Владата ќе го „држи“ во раце државниот обвинител, и тоа со законски амин!

by Fokus

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ на  23 април 2025 година, во број 1542.

Пишувала: Валентина ВУРМО

Се „крчка“ новиот Закон за јавното обвинителство. Предлогот веќе е подготвен и од неодамна е достапен на увид и коментари од стручната јавност. Од Министерството за правда го испофалија законското решение, кое не е конечно, односно во обѕир ќе се земат и забелешките и коментарите по што ќе се изработи финалната верзија, која потоа ќе го продолжи патот кон Собранието.

Сепак, на прв поглед, покрај неколку позитивни одредби, кои би придонеле за независноста и самостојноста на обвинителите, се забележуваат и такви, кои од друга страна пак ги загрозуваат. Па така, со новите законски одредби, наместо да му се нуди стабилност и независност на републичкиот јавен обвинител, се отвора вратата за уште поголемо влијание од страна на политичката владејачка гарнитура, со уште поголема сила од сега, да му ја заниша фотелјата и да го разреши по своја желба! Во ваков случај, пак, Советот на јавните обвинители, наместо да го има главниот збор, за да може професионалноста да ја надреди над политичката волја, и понатаму ја задржува улогата на „дрвен адвокат“.

КОНЕЧНО ПОГОЛЕМ БУЏЕТ

Но, да тргнеме од почеток. Од Министерството за правда велат дека овој закон е од исклучително значење за унапредувањето на владеењето на правото и е подготвен во согласност со Развојната секторска стратегија за правосудство (2024-2028), Акцискиот план за спроведување на Развојната секторска стратегија за правосудство (2024-2028), како и Реформската агенда.

Предложените решенија во однос на јавнообвинителскиот буџет ќе овозможат за првпат јавното обвинителство самостојно да располага со буџетот во цел износ од најмалку 0,5 отсто од Буџетот. Досега, и покрај сите наводно спроведени реформи во правосудството, никогаш не беа обезбедени целосно просторните, технички и други услови за да се овозможи ефикасна работа на јавното обвинителство и борба против организираниот криминал и корупцијата, велат од Министерството за правда.

Во новиот Закон е утврдено дека врз основа на фискалната политика и главните категории за проценетите приходи и расходи, висината на средствата за работа на јавното обвинителство ќе изнесува најмалку 0,5 отсто од Буџетот за тековната година.

„Државното обвинителство самостојно го утврдува и располага со буџетот и одлучува за користењето, распределбата, намената и прераспределбата на средствата“, пишува во предлог-законот.

Досега владата го држеше обвинителството на „краток синџир“, па му ги кратеше и задолжителните средства што му следуваа.

Дека состојбата е алармантна, лани реагираше и републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој истакна дека е загрозена работата на јавните обвинителства.

– Имајќи предвид дека претходно предвидените средства во Буџетот за 2024 година беа само половина од она што законски е предвидено да се издвојува за обвинителството и минимално ги покриваа потребите на постапките, секое дополнително кратење во услови на општ раст на сите трошоци ја загрозува работата на јавните обвинителства, алармираше шефот на обвинителите, Коцевски.

Од сметката на обвинителството беа скратени парите за опрема, па институцијата немаше како да ги плати веќе набавените педесетина компјутери, печатачи и скенери.

Скратени беа и над 80.000 евра за тековно одржување на системите (хардверскиот и софтверскиот систем), а намалување имаше и кај средствата за обуки.

Исто така, беше одбиено и барањето на обвинителството да се обезбедат финансии на обвинителката Ленче Ристоска, која е назначена за обвинител за врски во Европравда, за да може својата функција непречено да ја извршува во Хаг.

Дека ситуацијата е крајно сериозна, покажуваа и споредбите со регионот, бидејќи македонското обвинителство е најсиромашно.

Или ако зборуваме со бројки, македонските обвинителства лани располагаат со само 13 милиони евра, додека бугарските со неверојатни 228 милиони евра, српските со 79 милиони евра, албанските со 33 милиони евра, а косовските со 17 милиони евра.

ИЗБОРОТ, СО МАЛИ НИЈАНСИ, КАКО И ДО СЕГА

Освен со финансискиот дел, од Министерството за правда се пофалија и дека со предлог-законот се доуредува изборот на државниот јавен обвинител.

За првпат се доуредува постапката за избор на државниот обвинител,

со вградување на препораките од Оценската мисија за транспарентен избор на најдобрите кандидати за јавен обвинител на Република Северна Македонија.

Дополнително, предвидени се прецизни рокови за сите постапки за избор, унапредување или дисциплински постапки, со што се надминуваат дел од недоследностите, кои во пракса покажаа поразителни резултати, велат од Правда.

При анализа на двете законски решенија, постоечкиот, кој е во сила, и новиот, условите за избор на шефот на сите обвинители сепак остануваат исти. Односно, за оваа позиција може да конкурира јавен обвинител, кој има непрекинат стаж од најмалку 10 години или судија од областа на кривичното право со стаж од најмалку една деценија.

Она што останува исто како и досега, е и дека владата не може без позитивно мислење на Советот на јавните обвинители да достави предлог до Собранието за избор на републички јавен обвинител.

Мали измени, сепак, има за изборот на другите обвинители. Досега за обвинител во републичкото јавно обвинителство беше неопходен стаж од осум години во Вишото или Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а сега границата е намалена на 7 години. Новина е и дека дел од највисокото обвинителство може да стане и обвинител со стаж од 15 години што работел во основно обвинителство со проширена надлежност.

Шеф на вишите обвинителства, како и до сега, може да биде обвинител со најмалку 8 години стаж, а дел од ова обвинителство може да биде обвинител со најмалку стаж од пет години, што е намалување на потребниот стаж за една година.

Главен на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, односно на местото на актуелниот Ислам Абази, може да биде обвинител со 8 години стаж наместо досега бараните 6 години искуство. Дел од овој тим, како и до сега, може да бидат обвинители со најмалку 4 години стаж.

За шеф на најголемото скопско обвинителство, пак, како и досега, ќе може да конкурира секој обвинител што има шест години искуство.

Една позначајна новина што се предвидува е обвинителите од Организиран, наместо досегашниот 4-годишен мандат, со право за уште еден избор, да имаат само еден мандат од 7 години. Нивниот шеф, пак, се предлага да се избира како што беше избран и Абази, со гласање на обвинителите, но наместо досегашниот мандат од 4 години со право на уште еден избор, да добие 6-годишен мандат, без право на втора шанса.

РАЗРЕШУВАЊЕ ПО ВКУС НА ВЛАДАТА

Но, она што најмногу боде во очи се новините околу разрешувањето на државниот јавен обвинител. До неодамна се чинеше дека важечкото законско решение нуди висока заштита на шефот, но по обидот на власта и премиерот Христијан Мицкоски да го разрешат републичкиот Љупчо Коцевски, се виде дека има законски дупки преку кои може многу лесно да се истера политичката волја и замисла.

Иако постојаното законско решение за Јавното обвинителство беше доуредено во 2020 година и се заострија условите за главниот обвинител да не биде маша во рацете на владата, сепак пропустите, и тоа големи, неодамна повторно излегоа на виделина. Собранието може да го разреши државниот обвинител пред истекот на неговиот мандат по предлог на владата, доколку обвинителот сторил тешки дисциплински повреди или е член на политичка партија. Претходно, пак, треба да обезбеди мислење од Советот на јавните обвинители.

Вака на прва се добива впечаток дека републичкиот обвинител е заштитен за да не биде сменет така лесно само затоа што не е по нечиј „вкус“, но воопшто не е така.

Филтерот, Советот на јавните обвинители, воопшто не е ефикасен, зашто законот, намерно или случајно, му дава улога на дупнато решето.

Имено, Советот има рок од 15 дена да испрати мислење до владата по однос на иницијативата за разрешување. Доколку не се произнесат во овој рок, имаат уште 15 дена. Доколку и во овој рок не достават мислење, тоа ќе се смета за негативно, односно дека се против разрешување.

Но, она што е клучно, е дека ова мислење не е обврзувачко за владата. Што значи и Советот да е едногласно против разрешување, властодршците до крај ќе си го остварат своето.

Од друга страна, пак, при изборот на републичкиот, позитивното мислење од Советот е обврзувачко. Без него предлогот не може да стигне до Собранието

Ваквото сценарио, владата и Собранието да не го есапат мислењето на Советот на јавните обвинители, според правниците и обвинителите со кои разговаравме, е покажување политичка сила и моќ.

И наместо сега со новиот закон да се надминат овие пропусти, се чини ситуацијата е уште полоша. Се додаваат нови, произволни, причини поради кои може да се обезглави републичкото обвинителство.

Па така, според новопредвидениот член 89, од новото законско решение, републичкиот јавен обвинител се разрешува од функцијата пред истекот на мандатот:

-доколку со своето постапување и однесување нанесе штета на угледот на јавното обвинителство,

-доколку не презема мерки од негова надлежност со цел ефективно работење на јавното обвинителство,

-доколку јавното обвинителство не дава задоволителни резултати од работата или ако станал член на политичка партија.

Во следниот член, 90, се додава дека Јавниот обвинител во вршење на својата функција се разрешува и:

-поради сторена најтешка дисциплинска повреда од член 94,

-поради сторени најмалку три потешки или најтешки дисциплински повреди во последните  5 години или, (повторно) ако станал член на политичка партија.

Она што останува исто, а веќе беше детектирано како проблем, е што повторно мислењето на Советот на јавните обвинители е неважно, бидејќи последниот суд го носи Владата, преку Собранието. Или во случајот, Владата го обвинува или го „тужи“ обвинителот дека му нанел штета на угледот на обвинителството, и самата му ја изрекува пресудата дека е така.

НИКОЈ НЕМА ДА САКА ДА БИДЕ ШЕФ НА ОБВИНИТЕЛИТЕ

Обвинителите, со кои разговараше „Фокус“, коментираат дека во овој дел законското решение е многу полошо од претходното и дека под вакви услови во иднина ниеден професионален обвинител нема да се нафати да биде републички јавен обвинител, освен, се разбира, некој на кој му е поблиска партијата, отколку правдата.

Моменталната политичко-обвинителска ситуација најдобро се доловува со историската изјава на некогашниот државен јавен обвинител, сега починатиот Александар Прчевски. По неговиот избор, тој јавно порача дека веројатно е последната будала што прифатила да биде државен јавен обвинител.

– Со предлогот, државниот обвинител да го избира Собранието по предлог на владата, ќе продолжи досегашната практика, по смената на власта незаконски да се менуваат и обвинителите, затоа што се или не се припадници на одредена партија.

Државниот обвинител повторно ќе биде на ветрометина и со смената на власта ќе остане на улица. Ако се усвои оваа решение, веројатно веќе никој нема да сака да ја прифати оваа функција, а јас веројатно сум последната будала што ја прифатила, рече тогаш Прчевски.

Од кажаното поминаа над 18 години, а состојбата воопшто не созреа низ годините. Наместо републичкиот јавен обвинител да биде страв и трепет за партиските функционери, тие и по толку години сѐ уште го држат во рака, и тоа согласно законот!

СВОЈ ЧОВЕК ЗА ДРЖАВЕН ОБВИНИТЕЛ

Пред неколку години, актуелниот премиер Христијан Мицкоски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, од тогашната влада на Зоран Заев бараа опозицијата да го предлага републичкиот јавен обвинител.

Откако нивниот предлог не беше прифатен, жестоко возвратија дека власта е мафија што сака свој обвинител.

На мафијата на власт им чини послушен јавен обвинител за да не се реагира за криминалот на Заеви“, обвинуваа од ВМРО-ДПМНЕ.

Сега, и од позиција на власт, Мицкоски повторно сака да го избере шефот на обвинителите.

Во независна Македонија досега се сменија девет републички јавни обвинители, а ретко кој не бил обвинуван дека работи по налог на владејачката елита што го избрала.

Во далечната 2002 година, Ставре Џиков беше разрешен под обвинувања за нестручно и несовесно вршење на функцијата, а пратениците го обвинија дека работел во интерес на претходната власт.

Џиков го замени Александар Прчевски, кој од претседателското столче од битолскиот суд седна во обвинителската фотелја. Но, истото што му се случи на неговиот претходник, го доживеа и Прчевски.

Во 2006 година, само еден месец по преземањето на власта, владата на Никола Груевски иницираше постапка за негово разрешување. Тогашните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваа за пропусти во работата и за политичка пристрасност кон СДСМ.

По неговото разрешување, тогашното мнозинство го избра Љупчо Шврговски. Тој остана запаметен како единствениот државен обвинител дотогаш што го издржа целиот шестгодишен мандат без да биде предвреме разрешен.

На негово место беше именуван Марко Зврлевски, дотогашен шеф на скопското обвинителство. Зврлевски беше критикуван за неефикасност и недоволна иницијативност во отворањето големи корупциски афери, кои подоцна завршија во рацете на СЈО.

По доаѓањето на власт во 2017 година, една од првите работи што ги направи СДСМ беше разрешувањето на Зврлевски. Нов обвинител стана Љубомир Јовески, кој го истера мандатот без да биде разрешен.

Во турбулентниот период пред изборите, пак, беше избран Коцевски, за кого веднаш се скрои судбината дека најверојатно ќе биде сменет по смената на власта. Засега премиерот Мицкоски ја замрзна идејата да го разреши Коцевски.

Во овој момент, имајќи ја предвид чувствителната ситуација во општеството, планираме таа постапка да ја застанеме таму каде што се наоѓа, затоа што цениме дека обвинителите што работат, посебно на случајот што се случи во Кочани, треба да работат и да сработат, да им дадеме шанса да сработат, рече неодамна премиерот.

Сепак, доколку владата реши да ја продолжи постапката за разрешување, таа ќе мора да се води по актуелното законско решение и во случај во тој момент веќе да е изгласан новиот закон. Ова е предвидено во преодните и завршни одредби на предлогот на Законот за ЈО. Крајниот рок за негово донесување, пак, е декември годинава.

Надежите, сепак, се дека видливите фалинки на овој закон ќе се коригираат и нема да се дозволи републичкиот обвинител да биде пион во рацете на политичарите.

Поврзани новости