Заврши расправата по Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација

by fokus

Собранието денеска во рамки на 90. седница ја заврши расправата по Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација, по скратена постапка во втора и трета фаза, а за законот ќе се гласа дополнително.

Расправата по Предлог-законот за антидискриминација, кој е со европско знаменце, мина во спротивставување на ставовите на власта и опозицијата во однос на придобивките од ова законско решение, колку тој е во функција на заштита и унапредување на правата и слободите на граѓаните, наспроти заштитата на традиционалните вредности.

За власта законот е европски, демократски, со него се унапредуваат човековите права и слободи по сите основи, за опозицијата со него се отвора можноста за редефинирање на категоријата семејство, бришење на бракот како заедница на маж и жена, нови критериумите за посвојување и нови курикулуми во училиштата.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска пред пратениците појасни дека станува збор за законско решение со кое се почитуваат европските и меѓународните стандарди за заштита на граѓаните од секаков вид дискриминација.

-Опфатени се сите основи за дискриминација, а со него се воспоставуваат и ефикасни механизми за заштита, рече Царовска и додаде дека прв пат се овозможува работа на експертска комисија за заштита од дискриминација.

-Со тоа ќе се избегне ситуацијата да имаме дискриминатори, кои јавно ја изразуваат дискриминацијата како членови на комисијата, рече Царовска и додаде дека конечно земјата ќе ја позиционираме на патот кон ЕУ, како држава која се грижи за своите граѓани и за заштита од дискриминација.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев упати неколку прашања до Царовска, меѓу кои дали овој закон повлекува бришење на дефиницијата на бракот како заедница на маж и жена.

-Кој е вашиот личен став, како Мила Царовска, но и како министерка за бракот, дали тоа е заедница меѓу маж и жена или нешто друго. Во делот на посвојувањето, ако се редефинира бракот, дали ќе се редефинира и посвојувањето. Во делот на родовниот идентитет, појаснете го тој поим, дали е флуиден и дали ќе може да се менува и на која основа. Дали ќе имаме ситуација кога возрасен човек, кој го сменил родовиот идентитет да може да влегува во простории, кои ги користат деца во градинки, основни, средни училишта. Добро е да размислите за поголем број од овие прашање и за нивните реперкусии, рече Ѓорчев.

Царовска одговори дека точка на дневен ред денеска на седницата е законот за недискриминација, а не законот за семејство.

-Во моментов на дневен ред е законот за недискриминација, согласно Уставот со закон се уредува семејството во нашата држава. Важно е да знаеме што во кој закон уредуваме за да можеме да имаме правилна имплементација. Во овој закон се содржани сите основи за можна диксриминација и од што граѓаните да се штитат, а во законот за семејство јасно е утврдено што е семејство и тоа останува како такво, рече Царовска.

Согласно законското решение се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.

Маја Морачанин од ДОМ нагласи дека со законот се дава јасна дефиниција на дискриминацијата.

– Дискриминација е секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или несторување, што имаат за цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други. Ова ги опфаќа сите форми на дискриминација вклучително и оневозможување на соодветно приспособување и оневозможување на пристапност и достапност на инфраструктурата, добрата и услугите, рече таа.

Поврзани новости