„Заигра“ метлата во скопските општини

by Fokus

Големата акција за чистење и уредување на јавните површини која ја реализираат Град Скопје, градските јавни претпријатија и десетте скопски општини денеска продолжи во Аеродром, Шуто Оризари, Гази Баба, Чаир и во Бутел.

За време на спроведувањето на акцијата на јавните претпријатија увид во состојбите на терен извршија градоначалниците на Скопје и Општина Гази Баба, Шилегов и Георгиевски.

– Во текот на оваа акција на располагање на општините се става целиот потенцијал на градската администрација и јавните претпријатија. Наша крајна цел со оваа акција е да извршиме потемелно чистење и отстранување на дивите депонии коишто се наоѓаат внатре во самите општините, да го уредиме зеленилото, како и да ги санираме ударните дупки по споредните улици. Во сите општини поставени се по 3 пункта на кои граѓаните можат да го одлагаат кабастиот отпад кои деновиве ќе биде подигнат од страна на екипите на „Комунална хигиена“, меѓутоа многу е важно што работиме заедно со општините на план да отвориме од 3 до 5 локации во секоја општина каде во определени денови граѓаните да можат без надоместок да го одлагаат кабастиот отпад – кажа Шилегов.

Шилегов информираше дека на последниве денови во подножјето на Парк шумата Гази Баба имало обид за извршување на градежни работи и истите се прекинати по извршен увид на градските и општинските инспектори и претставници на МВР. Тој додаде дека е констатирано неправилно вршење на работа и од понеделник ќе биде издадено решение за отстранување на песокот на инвеститорот во рок од 3 дена, а доколку тоа не го стори во овој рок истиот ќе биде отстранет од ЈП „Улици и патишта“ и тоа ќе биде наплатено на инвеститорите.

Градоначалникот апелираше до граѓаните да се придржуваат до правилата за одлагање на комуналниот смет и тоа да го прават во предвидениот термин, бидејќи потребен е ангажман од сите да дојдеме до почист и поубав град.

Поврзани новости