Застаре и „Топлик“ – еден од предметите во кој беше осуден Миле Јанакиески

by fokus

„Топлик“, еден од предметите во којшто беше осуден поранешниот министер, Миле Јанакиески застаре откако Апелациониот суд ја укина пресудата за Сончев град и по носењето на измените на Кривичниот законик.

Со тоа, предметот се враќа на повторно судење во Основниот кривичен суд, што предизвикува предметот за Сончев град да добие апсолутна застареност.

Апелацискиот суд одлуката ја донел на 6 септември, истиот ден кога Собранието ги изгласа измените на Кривичниот законик со кои се намалуваат казните за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување и се воведува горна граница.

„Апелациониот суд Скопје известува дека, постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-137/22, во јавноста познат како „Tоплик- Сончев град“, по одржана јавна седница на 08.06.2023 година, по советување и гласање на нејавен дел од седницата на 06.09.2023 година, донесе решение со кое ги уважи жалбите на обвинетите М.Ј од С., Т.Ѓ од С., Д.Д. од С., М.Т. од С., Д.Ѓ. од С. И В.Т. од С., изјавени преку нивните бранители, ја укина првостепената пресуда и предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување“, објави Апелација.

Ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, беше осуден на 3 години и 6 месеци за случајот „Топлик“, каде што од Обвинителството беше гонет за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Димитар Димовски, кој бил член на комисија што спроведувала јавно наддавање за „Сончев Град“, а бил и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, доби условна осуда, односно казна затвор од две години ако го повтори делото. Од другите членови на комисијата, Томче Ѓурчилов доби казна затвор од три години.

Веса Томчевска беше осудена на условна казна, а ќе издржува две години затвор ако во следните пет години направи ново кривично дело; Димитар Ѓаќев доби условна осуда, а казна затвор од 2 години ако во рок од пет години направи ново кривично дело; и Марица Тасева беше осудена на условна осуда, а казна затвор од 2 години ако во рок од пет години направи ново кривично дело.

Предметот „Топлик“ се однесуваше на продажбата на градежно земјиште за изградба на населбата Сончев Град во Сопиште. Делото злоупотреба на службената положба и овластување за кое се товарат Јанакиески и петмина обвинети е сторено од 3 април 2007 до 18 февруари 2013, што значи дека апсолутна застареност настапила во февруари 2023 година.

Поврзани новости