен обем на работа.
– Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ветуваа намалување на заменичките места, на двојните директори, а во Царина сакаат да воведат уште еден, втор заменик-директор. Ете такви законски измени предлагаат ДПМНЕ и ЗНАМ во Собранието.
Малку им се министри, заменици, директори, раководители, па си измислуваат позиции заменик на заменик-директор. Досега вакво нешто не е видено, ниту чуено, Царина да има директор, заменик-директор и уште еден, втор заменик-директор. Кого ќе менува вториот заменик во Царина? Директорот, заменик-директорот или самиот себе, реагираа од СДСМ.
Па, така, кој и да дојде на власт, бројката на советници, директори, не е битна, битно е сите што ќе бидат именувани да одработиле за партијата или нејзините коалициски партнери.
СОПРУГАТА НА СТОЈАНЧЕ АНГЕЛОВ Е ВРАТЕНА ВО МВР
Од Агенцијата за разузнавање, сопругата на директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, Јасминка Ангелова е вратена во Министерството за внатрешни работи и сега е советник во Секторот за меѓународна соработка.
Оваа информација е неофицијална, а официјално од МВР до затворањето на весникот не добивме потврда. Претходно таа беше државен советник во кабинетот на државниот секретар.
Ангелов беше директор на ЦУК и во време на минатата влада, а пред промената на власта веднаш стана незадоволен од третманот на СДСМ и ДУИ, па се здружи со владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тој остана директор на ЦУК, а летово Македонија се соочи со големи пожари.
Во 2024 година, во Македонија, во 126 шумски пожари изгореле над 94 илјади хектари, што е речиси колку претходните десет години заедно. Но, сепак, никој не бара одговорност од Ангелов оти е многу транспарентен и е со секоја власт што ќе дојде.