Лидерот на најголемата албанска опозициска сила, Демократската Партија (ДП), Љуљзим Баша, доби парична казна, а одземена му е и возачката дозвола поради непочитување на мерките за заштита од Ковид-19 и ширење на болеста.
Имено Баша престојувал во пристанишниот град Драч каде имал средба со претставници на трговскиот сектор во ресторан кој според предвидените мерки бил затворен.
По веста што се појави на порталите и социјалните мрежи се огласи и албанската полиција, објавувајќи го официјалниот записник од настанот.
„Претседателот на Демократската партија Љ.Б.е казнет со парична казна, а одземена му е возачката дозвола. Исто така сопственикот на локалот А.Х. , каде што се одржал состанокот, е казнет со парична казна во износ од 8.000 евра. Парични казни добија уште десет други лица кои учествуваа на средбата, стои во полициското соопштение.
Меѓу оние кои добиле парична казна, според медиумите, е и претседателот на огранокот на ДП за Драч, Фердинад Џафери и претседателот на трговската комора за овој град, Албан Истери.
„Ширењето на веста во медиумите доведе до преземање административна постапка, заснована врз нормативен акт“, посочуваат од полицијата.
Возачката дозвола на Баша, кој живее во Тирана, му е одземена поради непочитување на мерката за забрана да се напушта територијата на Тирана, затоа што е една од шестте општини што се сметаат за црвена зона и се изземени од последниот пакет олеснителни мерки на Владата.
Државната полиција апелира до сите граѓани, особено оние во црвените зони строго да го почитуваат распоредот на движење и физичката дистанца и во овој контекст бара разбирање и помош од граѓаните и нивен придонес во справувањето со опасниот вирус.