Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ на 16.05.2024 година, во бројот 1493
Пишувала: Валентина ВУРМО
Поминаа девет години од вооружениот напад во кумановско Диво насеље, но освен извршителите, кои беа осудени со правосилна пресуда, никогаш не беа откриени организаторите или нарачателите.
Пред четири години, директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе нови докази поврзани со овој случај.
Тогаш тој не откри многу детали, но се појавија очекувања дека можеби со новите докази ќе се стигне до организаторите, логистиката и мотивот за вооружениот напад, во кој загинаа 8 припадници на МВР, а 37 беа повредени.
– За мотивите на групата јасно е дека преовладувал политичкиот мотив за ангажирање на припадниците, иако се спомнува и финансискиот момент – истакна пред четири година, Муслиу.
Директорот Муслиу, кога ги достави доказите, тврдеше дека мозаикот може да се склопи со сознанијата на дел од осудените, потенцирајќи дека со смртта на водачите на терористичката група Бег Ризај и Мирсад Ндрецај не исчезнале сите тајни.
– Не биле само тие двајца што имале контакти со службите за безбедност – поентира Муслиу, алудирајќи на вмешаност на оперативци од Агенцијата за разузнавање.
ЧЕТИРИ ГОДИНИ ПРЕДИСТРАГА
Тогаш врвот на Обвинителството најави дека најпрво ќе ги анализираат доказите по што се отвори и предистрага, но се чини тука запре сѐ. „Фокус“ праша во која фаза е овој предмет, дали има некакво поместување, но до затворањето на неделникот не добивме одговор.
Вооружениот напад се случи на 8 и на 9 мај 2015 година, а неколку дена подоцна се појавија и првите шпекулации за тоа кој од Косово ги донел терористите во Куманово.
Речиси без исклучок сите одеа во насока дека нападот е во режија на македонски разузнавачи и политичари од власта, кои ангажирале дебело платени „актери“.
Наводно, оригиналното сценарио било поблаго, и требало да го одвлече вниманието на јавноста од експлозијата на тогашните „бомби“ и протести против власта, но на терен работите излегле од контрола.
Тогашните коалициски лидери Никола Груевски и Али Ахмети си ја ишкаа мувата од капата, а одговорност негираше и тогашниот претседател Ѓорге Иванов, под чија контрола беше Агенцијата за разузнавање.
Груевски тврдеше дека напаѓачите сакале да предизвикаат дестабилизација, а лидерот на опозицијата, Зоран Заев, го обвини дека постоеле сериозни индиции дека ова сценарио е планирано од носителите на власта.
Неофицијалната верзија што досега се провејуваше во јавноста е дека вооружената група била финансиски мотивирана со пет милиони евра, а кои им биле исплатени на водачите на групата. За возврат требало да изведат неколку терористички акции, препорачливо без жртви, а за да го свртат вниманието од „бомбите“.
Слични сознанија споменуваше и генералот Стојанче Анегелов, и тоа еден месец пред да се случи нападот, но никој не го зеде предвид.
– Некој во нашата земја има подготвено монструозен план. Имам информација дека некој им дал два милиони евра на некои Албанци, кои немаат никаква врска со ОНА, на некои криминалци од липковскиот регион.
Нивната работа ќе биде да се преправаат дека се ОНА, да убиваат полицајци или војници и да предизвикаат меѓуетнички конфликт – јавно предупреди Ангеловски на 4 април, кој подоцна појаснуваше дека информацијата ја добил од луѓе што работеле државна безбедност и разузнавачки кругови.
КОЈ ПОГРЕШНО ГИ НАСОЧИ ПОЛИЦАЈЦИТЕ?
По предупредувањето на Ангелов, на 21 април, МВР објави дека 40 вооружени со значки на ОНА преминале од Косово и упаднале во полициската станица во Гошинце, во Липково.
Четворицата полицајци што биле во станицата, ги врзале, а собрале голем арсенал на оружје. Разузнавачите подоцна брифираа дека Агенцијата за разузнавање ги охрабрила напаѓачите да дојдат во Гошинце за да го украдат оружјето. Неколку дена подоцна, Ндрецај, кој беше водач во Диво насеље, ја презеде одговорноста за нападот во Гошинце.
Истото ова оружје завршило во куќите во кумановската населба каде што се засолнија терористите, бидејќи беше докажано дека го употребиле при нападот на полицајците.
Доброупатен извор за „Фокус“ појаснуваа дека и останатото оружје, барем поголемиот дел, кое го користеле терористите, било во сопственост на македонската полиција или армија.
Водачот на групата Ндрецај не дочека да го признае и овој напад, како нападот во Гошинце, бидејќи беше убиен.
Останатите членови на групата, во судница тврдеа дека Ндрецај и Ризај биле ликвидирани по приведувањето во полициска станица, за да вистината за нарачателите никогаш да не биде откриена.
Обвинителите Вилма Русковска и Наум Пановски, пак, тврдеа дека тоа не е точно и дека сите докази укажувале дека лидерите биле убиени во текот на престрелката, односно обдукцијата покажала од која далечина биле усмртени, а имало и сведоци.
Смртта на водачите не е сомнителна ниту за директорот Муслиу, кој открива дека, освен нив двајца, и други членови на групата, кои се во затвор, комуницирале со службите за безбедност, со што се остава простор организаторите, сепак, да бидат откриени.
Според правосилната пресуда, седумина од обвинетите беа осудени на доживотен затвор, 13 обвинети добија казна од 40 години, 20 години за петмина обвинети, две години помалку доби еден обвинет, а по двајца обвинети добија казна затвор од 14,13 и 12 години. Четворица од обвинетите, пак, добија ослободителна пресуда.
Освен што не се дознаа организаторите, на првичното судење, беа заобиколени информациите, кои укажуваа и за непрофесионално постапување на МВР, во најмала рака, околку организацијата за сузбивање на вооружената група.
Поголемиот дел од безбедносните сили со оклопни возила беа испратени во Отља, а помала група со патнички возила, била насочена во Диво насеље.
Ваквата погрешна организациска поставеност е нелогична, бидејќи, според сознанија на „Фокус“, вооружената група била следена со беспилотни летала од безбедносните служби, па знаеле дека е главно стационирана во Диво насеље.
Па, затоа не може да не се праша, дали полицајците намерно биле насочени во погрешна насока, и зошто никој не побара одговори?
ВЛАДАТА НА СДСМ НЕ ГИ ОТВОРИ ТАЈНИТЕ ДОКУМЕНТИ
Полицајците биле фатени во стапица, па затоа и двајца беа убиени во првите минути од престрелката, по што дури тогаш другите сили се насочуваат во оваа населба. Дали тоа значи дека некој ги искористил полицајците како топовско месо, е прашањето што си го поставуваат сите припадници на безбедносните сили што биле на терен.
СДСМ, уште пред да дојде на власт, но и откако го презеде кормилото, ветуваше дека овој случај ќе се расчисти до крај со помош на меѓународна истрага.
Неколку дена по нападот, тогашниот опозиционер Заев, рече: „Постојат силни индиции дека овој случај е сценарио планирано од носителите на власта“.
Потоа, ветуваше и меѓународна истрага, но тоа никогаш не се случи. Со слична реторика минатата година настапи и Оливер Спасовски.
– Тоа беше во период кога излегуваа „бомбите“. Постојат индиции дека тоа било организирано за да се спречат „бомбите, и тоа треба да се испита – велеше Спасовски.
Но, ништо не се испита. И владата на СДСМ молкум помина низ оваа злосторство.
На настаните од кумановското Диво насеље им претходеа низа работи, кои создадоа политичка криза во државата.
Три месеци пред нив почна првото објавување на „бомбите“ од незаконското прислушување на телефонски разговори на над 20 илјади граѓани по што следуваше и почетокот на масовни граѓански протести.
Како што не се открија нарачателите на ова монструозно сценарио, досега не се обелодени и кој на крајот профитираше на пролеаната крв на македонските полицајци.
Сомнежите беа дека на листата на обесштетени и наградени полицајци и нивните семејства се наоѓаат и лица кои воопшто не учествувале во акцијата, ниту, пак, биле во близина на Куманово.
Сомнежите доаѓаа и од врвот на МВР, по смената на власта, но никогаш не беше покрената истрага со изговор дека списокот на наградените учесници, нивната вкупна бројка, но и вкупната сума што им била исплатена се прогласени за државна тајна, со одлука на владата.
– Ги имам информациите, меѓутоа, со оглед на сензитивноста и класифицираноста на информацијата, не можам во моментот да ја споделам со јавноста, но секако дека постојат фрапантни податоци во рамките на оваа одлука.
Неверојатно голем број луѓе што биле наградени, и луѓе кои најверојатно не биле ниту близу до Куманово – велеше министерот Оливер Спасовски во интервју за „Фокус“.
СИТЕ ВО ИСТ КОШ
Според неофицијални информации, парични награди добиле луѓе кои воопшто не биле во Куманово, биле на одмор или на боледување. Покрај нив, јавна тајна беше дека на списокот се наоѓа и припадник на безбедносните служби, кој во тој момент бил на свадба, како и шофер на тогашен функционер.
Одлуката да се исплатат награди, владата ја донесе на седницата одржана на 11 мај 2015 година, или ден по завршувањето на вооружениот напад. Од владата посочуваат дека одлуката веднаш стапила во сила и воопшто не била објавена во Службен весник.
Според информациите кои тогаш од владата ѝ ги проследија на јавноста беше наведено дека на семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили ќе им се додели финансиски надомест во висина од 70.000 евра по семејство.
Како што се наведуваше во соопштението од владината прес-служба, финансиски надомест ќе добијат и припадниците на безбедносните сили што беа ранети и повредени во полициската акција во Куманово, при што најтешко ранетиот полицаец ќе добие 40.000 евра, а четворицата полицајци што беа тешко повредени и беа под интензивно лекување ќе добијат по 35.000 евра.
На 19-те полицајци што беа оперирани поради потешки повреди или, пак, имаат потешки повреди, одлучија да им дадат по 25.000 евра, а на преостанатите 13 полицајци што беа повредени и ранети во акцијата да им се додели финансиски надомест од 15.000 евра по полицаец.
По 10.000 евра требаше да добијат и припадниците на Единицата за специјални задачи и припадниците на Единицата за брзо распоредување, а ист надомест беше одреден и за припадниците на хеликоптерската единица кои учествуваа во акцијата.
По 10.000 евра беа предвидени и за, како што беше кажано, професионалците од штабот кои раководеа со акцијата во Куманово, меѓу кои можно е да има имиња и од тогашниот врв на МВР.
На припадниците на Посебната единица на полицијата, кои, исто така, беа ангажирани, владата одлучи да им се исплатат по 5.000 евра, а го задолжи и МВР на следната владина седница да достави предлог за висината на финансискиот надомест за припадниците на редовниот полициски состав ангажирани во Полициската станица во Куманово, кои биле на должност за време на одвивањето на акцијата.
Познавачите коментираат дека е разбирливо имињата на наградените полицајци да бидат заштитени со државна тајна, за да не бидат изложени на опасност, но, сепак, е нејасно зошто државна тајна би бил вкупниот број на наградените и вкупната сума што била исплатена?
Врховниот суд веќе има заземено став дека ваквите статистички податоци, за разлика од личните, не би требало да бидат класифицирани, односно тоа е одлучено во пресуда донесена во јуни 2011 година.
Но, очигледно е дека, кога функционерите сакаат да ја скријат вистината, се повикуваат на тајност. Она што е нејасно зошто нивните наследници немаат мотив да ги разоткријат. Нивната инертност на крајот ги става во ист кош!
Сѐ додека сценаристите и режисерите на овој монструзен напад не отидат зад решетки, случајот за јавноста ќе биде отворен, а Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Серафимовски и Горан Стојменовиќ нема да можат да почиваат во мир.