Белата палата засега останува кај ВМРО- ДПМНЕ, падна пресудата за ,,Талир 2″

by fokus

Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ засега е на сигурно, во рацете на партијата, бидејќи Апелација ја укина пресудата за ,,Талир 2″ и случајот го врати на повторно судење.

-Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста, медиумите и невладините организации кои ја следат работата на судот, информира дека одлучувајќи по предметот КЖ-232/23 познат во јавноста како Талир 2, по одржаната јавна седница на 23.11.2023 година, а на нејавен дел од седницата на 26.01.2024 година, донесе решение со кое ги уважи жалбите на обвинетите Н.Г, К.Б, на ОЈО Скопје и на правното лице ВМРО ДПМНЕ, сите изјавени против пресудата на Основниот кривичен суд Скопје К.бр.1413/19 од 07.06.2022 година, а одлучувајќи по жалбите и по службена должност поради измените на Кривичниот законик во делот на кривичното дело од член 353 од КЗ, ја укина првостепената пресуда и предметот го врати на повторно судење пред првостепениот суд, велат од Апелација.

Овој случај го водеше СЈО, а се однесуваше за незаконска изградба на партиското седиште.
Првостепено осудени во овој случај беа поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на шест години затвор и поранешниот генерален секретар на партијата, Кирил Божиновски на условна казна затвор.

Оттаму додаваа дека е одреден притвор за Груевски, кој е во бегство.

-Воедно, со посебно решение, судот спрема обвинетиот Н.Г. – недостапен на органите на прогонот, определи мерка притвор во траење од 30-триесет дена сметано од денот на неговото пронаоѓање и лишување од слобода, а поради постоење на причините предвидени во член 165 став 1 точка 1 од ЗКП – опасност од бегство, додаваат од Апелација.

Поврзани новости