Стврднатата меморија и живата научна мисла

by Фокус

Без вистинска аргументација, највисоките претставници на власта, владата и претседателот „аргументираа“ дека проширувањето на листата етнички заедници со Бугари, плус Хрвати, Евреи итн. не е „ништо страшно“. За да ги употреби тие стврднати митови за изборна победа, пак, опозицијата го прогласи крајот на македонската нација и држава доколку Бугарите бидат внесени во Уставот. И толку. Толку е целата аргументација.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

Разбирам од странскиот печат дека, пред некој месец, во гратчето Принстон, седиштето на прочуениот универзитет, починал професорот по европска историја, Арно Мајер.

Не знаев ништо за него. Запознавајќи се со некои негови размислувања, открив зошто сакавме да се извлечеме само со гласање во парламентот и без дебата за „бугарската тема“, и зошто заглавивме.

Професорот напишал дека недоразбирањето меѓу изучувањето на историјата и градењето на јавната меморија е во тоа што додека гласот на меморијата е недвосмислен и неоспорен, оној на историјата е полифоничен и отворен за дебата.

Меморијата (митовите) има тенденција да се стврднува со времето, историјата бара ревизија.

Тој судир меѓу историјата и меморијата е во срцевината на многу политички конфликти што се случуваат денес, било да е ревизијата на американската историја за ропството или онаа на историјата на Македонците и на Бугарите.

Во нашиот случај, меморијата (митовите) на населението во двете држави се спротивставува на читањето на историјата преку модерна диоптрија, па на македонската страна имаме отфрлање на она што сме го потпишале во Договорот за пријателство како „заедничка историја“, додека на бугарската, безмалку сите веруваат во митот за Македонците како „неосвестени“ Бугари.

Во услови на демократијата, пак, во која масите, како гласачи, учествуваат и во надворешната политика, да се биде популарен значи да се добие на избори.

Логиката на политиката, за која победа на избори е најважна, е дека треба да се бега од непопуларни теми, па така двете страни се заробеници на своите митови.

БЕГАЊЕ ОД ДЕБАТА

Така дојде до фијаското со негласање за уставните промени и прекинување на преговорите со ЕУ.

Политичарите сакаа да ја прескокнат историската дебата за македонско-бугарските односи и директно да преминеме на гласање.

Инаку, никому, во услови на демократија, не му е забрането од власта да зборува на темата, но на свој ризик и за своја сметка.

Бидејќи ризикот е голем како и сметката што ја плаќа поединецот, има малку доброволци за дебата.

Стравот од отворена дебата кај власта и кај опозицијата е последица на стравот на македонските и бугарските политичари од својот народ: од стврднатата меморија што треба да се соочи со историските факти на двете страни на границата.

Се разбира, сѐ е и во контекст на изборните калкулации да се победи на закажаните избори.

Во услови кога сите бегаат од отворена дебата, која би го апсолвирала минатото и би го отвориле патот кон европската иднина, на јавноста, повторно без дебата, ѝ се понудија две радикално спротиставени и погрешни позиции.

Политичарите мислеа дека можеме така да се извлечеме, ама не се случи тоа. Без вистинска аргументација, највисоките претставници на власта, владата и претседателот „аргументираа“ дека проширувањето на листата етнички заедници со Бугари, плус Хрвати, Евреи итн. не е „ништо страшно“.

За да ги употреби тие стврднати митови за изборна победа, пак, опозицијата го прогласи крајот на македонската нација и држава доколку Бугарите бидат внесени во Уставот. И толку.

Толку е целата аргументација. Дали е страшно или не е страшно, требаше да биде плод на вистинска дебата од која ќе произлезеше заклучокот.

Но, сите бегаа од суштинска дебата и се потпреа на плитките „аргументи“ на двете страни, кои не објаснуваат ама баш ништо.

НИШТО СТРАШНО ИЛИ КРАЈ

Зашто, ниту впишувањето на Бугарите во Уставот не е „ништо страшно“ или е исто како и другите етнички заедници, ниту тоа е пропаст и крај на македонската нација и држава.

Кај првиот „аргумент“ не е можно да се стави знак на равенство меѓу етничките заедници во Македонија токму поради заедничката историја, која опозицијата ја негира, негирајќи го државниот Договор за пријателство.

Всушност, зад овие ставови се крие реалниот страв дека историјата е толку заедничка, што во допир со бугарската нација, македонската би можела да се „стопи како свеќа“.

Внесувањето на Бугарите во Уставот не мора да биде крај на македонската нација, која денес има своја држава и која треба да се погрижи тоа да не се случи.

Согласно новата ситуација на отворен европски континент и отворен Балкан, во кои интернетот не признава граници.

Привилегијата да се живее на континент кој е денес најголем центар на слободна трговија, слободни народи, владеење на правото и човекови права носи свои опасности за оние кои брзо не ја прилагодуваат својата борба согласно новите услови.

Нацијата, имено, не може да се брани со железни завеси или со еднопартиски систем.

Најдобар начин да се одбрани македонската нација и јазик е јакнење на државата преку членство во ЕУ.

Само неуки луѓе можат да одбијат да земат учество во овој грандиозен проект и да не ја зачленат државата во организацијата, која од корен ги промени односите меѓу државите, создавајќи една зона на мир и соработка меѓу народите на континент од кој почнале две светски војни.

Поврзани новости