ЗНМ: Нема подобрување на условите за новинарите, има зголемен број напади

by fokus

(ЗНМ) денеска го претстави годишниот извештај за показателите за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Македонија, изготвен во рамките на проектот Регионална платформа на Западен Балкан.

Во сите три главни индикатори на извештајот, како што се правната рамка за слободата на медиумите, позицијата на новинарите во редакциите и безбедноста на новинарите, во 2020 година нема сериозни промени во медиумската сфера, но има зголемување на трендот на напади, односно состојбата со безбедноста на новинарите и медиумските работници не е подобрена за разлика од минатата 2019 година, туку напротив е влошена.

Во 2020 година, кризата со пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19 дополнително ја влоши финансиската состојба на медиумите поради намалувањето на приходите од комерцијални реклами.

Во 2020 година земјата бележи раст на скалата на Репортери без граници, од вкупно 180 земји беше рангирана на 92-то место, што е за три места повисоко од 2019 година.

Во овој извештај за 2020 година се нотира дека реформата на јавниот радиодифузен сервис речиси не е ни започната, а финансиската независност и одржливост на јавниот радиодифузер остануваат отворено прашање.

-Според статистиката на ЗНМ, од почетокот на 2020 година беа забележани вкупно 14 напади и груби закани кон новинари, од кои повеќе од половината се кон новинарки. Споредбено, минатата година вакви инциденти имаше само четири, што значи дека оваа година нападите и заканите се трипати побројни. Во декември 2020 година, Основниот граѓански суд во Скопје донесе пресуди со кои се одбиваат тужбените барања од страна на новинарките Наташа Стојановска и Душица Мрѓа, кои бараа штета од државата за повреда на нивните права за време на настаните во Собранието на Република Северна Македонија од 27.04.2017 година. Овие тужби следуваа по претходен повик на ЗНМ со цел обезбедување правна помош за новинарите и медиумските работници, кои беа нападнати или им беше уништена опрема во Собранието за време на тој немил настан. Ваквата пресуда е уште еден доказ дека постојат двојни стандарди за судот кога се во прашање политичарите и новинарите, велат од ЗНМ.

Поврзани новости