ЗНМ: Да се овозможат потпрашања во вклучувањата или да се организираат пресови на отворено со физичка дистанца

by Фокус

Со продолжувањето на вонредната состојба во земјава, мора да се најде начин за подобра комуникација и транспарентност во односот на владините институции и здравствените центри во насока на гарантирање на слободата на изразување и правото на информирање, соопшти Здружението на новинари. Од таму сметаат дека има голем простор за да се подобри соработката меѓу новинарите, медиумите и институциите.

„Ние како организација, a и голем дел од нашите членови, сме незадоволни од недостигот на двонасочната комуникација за вклучување во живо преку видео алатките за време на прес-конференциите на министрите. Со моменталната пракса преку оваа комуникација, не се дава во целост простор на новинарот да има потпрашање ниту пак да има коментар на даден одговор, со што соговорникот не секогаш одговара на прашања. Ова дава можност, тој да биде селективен во своите одговори“, велат од ЗНМ.

Од таму бараат во вклучувањето, со цел обезбедување на целосна информација од соговорникот, да се остави простор на новинарите за да постават потпрашања, или, пак да се организираат прес-конференции на отворено кога тоа го дозволуваат временските услови со физичка дистанца меѓу новинарите, но и меѓу новинарите и соговорниците.

„Во овој дел сакаме да упатиме критика за последната прес-конференција организирана во Куманово од страна на градоначалникот. Taa според нашите колеги била организирана во затворен простор со присуство на повеќе соговорници, новинари и медиумски работници, кои имале меѓу себе физички контакт. Потоа се укажа дека градоначалникот бил заразен од COVID-19, со што нашите колеги директно биле изложени на здравствен ризик“, велат од ЗНМ.

Од таму го поздравија потегот на Владата за обезбедување на минимална плата за новинарите и медиумските работници, која, како што напоменуваат, ја побарале заедно со новинарскиот синдикат со цел олеснување на работата на медиумите во овој тежок период.

„Доколку кризата продолжи и во следните месеци, потребно е да се размисли за дополнителни мерки за да се пребродат економските тешкотии на медиумите и да се избегне отпуштање на новинари и медиумски работници. Овие мерки треба да бидат ефикасни и да ги опфатат не само традиционалните медиуми туку и онлајн медиумите, кои за разлика од традиционалните медиуми немаат примена никаква финансиска помош во изминатиот период“, велат од ЗНМ.

Од таму уште истакнуваат дека денес повеќе од било кога може да се забележи потребата од квалитетни дописништва, бидејќи, според новинарското здружение, се покажа дека дописниците при една ваква состојба се мошне важни и за медиумите и за граѓаните.

Поврзани новости