Архива: Александар Поповски: Да го сопреме лудилото пред да не сотрат!

by Fokus

Текстот е објавен на 8 март, 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1013

Разговараше: Ирена МУЛАЧКА

ФОКУС: Вие бевте еден меѓу петте пријавени кандидати за директор на Театарот за млади во Загреб. Зошто одлучивте да се кандидирате?

ПОПОВСКИ:За овие 25 години, колку што се занимавам со професионална режија имам поставено повеќе од 40 претстави, имам добиено десетина државни награди (македонските не ги сметам), сум работел во повеќе од дваесет држави и имам насобрано такво искуство, кое би сакал да го споделам со некого. Круг на театарски луѓе од Загреб ми предложија да го направам тоа, бидејќи мислеа дека е добро и за ЗКМ и за мене. За себе мислам, дека имам зрелост, искуство и дека сум во најдобрите години, кога можам многу да допринесам, особено во областа, во која сум најдобар/театарот. Би сакал да имав можност, своето знаење да го делам со луѓето од мојата земја. Можеби еден ден, таа приказна не е завршена.

ФОКУС: На кои престави работите моментално?

ПОПОВСКИ: Во Љубљана ја поставувам пиесата “Добриот човек од Сечуан” од Бертолд Брехт, која зборува токму за ова. Потоа, го чекам новиот текст на Дејан Дуковски, кој треба да го работам за фестивалот EXIT. Приказна за еден човек, на кој ќе му пукне филмот и ќе им ебе  мајката на сите.

ФОКУС: Се поретко ве гледаме на македонската театарска сцена?

ПОПОВСКИ: Често размислувам за тоа, како да се биде добар човек во денешно време. За себе верувам дека сум добар човек. Верувам дека сум правичен. Еднаш сонував, дека Боговите ми дадоа оружје со кое можам да ги сотрам сите кои не ги сакам, кои се мои неистомисленици. И, ми дадоа време до изгрејсонце. Седев со оружјето во собата цела ноќ. Сонцето изгреа и јас не испукав ниту еден куршум. Потоа, дојдоа Боговите, ми го земаа оружјето и им го дадоа на моите неистомисленици. И, тука се разбудив.

ФОКУС: Веќе неколку години се случува барокна експанзија во државата. Се градат споменици, фасади, фонатани….Кој е вашиот став за тоа?

ПОПОВСКИ: Тука мислам дека се е кажано и не би сакал да повторувам ништо до сега изречено. Многу е поважно, што со тоа понатаму? Како да се третираат сите тие објекти во еден следен период. Тој „барок” не е само архитектонска појава.Тој е состојба на умот и состојба на духот. Ние мораме да изготвиме сериозен проект, кој ќе не сочува од штетните влијанија од ова појава. Погледнете и слушнете ги луѓето, кои беа промотори и одобрувачи на оваа појава. Нели, нешто не се како што треба? Чистењето од „барокот“ и создавањето на новата мисла и новиот дух, тоа е она со кое треба да се занимаваме.

ФОКУС: Во време кога сиромаштијата и невработеноста се на највисоко ниво, власта го покрена проектот „Скопје 2014“ . Од владата тврдат дека за него се потрошени 208 милиони евра, додека опозицијата обвинува за сума од 500 милиони евра?

ПОПОВСКИ: Владата тврди. Многу ми се допаѓа таа формулација. Таа, Владата ми звучи како некое митолошко суштество. Што ми е на мене таа Владата? Јас сум во моментот во таква фаза, да воопшто не ме интересираат аргументи или рационализирање на проблемот со потрошените пари и сиромаштијата. Јас сум против (иако и порано бев, ама со аргументи) се што преставува „СКОПЈЕ 2014“. НЕ ГО САКАМ! Мислам дека, најдобар слоган е оној кој го видов кај студентите – РУЖНА ВИ Е ВЛАДАТА! Тоа е најточната дефиниција во овој момент. И, навистина мислам, дека нам ни е ружна владата. Сфатете го ова естетски, а богами и етички. Ма,сфатете го како сакате, само сфатете го!

СКОПЈЕ Е ЖИВ СПОМЕНИК НА НАШАТА ВУЛГАРНОСТ И ДУХОВЕН НЕМИР

ФОКУС: Од сите страни стигнуваат обвинувања дека новиот изглед на Скопје е кич, дека изгледа како Дизниленд, му дава гротескна слика на градот?

ПОПОВСКИ: Да не се лажеме, ова Скопје е резултат на една бахатост на спрегата меѓу бизнисот и политиката. Бизнисмените ми идат на нерви! Продал пет пара нешто, прошверцувал три пара нешто друго, дигнал зграда, земал кредит, не вратил долг, измувал, смувал, прелажал и има економски раст. И, има економски раст, го фаќа еротски немир и почнува да се чувствува бесмртен. А, штом е бесмртен, почнува да станува се на овој свет, Господ Бог и градител и мислител и авторитет и тако на нацијата и пратеник.

ФОКУС: Во што се претвори главниот град?

ПОПОВСКИ: Од девеесетите па наваму, откако законите и урбанизацијата на градот ја превземаа разно разни скопски и македонски бизнисмени, Скопје стана поле за градежен натпревар. Дали нормален човек дозволува да се изгради ОНА на Водно? Дали нормален човек дозволува да се прават градежни баханалии по Дебар Маало? И, како да ни беше малку таа лузна, па решивме се малку да попрскаме со “барокна” нота, за да се заташка глупоста. Некаде сигурно се депонирани потписите на луѓето, кои ги одобриле овие проекти. Некаде, сигурно е потписот на човекот, кој дозволил да се гради над хотел Панорама. Скопје е жив споменик на нашата вулгарност и душевен немир. Ние сме такви, токму такви каков што ни е градот. Нашиот личен немир и душевен хаос е запишан во изгледот на овој град.

ФОКУС: Дел од вашите колеги рекоа дека се презадоволни од изгледот на новиот театар?

ПОПОВСКИ: Фала Богу дека се задоволни. Па, кој сака да игра во стара зграда, каде што нема основни хигиенски услови за работа? Сите треба да излезат и да кажат дека се задоволни. Еве, и јас кажувам дека сум задоволен. Да се има нова зграда е прашање на хигиена, тоа ти е како да кажеш дека не сакаш да си миеш заби и уши. Проблемот е во тоа, што таа хигиена чинела многу милиони евра.

ФОКУС: Мислите, можеле да потрошат помалку пари?

ПОПОВСКИ: Знам дека ништо не е ефтино. Замислете сега, наместо таква стара и скапа зграда, да направевме модерен театар за малку милиони. Остатокот од милионите, да ги дадевме за програма за наредните 20 години. Знаете ли каква програма и каков театар се прави со тие милиони? Вака, имаме зграда и за сега сме презадоволни од изгледот. Како кој, додуша.

ФОКУС: Веќе подолг период постои поделеност меѓу театарските работници. Вмеша ли политиката прсти и во културниот живот?

ПОПОВСКИ: Едните смислија план, како да ги сотрат овие другите. Тоа не е политика. Тоа е примитивизам. Идејата, дека треба да го сотреш оној, кој не ти се допаѓа или не се согласува со тебе, не е некоја голема филозофија. Тоа е тагата на нашето општество, нашата срамота и нашата беда. Јас точно знам, кои луѓе го договарале моето сотрување и тоа нема врска со никаква политика. Политиката е оправдување. Сега е само важно, што ќе направиме со тие луѓе кои сотрувале, за да таа појава никогаш повеќе да не се повтори.

АКТЕРИТЕ СПРЕМНИ ДА КЛЕЧАТ НА КОЛЕНА ЗА БУЏЕТОТ, А СТАВРЕСКИ МИСЛИ ДЕКА Е ЛУДИЛО

ФОКУС: Можеше ли да се спречи таа партизација и политизација?

ПОПОВСКИ: Се разбира дека не можеше. Исто, како што не можеше да се спречи политизацијата на медиумите, судството, куќните совети, зоолошката градина и…Министерката за полиција вика дека треба да се сотрат сите што не се нивни, а ти ме прашуваш дали може да се спречи политизацијата.Треба да се сотрат! Запомнете ја добро оваа формулација. Политизација ми звучи како fine tuning. Да се сотре! Тоа е сериозен концепт.Тоа е партијата која ја бранат „бранителите на татковината”.

ФОКУС: А, што всушност брани Здружението за одбрана на Македонија?

ПОПОВСКИ: Што правиме, ако по извесно време се покаже дека „бранителите“ се збуниле и всушност ја бранеле партијата, наместо татковината? Бранејќи ја партијата, всушност и штетеле на татковината и еден ден може да испадне дека партијата не се однесувала пристојно, туку напротив вулгарно.

ФОКУС: Вие, исто така, бевте дел од луѓето кои го гушкаа ГТЦ и не дозволувавте да биде облечен во барокно руво. За момент, проектот се стопира. Сметате ли дека власта ќе успее во своите намери?

ПОПОВСКИ: Владата во наредниот период треба да се воздржи од креации, бидејќи тука би го цитирал слоганот од погоре, РУЖНА ВИ Е ВЛАДАТА. Доколку, владата реши да го сотре ГТЦ, тогаш нам ќе ни остане само еден избор, да ја сотреме владата.

ФОКУС: Но, таа си тера по свое, не ја интересира мислењето на другите?

ПОПОВСКИ: Една од работите, кои најмногу ми одеа на нерви во последните десет години е таа намера на власта, да ги прави работите, кои само неа и се допаѓаат. За сите нас, кои не се согласувавме имаа само една мисла, да нѐ “сотрат”. Само се надевам, дека во еден од разговорите ќе се појави информацијата на кого му падна на памет, таа глупост со “барокот”. Многу сакам да слушнам, кој е тој ум, кој вака ни го „начука“. ГТЦ нема да добие барокна наметка, бидејќи ние граѓаните на овој град, тоа нема да го дозволиме.

ФОКУС: Дел од вашите колеги дадоа јавна поддршка на владејачката партија и нивниот претседателски кандидат Ѓорѓе Иванов. Дали на тој начин се надеваа дека ќе дојдат до некоја функција?

ПОПОВСКИ: Не знам, прашајте ги нив. Мене не ми смета, кога некој сака некого и го поддржува. Мене ми смета, кога некој сака да го сотре оној, кој што не го сака. Мене не ми смета што „РУЖНА ВИ Е ВЛАДАТА“ некој ја сака. Ми смета, што немам право да не ја сакам „РУЖНА ВИ Е ВЛАДАТА“. Толку барам. Е, не може! Е, како бе, не може? За вас може се, за мене не. И, тука е каменот на несогласувањето. И, ете ти сега конфликт.

ФОКУС: Дури некои од нив, на 24 декември, црниот понеделник протестираа и се закануваа дека ќе отидат на Бихачка, ќе клекнат на колена и ќе се молат на опозицијата да го изгласа буџетот.Нели е тоа понижувачко за интелектуалци?

ПОПОВСКИ: Од каде па тие интелектуалци? Можеби се они обични бараби и неранимајковци, а сите запнале дека биле срам за интелектуалците. Од кога тоа, Бато е интелектуалец? Тој само така себе се преставува, а и сите други. Се маскираат во интелектуалци и го ползуваат медиумскиот етер. Ние не смееме да веруваме, во се што се кажува на МРТ и на Сител. Тие пишуваат кајрон под нив интелектуалци, но, можеби тоа не е така.

ФОКУС: Сепак, тие ја тераат пропагандната политика на власта?

ПОПОВСКИ: Да речеме, МРТ е многу интересена. Таа на пример, додека студентите демонстрираат, покажува како козите пасат. И, сега тука некој е глуп. Јас нема да кажам кој, сама нека се засрами. Но, моментот, кога актерите клекнуваа на колена и се молеа да биде усвоен буџетот е момент кој длабоко ќе остане запишан во македонската театарска перформативна историја. А, нели е духовито сега, кога слушаме какво е вистинското мислење на министерот за буџетот? Нели е ХА ХА!? Они спремни да клечат, а он мисли дека се заедно е лудило.

ФОКУС: Но, благодарение на тој контрапротест, некои од нив заработија пратенички места?

ПОПОВСКИ: Па, што ако? Знаете, колку им е досадно? Ти да си нормален уметник, би бил пратеник? Кој нормален уметник, сака да биде пратеник?

ФОКУС: Се е во партиската книшка?

ПОПОВСКИ: Што се однесува до функциите, мислам дека сите вработувања и функции од 2008-та година наваму треба да бидат поништени, затоа што се направени од партиска мотивираност и како такви се нелигитимни.

ЌЕ ИЗЛЕЗАТ СИТЕ ЛУЃЕ НА УЛИЦА, ДА КАЖАТ РУЖНА ВИ Е ВЛАДАТА

ФОКУС: На Светскиот ден на театарот, рековте дека тој е обезличен. Според вашето досегашно искуство, вреди ли да се биде културен работник во Македонија?

ПОПОВСКИ: Дали вреди? За мене тоа не е прашање на професија, туку на живот. И, не е прашање на време во кое живеам, туку на поглед на свет. Јас сум деец од областа на културата и сосема сум горд на сопствената професија. Не постои добро или лошо време, постојат добри или не добри културни работници. Јас спаѓам во добрите. Та дааа! И, како таков ќе останам запишан во историјата.

ФОКУС: Луѓето многу разочарувачки зборуваат за судот на вредности. Кој е вашиот став за системот во кој живееме?

ПОПОВСКИ: Ние не живееме во систем. Ова не е систем. Јас сум утопист, реалист. Јас верувам дека Македонија може да биде добра земја. Јас верувам дека Македонија може да изгради добар систем на вредности, кој пред се ќе биде поддржан од институциите на државата. Јас мислам дека можеме да имаме земја…Наместо да не води РУЖНА ВИ Е ВЛАДАТА, да не водат НАЈДОБРИТЕ.

ФОКУС: Но, институциите се под контрола на владата?

ПОПОВСКИ:Зошто јас, кој навистина имам што да и подарам на македонската театарска култура, немам можност тоа и да го правам? Каков систем на вредности? Систем кој го креираат реклами со бесплатно емитување, наместо да го креираат институции со кредибилитет.Тука ја користам можноста да ја поздравам Каракамишева, бидејќи, а помислам на вредност, она ми се појавува пред очи како непроценлива вредност.

ФОКУС: Доведени сме во ситуација, секој што размислува поразлично од власта или упатува критики на нејзина сметка, веднаш се става на листата на „предавници“?

ПОПОВСКИ: За да ги сотрат!

ФОКУС: Има ли слобода на говор во Македонија?

ПОПОВСКИ:  Се разбира дека нема. Нема. Имат снемано! Гледај, поголемиот дел на вината за снемување, лежи во групата граѓани кои сакаат да нема слобода на говор. И, не само слобода на говор. Да нема слобода. Гледај, колку многу неслобода има. Слобода е клучниот збор, врз кој треба да почива платформата за една идна татковина. Слобода од секогаш бил зборот, кој не дефинирал. Желбата да се биде вистински слободен и притоа таа моја слобода, да не значи причина за туѓа неслобода. Македонија треба да стане еден голем Плоштад слобода. Скопје треба да се исчисти и во центарот да се направи еден празен простор, кој ќе се вика Плоштад слобода, а на него наместо споменици, секојдневно да чекорат илјадници слободни луѓе. А? Нели убаво го кажав ова?

ФОКУС: Според статистичките податоци, досега од Македонија си заминале околу 400.000 граѓани. Зошто младите се одлучуваат на ваков чекор?

ПОПОВСКИ: Поима немам, ваљда си мислат, зошто да седам тука за некој да ме сотре. И, навистина ако некој те сотре, подобро е да си одиш за да не те сотре. Никој не сака да биде сотрен. Е, сега има едни што сакаат да ги сотрат другиве (нас). Ама, и таму нема многу место, пошто они се сотруваат измеѓу себе, затоа што стално има некој што сака да сотрува повеќе од другите, за да се истакне.И, затоа 400.000 граѓани наместо да ги сотрат, на овие што ги сотруваат, решаваат да си одат за да не бидат сотрени, а у ствари само треба да им се свртат и да ги сотрат они нив. Можеби малку се збунив, ми се чини дека не владеам баш најдобро со концептот, кој кого треба да сотре. Мене не ми е блиска таа идеја, да сотрам некој друг.

ФОКУС: За првпат во историјата на независна Македонија на улица излегоа околу 10.000 студенти, спротиставувајќи се на лошите реформи во високото образование?

ПОПОВСКИ: 10 000 луѓе на улица. Кои, ќе станат 20 000 луѓе на улица. Кои, ќе станат многу луѓе на улица. Кои, ќе се претворат во сите луѓе на улица. А, сите луѓе на улица, значи дека РУЖНА ВИ Е ВЛАДАТА.

ФОКУС: Повеќе од петнаесет дена беа окупирани скоро сите факултети во земјава. Што ја натера владата да попушти?

ПОПОВСКИ: Студентскиот пленум навистина донесе едно убаво чувство на слобода и човечност. Нѐ потсети, кои сме како луѓе и дека не сме заборавиле да се шегуваме и да бидем среќни. Тие им рекоа ХА ХА на  Каракамишева, на  претседателот Иванов, на Ректорот, на РУЖНА ВИ Е ВЛАДАТА, на министерот, на анонимните професори потпишани под незнајниот документ, на сите кои не ја почитуваат автономијата и слободата на универзитетот.

ФОКУС: Што можеа да предизвикаат новите законски измени во високото образование?

ПОПОВСКИ: Тоа никој не знае. Тоа ни министерот ни владата не го знаат, па јас ќе знам.

ДА ГО СОПРЕМЕ ЛУДИЛОТО И ДА ПОЧНЕМЕ ДА ЧИСТИМЕ

ФОКУС: Во последните неколку недели актуелни се таканаречените бомби што ги објавува лидерот на СДСМ, Зоран Заев каде се прислушувани околу 26.000 лица, владини функционери, новинари….Кој е вашиот став за тоа?

ПОПОВСКИ: Телеком прво да ми ги врати сите пари за последниве 17 години, што сум му ги дал. До денар. Никогаш нема да им простам за тоа што го дозволиле. За таа работа ќе се видиме на суд. Околу 20.000 прислушкувани, неселективно во рок од 4 години. Нарушени се Уставот и Законите, повредени се човековите права, загрозена е приватноста. Содржината на разговорите е застрашувачка. Ние сега се заматкуваме со тоа, дали се странски служби и кој е предавник, а кој Бугарин. Но, содржината на разговорите е страшна. Ние и без овие снимки претпоставуваме дека станува збор за не добра работа, но содржината на овие разговори е навистина голема срамота. За сите нас.

ФОКУС: Но, главните актери како Ставрески, Јанкулоска, Груевски, Мијалков очигледно не се срамат?

ПОПОВСКИ: Јас верувам, дека тие луѓе не чувствуваат срам и вина, ама нивните зборови и постапки  ќе остават трајна лузна врз нашата земја. Ова е лузна, која Македонија со години ќе ја има на своето лице. Постојат пишани и непишани закони. Содржината на разговорите покажува дека се погазени и едните и другите. Нашите институции во моментов се неефикасни и се дел од проблемот. Нашите институции се дел од лузната. Би сакал да ги видам институциите, кои нема да се плашат да застанат во одбрана на самите себе. Злосторство и Казна! Молиер вели “Мразам тиранија на која не смее да и се суди”.

ФОКУС: Каков впечаток стекнувате, слушајќи ги разговорите меѓу првите луѓе во државниот врв, кои кројат човечки судбини, апсат политички неистомисленици, „сотруваат“ се што не е нивно?

ПОПОВСКИ: Сосема е неважно, колкав е гневот и ужасот, кој во овој момент го чувствуваме. Сега е најважно, која е правната разрешница. Каква е реакцијата на сите меѓународни сили и пријатели, кои Македонија заслужила да ги има. Каква е процедурата, која ќе овозможи зацелување на лузната. Сите мораме да земеме учество во чистењето. Навистина се неважни сите бесмислени акции на одбрана на Македонштината од странци и марсовци. Можеме и понатаму да си играме патриоти, но мислам дека е поважно да се исчистиме од оваа срамота.Најверојатно ќе слушнеме уште многу содржини, од кои ќе ни се превртува утробата. Не ни знаев, дека сум истомисленик со министерот, кога тврди дека ова е лудило, што ни се случува. Можеби треба сите заедно, без разлика каде припаѓаме, да го сопреме лудилото и да почнеме да се чистиме.

ФОКУС: Дали сте политички определен?

ПОПОВСКИ: Ха ха!

ФОКУС: За кого гласате?

ПОПОВСКИ: За ВМРО, нормално.

Рамка:

ИВАНОВ Е ПРОТИВ СТУДЕНТИТЕ, А ТИЕ СЕ НАЈДОБРИ

ФОКУС: Пред претседателските избори, јавно излеговте со писмо во кое напишавте, дека поддршката ја давате на претседателскиот кандидат од СДСМ, Стево Пендаровски. Зошто?

ПОПОВСКИ: Затоа што не сакав да бидам сотрен. Затоа, што мислев дека сите ние имаме право да бидеме дел од оваа татковина, без разлика дали сме нивни или сме наши. Дека, на свој начин и со подеднакво право на избор на љубов, треба да ја сакаме оваа земја без да бидеме сотрени. Види, на крајот на краиштата јас испаднав фраер, а тие кои го подржаа Иванов, не. Иванов не се согласи да го поништи законот за високо образование. Значи, Иванов е против студентите. А, студентите се најдобри од сите во Македонија. Тие се главни фраери. Значи, јас сум бил во право, а оние кои викаа дека не сум, не биле. Автоматски, друг пат слушајте ме што зборувам, затоа што знам што зборувам.

Рамка:

ТЕШКО НАС, АКО ПУСТО ТУРСКО Е БЕГСТВО ОД РЕАЛНОСТА

ФОКУС: Во последните неколку години, луѓето повеќе сакаат да гледаат турски серии, отколку да одат во театар. Дали на тој начин, барем за момент излегуваат од тешкото секојдневие и проблемите?

ПОПОВСКИ: Лажат дека гледаат турски сериии. Никој не гледа турски серии. Па сега бев во Турција, ни турци не гледаат турски серии. Тоа од анкетите така излегува. А, тоа со анкетите и онака не е точно. И, кој видел да се бега од ова секојдневие во пусто турско. Па, ние сме ептен за никаде, ако пусто турско е бегство од нашата реалност.

 

 

Поврзани новости