Зорица Заева ќе зачекори по модната писта, во име на прифаќање на различностите!

by Fokus 11:26
11:26
Зорица, сопругата на премиерот Зоран Заев, во недела ќе зачекори на модната писта во клубот ,,Индустриал’’ во Струмица, во знак на поддршка на лицата со ретки болести.

Секој декември, настанот во кој се вклучени лицата со ретки болести го организира здружението ,,Вера’’. Модната ревија, која ќе стартува во 16 часот во Струмица, годинава е со наслов ,,Убави сме, свои сме’’.

- Advertisements -

,,Нашите прекрасни модели, облечени во гардероба од струмичките бутици, ќе се прошетаат на модната писта и ќе ве шармираат придружувани од познати личности. Дружењето ќе заврши со сет од диџеј Јас сум Цако, кој веќе неколкупати имавме чест да не разигра. Влезот е 50 денари, а собраните средства се наменети за здружението за помош и поддршка на лица со Даун Синдром, Вера од Струмица,’’- ни изјавија од здружението, додавајќи дека им е чест што и сопругата на премиерот прифатила да биде дел од настанот.

,,Од се срце прифатив да чекорам по модната писта заедно со децата, со цел да се подигне јавната свест за лицата со ретки состојби. Сите ние мораме да се вклучиме во интеграцијата на овие лица во општеството и да се бориме за нивно прифаќање. Моја поддршка за сите нив и апел за прифаќање на различностите’’ – изјави Заева.

Родители на децата кои ќе бидат дел од ,,Убави сме, свои сме’’ велат дека децата со нетрпение го очекуваат настанот и се радуваат на веселата дружба, но и на можноста да се чувствуваат како вистински модели на пистата, испраќајќи ја пораката дека секој е убав на свој начин.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости