Жителите на Оризари бараат вода, Чадиев им порача помалку да трошат

by fokus

Откако жителите на Оризари, Велес, веќе неколку недели реагираат поради недостигот на вода за пиење, и вчера во знак на револт го блокираа патот Велес – Чашка, до ,,Фокус” се обрати и Славчо Чадиев, градоначалник на Велес, со цел да ја појасни причината за проблемот.

Според него, проблемот поради недостигот на вода го создаваат самите жители на Оризари, бидејќи во летниот период трошеле премногу вода.

,,Сакам  да ја информирам јавноста за Оризари, дека од крајот на летото, па се до почетокот на наредното, имаат вода во изобилие! Во тој период, пумпите работат по осум часа на ден, и нема никаков проблем. Сега, пак, во летниот период, пумпите работат дури по 24 часа, и има недостиг на вода, затоа следуваат рестрикциите. Покрај тоа, има и чести дефекти на системот” – вели Чадиев.

Тој појаснува дека имале изработено проект за цевковод, кој моментално се наоѓал во Министерството за транспорт и врски, и чекале негово одобрување.

,,Цевководот е планиран за Велес, Превалец, до Оризари, и со него ќе се реши проблемот со недостигот на вода засекогаш, но единствен услов е да не се наводнува и да не се прават приклучоци на диво! Тоа често се прави, сторителите тешко се откриваат, трошат премногу вода, а и самите селани потврдуваат дека во долна зона многу се наводнува” – тврди градоначалникот.

Додава дека во четири села го решил проблемот со водоснабдувањето, но потребна му била соработка и од населението, кое морало да престане со дивите приклучоци.

,,Во Сливник, Црквино, Караслари и Новачани го решив проблемот, направив 40 километри нови водоводни линии. За Оризари, се чека одобрение за новиот цевковод” – вели Чадиев.

Но и покрај неговите појаснувања и апели за рационално трошење на водата и трпение додека да се добијат нови водоводни линии, жителите се крајно револтирани и порачуваат дека е крајно неприфатливо со недели да се живее без вода во дваесетипрвиот век, без оглед која е причината.

Вики Клинчарова

Поврзани новости