Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ на 29.02.2024 година, во број 1482
Пишувала: Ирена МУЛАЧКА
Словенечката државна телевизија (ТВСЛО), пред речиси четири години објави документи, преписки и снимени телефонски разговори, во кои се слуша гласот на тогашниот министер за економија, Здравко Почивалшек, како договара која фирма и како треба да го добие тендерот за набавка на заштитна и медицинска опрема.
Во прилогот на телевизија Словенија, која тогаш презентираше докази, се тврди дека набавката на опремата била без тендер, односно со непосредна спогодба, а министерот и неговите најблиски соработниците избирале кој ќе го добие грандиозниот тендер.
Според телевизијата, со интервенција на функционери од владата на екс премиерот Јанез Јанша договорено е 220 респиратори да бидат набавени од фирмата „Генепланет“, за кој државата платила 100 отсто аванс во вредност од 8 милиони евра, што е за 3,5 пати поскапо од редовната пазарна цена за истите медицински помагала.
Според овие информации, и покрај тоа што опремата била претплатена, државата не добила ни половина од нарачката.
Од истата фирма, според доказите што тогаш ги објави телевизија Словенија, набавени се и заштитни маски за словенечките доктори, а во договарањето на зделката, директно бил вмешан и началникот на полицијата.
Медиумите во Словенија, во тоа време информираа дека во сопственичката структура на фирмата „Генепланет“ имало роднини на блиските соработници на Јанша.
Одговорност по прилогот на телевизија Словенија побараа повеќе политичари, кои бараа оставка од целата влада на Јанша.
– Тоа не е одговорност само на еден министер. Тоа е начин на функционирање и одговорност на целата влада. Поради ова ја повикувам целата Влада да си поднесе оставка – изјавуваше тогаш еден од опозициските пратеници.
Во Словенија, во тој период беше почната и истрага поради тоа што беа констатирани измами при набавката на заштитни маски и медицинска опрема потребна во борбата против корона вирусот. Дел од нарачаните и платени маски никогаш не пристигнале во земјата, а дел биле хартиени односно неупотребливи.
Четири години подоцна, Словенија има нов премиер, Роберт Голоб, а коруптивниот случај со медицинската опрема заврши во архивите на некоја фиока. Граѓаните, пак, платија милионски суми од свој џеб, поточно буџетски пари, за дел од политичарите да си ги наполнат сметките.
ПРЕПЛАТЕНИ АПАРАТИ ПО МАГАЦИНИТЕ
Ништо поразлична не е и ситуацијата во Македонија. Само нашата коруптивна медицинска приказна трае повеќе од една деценија, за многу повеќе пари, со вмешани многу повеќе министри, за кои „Фокус“ пишува исто толку време.
Сѐ почна во далечната 2010 година, кога тогаш актуелен министер за здравство беше, Бујар Османи, од редовите на „интегративците“, но тогаш во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ под раководство на тогашниот премиер Никола Груевски.
Наеднаш во јавноста одекна веста дека ќе се набавува медицинска опрема во вредност од 40 милиони евра. За само краток период, таа сума се зголеми на 69 милиони евра и наеднаш тоа стана бизнис-зделка тешка 100 милиони евра. И од тука почна сѐ.
Груевски постојано играше на картата на здравјето на граѓаните, па свесен беше дека ако во изборната програма имаше „реформаторски проекти“, автоматски тоа е добитна комбинација за победа на изборите.
Заедно со Никола Тодоров, кој, исто така, беше министер за здравство, отворија ново поглавје, но пропратено со обвинувања за корупција, матни зделки, преплатени медицински апарати дури за 250 отсто од реалните цени.
Во тој период, опозицискиот СДСМ одржа бројни прес-конференции на кои обвинуваше дека овој грандиозен проект е само една обична пералница на пари.
Според фактурите и цените на апаратите, со кои располагаа тогашните опозициски партии, кога би се направила споредба за тоа колку пари се потрошени за апаратите, по кои цени се купени и колку изнесуваат реалните цени, ќе се види енормната разлика во сумите.
Според информациите на тогашните опозиционери, за зелениот ласер, кој се користи за отстранување на простатната жлезда, биле потрошени 700.000 евра, а реалната цена на ласерот чини помалку од 200.000 евра.
Потоа тука е кардиоангиографот од фирмата „Shimatsu“, кој е набавен по цена од 820 илјади евра, а реалната цена е 450 илјади евра.
Магнетна резонанца е платена 1 милион и 380 илјади евра, а реалната цена е 790 илјади евра, додека сити скен компјутерот набавен по цена од 900 илјади евра, реално чини 530 илјади евра.
Колку само магнетни резонанци беа купени, а не беа ставени во употреба, па пациентите и ден денес чекаат со месеци за да закажат и да добијат регулативи, што може да биде кобно за нивниот живот.
Од СДСМ, неколку пати јавно го поставуваа прашањето во кој џеб влегле тие 28 милиони евра, кои требало да се исплатат за камата за набавката на медицинската опрема и уште колку нови апарати можеле да се купат со овие пари во јавното здравство?
Уште во 2010 година, кога се инсталираа првите апарати во јавните здравствени установи, излегоа со фактури и царински декларации дека е направена милионска афера со медицинските апарати, во која власта на Груевски наводно земала големи провизии.
Иако, за набавката на медицинската опрема беа потрошени народни пари, сепак власта на ВМРО-ДПМНЕ не почувствува никаква одговорност да објасни како се потрошени парите на граѓаните.
И ден денес, по седум години од владеењето на актуелната власт под капа на СДСМ, овие документи се чуваат далеку од очите на јавноста.
Апаратите стигнаа, никој не кажа како се набавени, од кои фирми, како се плаќаат, ама по цели 14 години, поголемиот дел од нив со милионски суми се расипуваат во магацините.
Најважно од сѐ беше сликањето и промоцијата, ретко некој од медицинските апарати заврши на соодветното место.
Тодоров, пред да се смени власта, најави уште еден спектакуларен проект од 33 милиони евра за набавка на опрема, но не успеа да го реализира. Сепак, мораше да го напушти министерското столче.
ПОВЕЌЕ ОД 200 АПАРАТИ ВОН УПОТРЕБА
По него, најдолго на фотелјата се укотви Венко Филипче, кој само четири месеци по преземањето на функцијата во 2017 година, во интервју за „Фокус“, вети дека ќе се направи ревизија на набавката на медицинска опрема набавена во времето на ВМРО-ДПМНЕ.
Повеќе од една деценија постојат сомнежи за спорни набавки на медицински апарати, кои се купуваат по енормни суми, но ниту претходната, ниту сегашната власт не мрдаат со прст. Се обвинуваат само на прес-конференции и тука завршува сѐ.
– Затекнавме инкубатори на места каде што воопшто не се користат, покриени со најлони. Потоа, тука се и акцелераторите за зрачење на онколошки пациенти, кои чинат милиони евра, но не се инсталирани. Седат во подруми во кутии и скапуваат.
Такви медицински апарати има еден куп, а за нив се дадени милиони евра. Ќе ги најдеме сите документи и ќе направиме сериозна ревизија за тоа колку и дали се претплатени – тврдеше Филипче во интервјуто.
Екс министерот, пред година време ја напушти фотелјата, но тоа не се случи. Останаа само празните ветувања дека ќе „истражи“ што се крие во заднината на милионскиот проект за набавка на медицинска опрема.
Овие информации продолжуваат да се чуваат како државна тајна, а документите да фаќаат прашина во ресорното Министерство.
Од тој момент не се спомена ниту стомилионската опрема, ниту каде завршија апаратите, а ниту, пак, се провери како функционирало плаќањето, дали се исплатени сите рати, кој апарат колку чини и во кои здравствени установи каква опрема е распределена?
Па, дури и тоа колку било потребно дополнително да се доплати за тоа што еден медицински апарат години седел затворен во магацин?
Филипче, не само што не го истражи спорниот проект, туку
со текот на времето, како што ја зацврстуваше својата министерска позиција, така со брзина на светлината и за него „пукнаа“ неколку тендерски скандали што беа спроведени преку Министерството за здравство.
И тој, и сите министри по него продолжија со набавка на медицинска опрема со вртоглави цени.
Според нашите информации, повеќе од 200 медицински апарати откако пристигнаа, не беа ставени во функција бидејќи за секој од нив мораше да има посебна инфраструктура, каде што ќе биде сместена опремата.
Повеќето од јавните здравствени установи и денес не ги добија потребните апарати, иако седум години со државата владеат сдсмовците.
Нашите извори тврдат дека за дел од апаратите повеќе не е финансиски исплатливо да се сервисираат, дел не можеле воопшто да се сервисираат, некои од нив биле во тек на сервис, за некои сѐ уште се распишуваат јавни набавки, а во меѓувреме страната на Бирото за јавни набавки врие од нови тендери за медицинска опрема, кои одат преку Министерството за здравство.
Уште во далечната 2012 година, преку ресорното Министерство, на чело со Тодоров, се направија неколку тендери за набавка на акцелератори, апарати за зрачна терапија, кои чинат повеќе од 1,5 милион евра за само еден апарат.
За инсталација и набавка на еден таков апарат потребни се околу 3 милиони евра, бидејќи за да се постави, потребно е да се изгради соодветна зграда (бункер) и во неа да биде сместен апаратот.
ИМА ТЕНДЕРИ, НО НЕ И АКЦЕЛЕРАТОРИ
Еве веќе два месеца како чукна 2024 година, а од вкупно набавени четири такви апарати уште во 2012 година, бизнис-зделка тешка повеќе од 6 милиони евра само за нив, сѐ уште ниту еден не профункционирал.
Значи, цели 12 години, дел од акцелераторите не се инсталирани и фаќаат прашина во магацините, а и тие што конечно се инсталирани, не работат.
Пред три години, Филипче го промовираше акцелераторот во Градската болница „8 Септември“, но сѐ уште не е пуштен во употреба, со оглед на тоа што во најскоро време треба да почне со работа дневната болница за онкологија.
– Имаме дневна болница со онколошка терапија. Чекаме Фондот за здравство да ни одобри средства за цитостатици – истакна во изјава за „Фокус“, директорот на болницата, Кристијан Костов.
Од друга страна, пак, апаратите за зрачна терапија во Штип и во Битола, повеќе од една деценија не функционираат. Поточно, во Штипската клиничка болница воопшто немаат добиено таков апарат.
Во 2012 година, Тодоров на прес-конференција истакна дека ресорното Министерство распишало тендери за набавка на 2 нови акцелератори – еден во болницата во Штип и еден во Битола, кои треба да бидат испорачани во рок од 14 месеци по склучувањето на договорот.
– Со двата акцелератори во Битола и еден во Штип потполно ќе ги задоволиме потребите на пациентите за овој вид здравствена услуга – тврдеше пред години Тодоров.
Тука „пука“ скандалот. Тендерите се распишани и договорите се склучени, но апаратите не се испорачани, односно и во двете болници сѐ уште не се монтирани. Проблемот е уште поголем што овие апарати не се неколку илјади евра, туку се работи за милионски суми на пари.
Според податоците на Бирото за јавни набавки, првиот тендер е распишан пред точно 12 години, во 2012 година. Договорот е склучен на 21 декември, истата година со холандската фирма „Симед Интернатионал бв“ за набавка на два линеарни акцелератори за потребите на двете клинички болници во Битола и во Штип. Вредноста на договорот е вртоглави 2,8 милиони евра.
Штипската клиничка болница е регионален центар за истокот, каде што се опслужуваат повеќе од 200.000 граѓани, кои, за да се зрачат, мора да дојдат на онколошката клиника. Таму воопшто го немаат ни видено тој акцелератор, а не, пак, да се монтира или да почне да се користи.
– За кај нас беше најавен еден апарат за зрачна терапија, но досега воопшто не е донесен. Ние не знаеме ни што се случува, ни каде е. Во дворот демек почна да се гради бункер и тоа се стопираше – тврди во изјава за „Фокус“, Ален Горгиев, директор на болницата.
Е, сега тоа што е скандалозно во целата приказна е што за потребите на апаратот за зрачна терапија во Штип, кој не постои на БЈН, можат да се најдат неколку тендери за изградба на бункер, каде што ќе биде сместен акцелераторот.
Првиот тендер е на 9 септември 2013 година, бизнис-зделка тешка речиси 870.000 евра. Па така, во 2015 година се прави уште еден тендер, но сега за набавка, достава и монтажа за врати на бункер во вкупна вредност од 143.902 евра.
Како овие тендери да не се доволни, па на 6 ноември 2016 година, повторно се распишува тендер за истата намена, поточно за (изградба на бункер) во Клиничката болница во Штип, за што се потрошени уште 341.367 евра.
По две години, поточно во 2017 години, Министерството за здравство распишува уште еден тендер за инсталација на линеарни акцелератори во вкупна вредност од 740.621 евро. Тоа се само вртоглавите суми на направени тендери за апарат, кој воопшто не постои, како и бункер, кој воопшто не постои.
Од тука останува нејасно, колку пати се граделе бункерите, дали воопшто се граделе, зошто и по 12 години, пациентите никако да добијат зрачна терапија?
Со сличен проблем е и битолската клиничка болница. И таму се редат тендери, но акцелераторот не функционира, нема зрачна терапија за најтешко болните пациенти.
Дополнителен проблем за некои медицински апарати да бидат инсталирани претставува и тоа што се потребни еден куп пари, за да се обезбедат соодветни простории, бункери и реновирање на просторот каде што ќе биде сместена опремата.
Исто така, голем проблем претставува и тоа што со медицинската опрема нема кој да работи, нема обучен кадар, а нема ниту пари, ниту план за нејзино понатамошно одржување.
НЕКОЛКУ МИЛИОНИ ЕВРА
И повторно се враќаме на скопската Клиника за онкологија, каде што се слеваат повеќе од 80.000 пациенти на годишно ниво. Од сите градови во Македонија, најтешко болните доаѓаат во оваа клиника, но и таму главниот апарат за зрачење, набавен пред неколку години, не бил ставен во функција.
Според документите од Бирото за јавни набавки, во 2019 година, во време на владеењето на Филипче со Министерството за здравство е набавен апарат за зрачна терапија за потребите на скопска Онкологија, бизнис-зделка, тешка речиси 1,8 милиони евра. На тендерот учествувале две фирми, од кои победничката „Би-Мек“ ја понудила најниската цена.
Сепак, и според условите опишани во договорот, акцелераторот не бил пуштен во употреба, а во тоа време со клиниката управувал доктор Нино Васев.
Така што, според нашите информации, овој апарат бил сочуван, но од страна на фирмата, а не бил инсталиран бидејќи клиниката не ги исполнила условите потребни за негово функционирање.
Тоа се констатира и во документите од Државниот завод за ревизија, а тоа што е уште пострашно, според наши информации е дека сега ќе треба да се платат дополнителни средства, и тоа поголема сума за да се адаптира и просторот и конечно да се стави во функција акцелераторот.
Директорот на Државниот завод за ревизија, Максим Ацевски, на една од анкетните комисии пред пратениците го презентираше ревизорскиот извештај, од кој очигледно, како што рече, произлегува дека Македонија е многу богата држава.
Поради неодговорно и недомаќинско работење, на Клиниката за онкологија ѝ пропаднал цел акцелератор од 1,7 милиони евра, кој сега, и да сакаат, не можат да го вратат во функција, освен ако не ѝ дадат нови милиони евра на фирмата набавувач.
– Дадени се пари од државниот буџет за медицинска опрема, но некој, или не сака, или не знае да ја стави во употреба. Во 2016 година е набавен акцелератор вреден 1,7 милиони евра, но, за жал, до денес не е во употреба.
Потрагично е што овој акцелератор веќе не може да се стави во функција, па набавувачот нудел нови алтернативи. Или да се набави дополнителна опрема од 2,5 милиони евра, или да се купат два нови акцелератори за 5,2 милиони евра. Тоа значи дека досега дадените пари за оваа намена, отишле во ветер – констатираше ревизорот Ацевски.
„Фокус“ стапи во контакт и со актуелната директорка на болницата, Виолета Клисаровска, кој истакна дека апаратот за зрачна терапија е набавен веќе неколку години, но досега не бил пуштен во употреба.
– Тој се чувал во магацинот на фирмата, а сега веќе физички е сместен во болницата и се очекува од средината на годината да почне да функционира и на него да легне првиот пациент. Постепено ќе усовршиме и една нова метода, радиотерапија и тоа ќе биде децениски настан – вели директорката Клисаровска.
НАБАВКА НА АНГИОГРАФИ
Поранешниот министер за здравство од владата на СДСМ, Филипче, пред повеќе од една година ја напушти раководната позиција во Министерството за здравство, со кое управуваше цели четири години.
Сепак, и со неговото заминување тој „остави“ личен печат на старото работно место, па само неколку месеци пред заминување договара тендер за набавка на ангиографи, апарат кој е клучен за срцевите заболувања, поточно служи при акутен инфаркт и за стентирање на пациенти.
Според договорот објавен на Бирото за јавни набавки, може да се забележи дека целата тендерска процедура почнала на 31 август 2021 година, со што вкупната бизнис-зделка достигнува сума од рекордни 2 милиони евра за набавка на три ангиографи за потребите на скопските клиники за Кардиологија и Радиологија, како и болницата за кардиоваскуларни заболувања во Охрид.
Целата постапка за набавка оди преку ресорното Министерство, со оглед на тоа што самите болници не располагаат со големи буџети, за да можат самите тие да ги набават потребните медицински апарати.
Секоја болница може да набави медицинска опрема, материјали и лекови само во вредност до 60.000 евра. Сѐ што е над таа сума оди преку буџетската сметка на ресорното Министерство.
Според податоците на БЈН, постапката и договорот почнуваат уште во времето на Филипче, но потпис на целиот тендер става сега екс министерот Беким Сали, кој ги добива само документите за да се запечати договорот.
– Сите процедури беа поминати, јас само потпишав – вели Сали.
Склучените договори покажуваат дека еден од набавените ангиографи, со сите дополнителни елементи, чини околу 700.000 евра. Тоа може да се види и во официјалните документи, при што едниот договор е склучен на 18 март годинава, додека вториот само три дена подоцна на 21 март.
Станува збор за еден тендер, на кој е наведена вредноста од околу 2 милиони евра, меѓутоа на Бирото за јавни набавки се објавени и посебно болниците, поточно колку е сумата на секој апарат за секоја јавна здравствена установа.
Податоците уште покажуваат дека двата ангиографи се набавени од две различни компании, но целосната сума оди од сметката на Министерството за здравство.
Нашите извори тврдат дека овие апарати најчесто се набавуваат од јапонската „Shimatsu“, потоа француската „GE Medical“, како и од Сименс.
Исто така, постојат и различни марки што се произведуваат и кои нормално се со различни цени, но, сепак, таа разлика се движи од 20 до 100 илјади евра.
– Можеа да се набават по многу пониски цени – тврдат нашите извори од Министерството.
„Фокус“ успеа да провери во овие странски фирми за медицинска опрема, како и во разговор со неколку директори, како отприлика се движат цените на ангиографите на бизнис-пазарот.
Па така, реалната цена на овие апарати е некаде околу 400.000 до 500.000 евра, сѐ во зависност од тоа од каде се набавени. Ако се набави само „гол“ апарат, тогаш таа цена е пониска, но ако има и вграден софтвер, тогаш веќе стигнува и до 500.000 евра.
Како што велат нашите извори, сѐ што е над оваа цена, веќе се напумпани и преплатени цени.
– Не можам да разберам никој да не се потруди да открие што се случува со набавката на медицинските апарати. Се набавуваат по страшни цени, додека реалните им се 200 посто пониски.
Сите знаат што се случува и никој не реагира. Дел од апаратите сѐ уште се во кутии. И што е најжално на сите ова ни стана нормално – тврди лекар, кој сакаше да остане анонимен.
Факт е дека клиниките и болниците имаат потреба од набавка на медицински апарати, но факт е, исто така, дека се направија матни зделки, кои можеби дури допрва ќе ја видат светлината на денот, а може воопшто и нема да бидат споделени со јавноста.
Како што поминува времето, тоа станува сѐ посимптоматично…
ТОДОРОВ И ФИЛИПЧЕ НАЈДОЛГО НА МИНИСТЕРСКИТЕ ФОТЕЛЈИ
Од 2010 година досега, на министерската фотелја во Здравство седнаа седум министри, од кои најмногу на функција се задржаа Никола Тодоров и Венко Филипче.
Во последните две години, во зависност од коалициските пазари, седнаа уште три министри, кои раководеа со Министерството по неколку месеци.
За разлика од Беким Сали од Алтернатива, кој беше доста смирен, неврологот Фатмир Меџити од Алијанса за Албанците настапуваше доста жестоко и остро, но и тој беше разрешен, па сега на министерското столче седи доктор Илир Демири од крилото на Зијадин Села.
ОД ЗДРАВСТВО НЕ ОДГОВОРИЈА НА ПРАШАЊАТА НА „ФОКУС“
„Фокус“ на оваа тема испрати и неколку прашања до ресорното Министерство, но од таму, до затворањето на весникот не добивме повратни одговори.