Биљали: Можно е да има нови победници, но кој ќе прави влада ќе зависи од странците!

by Фокус

Коалицијата меѓу СДСМ и БЕСА е направена на брзина поради страв од можна загуба, вели универзитетскиот професор Мерсел Биљали, во изјава објавена во најновиот број на неделникот Фокус.

-Се си мислам дека таква коалиција е направена на брзина, претпоставувам како последица на страв од можната загуба. Oва е прва парламентарна предизборна етничка коалиција и оттука се е можно, било во позитивна било во негативна смисла. Природата на парламентарните избори е поинаква од локалните. Имаме една рунда и имаме заедничка листа за разлика од локалните избори. Тука неминовно поради листата кампањата треба да се прави заеднички, а етничките симболи, особено знамињата, може некому да му ги бодат очите. А, ако не ги носите цената, пак, може да биде уште повисока. Ако тоа заврши добро, тогаш ќе служи како позитивен модел – вели Биљали.

Според него, предизборната конфронтација на владејачките партнери СДСМ и ДУИ нема да им овозможи политички да профитираат.

-Малку е чудно оти СДСМ вложи толку многу од својот кредибилитет за време на локалниве избори, односно за кандидатите на ДУИ дури сработи повеќе отколку самата ДУИ и сега наеднаш ништо не чини. Тоа може да доведе до општа забуна кај гласачите кои тоа можно да го оценуваат како блеф или пак како лоша односно погрешна политика. Оттука, консатацијата дека едната или пак двете овие парти ќе профитираат поради едното или другото е рамно на апсурд. Што се однесува до ДУИ, мислам дека нејзе ни Господ не може да и помогне оти веројатно не сака. Таа треба да се очисти од тешката џепна инфекција. И таму има доста добри и успешни, дури на меѓународен план, но тие се второразредни. Прворазредни се едни други, вклучително и една сива еминенција – вели Биљали.

Тој истакнува дека не гледа ништо сериозно во поглед на понудите на политичките партии, порачувајќи им дека треба да понудат план за развој на државата наместо да се расправаат.

-Партиите наместо со глупости, треба да кажат како ќе отворат нови работни места во економијата. Кај нас државата стана најголем вработувач и тоа е трагично. Ние имаме околу 150.000 административци, иако имаме потреба од двојно помалку. Значи, 75.000 административци за џабе цицаат од државата годишно околу 600 милиона евра, настрана тоа што 200 милиони би ги спечалиле да работеа нешто друго во економијата. Замислите за 10 години 6 милјарди евра ќе завршат на ветер. Ние сме заробена држава од самите политички партии. Потребна е сериозна анализа како да ја професионализираме и намалуваме администрацијата. Тоа првенствено треба да се прави со финансиски мерки и второ со тоа што човечкиот фактор ќе го елиминирате од приемот на новите кадри и авансирањето на постојните – нагласува Биљали.

Тој проценува дека можно е на изборите да има нови победници и во македонскиот и во албанскиот блок, со оглед на, како што вели, моменталните состојби.

-Но, кој ќе прави влада многу ќе зависи од странците. Ако ова се знае, залудно е да се глупирате со ревидирање на Преспанскиот договор или со некаков индиректен национализам. Мислам дека овојпат, ако нема конкретни развојни идеи и проекти, и сериозно да ги убедите луѓето дека тоа и ќе го реализирате, тогаш стапката на тие што ќе останат дома ќе биде многу висока. Политичарите се уште не се свесни што очекува обичниот гласач. Тиа настапуваат гневно меѓу себе, а мислат дека нивниот меѓусебен гнев го дели и народот. И тука дебело се лажат. Народот дури не го поднесува нивниот гнев – поентира Биљали.

Целата сторија прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости