Бионичката рака на македонските млади иноватори е глобален победник на натпреварот младински предизвик

by fokus

Тимот eBionics со нивната идеја VenusArm (Раката на Венера), односно 3Д печатен бионичка рака наменета за лицата со недостаток на горен екстремитет, е глобален победник на годинашниот младински предизвик Генерација без граници 2019/2020, во категоријата под 18 години.

Членови на тимот eBionics се Орхан Багашов (лидер на тимот), Борис Ночески, Анамариа Илиева и Тео Китановски, со менторска поддршка од проф. д-р Иван Чорбев. Нивното решение има за цел, Venus Arm – 3Д печатена бионичка рака наменета за лицата со недостаток на горен екстремитет да го подобри пристапот до протетички помагала .Тимот дава упатство и насоки кои ќе им помогнат на лицата да направат протетичка бионичка рака. Нивните истражувања на пазарот покажаа дека постоечките решенија се протези со цена која надминува десетици илјади евра, додека нивното решение може да се изработи за околу 100 до 200 евра.

-Пресреќни сме и благодарни за признанието и вербата во нашиот тим и во потенцијалот на идејата. Возбудени сме што овој предизвик ни дава можност да ја претвориме нашата идеја во реалност и да допреме до што е можно повеќе луѓе ширум светот, рече Багашов, лидер на тимот.

Нашата главна цел, вели Багашов, е бионичката рака да биде достапна за оние на коишто им е најпотребна. Се надеваме дека ќе имаме голем број корисници на кои бионичката рака ќе им понуди нови можности и ќе им изнуди насмевка. На младите би им препорачале да веруваат во тоа што го прават, иако можеби на почетокот изгледа неостварливо – постојат иницијативи, организации и луѓе кои веруваат во нив и ги поддржуваат.

Оваа година глобалниот младински предизвик Генерација без граници 2019/2020 се одржа во 36 земји од целиот свет, а учествуваа над 180 тима. Ова е вторпат младите од Северна Македонија да добијат глобално признание. Во 2019 тимот Андромета се најде меѓу светските победници со нивната мобилна апликација Speak Out за поддршка на менталното здравје и заштита од врсничко насилство меѓу младите.

-Земјава треба да биде исклучително горда што втора година по ред има победник на глобално ниво. Тоа е доказ дека тука има млади со огромен потенцијал и нагласува колку е важно да се вложи во нив за да се создадат можности за иновации и социјално претприемништво, рече Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Поврзани новости