Заканувачко писмо со колумна на Апасиев пристигнало до пратениците

by fokus

До пратениците на парламентарното мнозинство стигнало писмо со заканувачка содржина. Пратеничката Ивана Туфегчиќ објави дека писмото е потпишано од непознато здружение за борба за еманципација и права на жени, а почнува со „Ние – македонскиот народ“. Потписниците се закануваат со затвор доколку пратениците повторно гласаат за ратификација на договорот со Грција кој е денеска во трето читање.

„Ви доставуваме на ваше внимание, текст кој што веќе е објавен во медиумите и јасно ги отсликува одговорноста и последиците од вашето гласање на Законот за ратификација на Договорот помеѓу Грција и „другата страна“ (Македонија). Ви подвлекуваме дека гласањето За, повлекува кривична одговорност, ќе предизвика немири во Државата кои што неминовно ќе доведат до предвремени избори на кои што нема повеќе да бидете во Парламент, а многу извесно дека ќе завршите во затвор“, стои во писмото.

Туфегчиќ вели дека содржината на писмово е во најмала рака непристоен притисок на слободното уверување на пратениците.

„Притисокот за одредено гласање е легитимно право на граѓаните, меѓутоа кога во содржината ќе напишете “ќе има немири, па избори и ќе одите во затвор” нејасно е што сака писателот да постигне. И еве бидејќи толку се љубители на правото дел од член 64 од Уставот на Република Македонија: “Пратеникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење или за гласање во Собранието”. Апсолутно немам никаков проблем со било чив искажан став по однос на Договорот со Грција меѓутоа сите, особено оние кои се интелектуалци и кои профилираат во јавниот дискурс треба да се свесни за тежината и одговорноста за зборовите кои ги искажуваат бидејќи предизвикуваат нетрпеливост и конфузија меѓу граѓаните.  Здрава дебата може и мора да се води без шпекулации, наведување, манипулации, клетви во интерес на крајот на денот на оваа држава и нејзините граѓани“, порачува Туфегчиќ.

Поврзани новости