Битолскиот универзитет реагира: Тврдењата за Фондот за развој на УКЛО се тенденциозни

by fokus

Фондот за фунционирање и развој не претставува студентски фонд туку е фонд (сметка) за функционирање и развој на Универзитетот кој/а постои повеќе од 20 години. Токму затоа овој фонд не е „фамозен фонд“, туку е суштинска сметка за функционирање на Универзитетот, која е уредена со Статутот на Универзитетот, реагираат од Универзитетот „Свети Климент Охридски“ по тврдењата на просветниот инспектор во пензија, Ѓорѓи Илиевски кој вели дека парите од Фондот, наместо за развој на Универзитетот завршуваат во приватни џебови на дел од раководството на Универзитетот.

-Од овој фонд се подмируваат расходите за вршење на дејноста на Универзитетот, а намената и распределбата на средствата се регулирани со Статутот на Универзитетот и со Правилникот за начинот и постапката за пресметување, уплата и распределба на средствата наменети за остварување на интегрираните и другите дејности на Универзитетот. Всушност најголемиот дел на приходи во оваа Сметка стигнуваат од единиците за остварување на интегрираните и другите дејности на Универзитетот, по основ на горенаведениот Правилник.

Уплатата на студентите по 1000 денари при упис само во прва година, а не при упис на сите студенти во сите години, е незначителен дел во приходите на оваа сметка, што е видно од податоците во завршните сметки, во која студентите уплаќаат годишно околу 1.200.000,00 денари. Од погореизнесеното, неспорно е дека тезата за сериозна сума на пари кои ги уплаќаат студентите е неодржлива, објаснуваат од Универзитетот и овие тврдења ги нарекуваат ноторни невистини.

Како што велат, од таму, за потребите на студентите во Универзитетот функционираат две наменски сметки, на коишто студентите уплаќаат средства кои наменски се користат за нивните потреби.

-Што се однесува на цитираните надоместоци во делот на Отворените финансии во кои што се наведени само износи за дел од раководството на Универзитетот, а не и периодот за кој се однесуваат, сакаме да потенцираме дека тоа се податоци за повеќе години, односно за периодот од 2018 до април 2022 година. Нејасен и тенденциозен е делот од написот во кој се издвојуваат и анализираат поединечни имиња на ректор, проректори и декани.

Имено, основот за исплата е уреден со актите на Универзитетот и се однесува на сите носители на функции на Универзитетот и на факултетите, се вели во реакцијата.

Поврзани новости