„Лансет“: Ковид-19 е опасност за 20% од светското население

by fokus

Околу 1,7 милијарди луѓе во светот, што е повеќе од 20 проценти од светската популација, имаат најмалку едно хронично заболување што може да го влоши текот на болеста доколку се заразат со Ковид-19, покажува истражувањето објавено во медицинското списание „Лансет“.

За шест месеци од избувнувањето, во светот се регистрирани околу осум милиони позитивни случаи на Ковид-19, а повеќе од 440.000 луѓе починале како последица на вирусот.

Меѓу оние со најголем ризик се пациенти кои веќе имаат здравствени проблеми како што се дијабетес и срцеви и белодробни заболувања, пишува „Кориере дела Сера“, додавајќи дека една петтина од светската популација спаѓа во таа категорија.

Истражувањето објавено во списанието „Лансет“ не опфаќа здрави постари лица, иако тие се сметаат за најзагрозен дел од популацијата поради возраста.

Соединетите Американски Држави се најтешко погодени од вирусот Ковид-19, со повеќе од 2,2 милиони заразени и повеќе од 119.000 смртни случаи, по што следува Бразил со повеќе од 928.000 позитивни случаи и околу 45.000 починати.

Поврзани новости