Зафир и Љупка: Од нераскажаната љубовна приказна ни оставија песни кои потсетуваат на среќна младост

by fokus

Хитовската песна “Ѕвона ѕвонат” којашто ја отпеа Љупка Димитровска, легендарната југословенска пејачка на шлагери, на музичкиот фестивал ,,Макфест” во 1990 година, е посветена на Зафир Хаџиманов, на споменот на него, но и како љубовното разочарување со него придонело таа да си го смени животот од корен и максимално да и се посвети на кариерата.

Ова е приказна за двајцата популарни пејачи која со децении наназад се провлекува низ јавноста, за нивната голема љубов, за која тогаш, додека биле во врска, многу малку се знаело.

Денес Зафир ја изгуби битката со болеста, на свои 77 години. Зад себе ја остави сопругата Сенка Велетанлиќ, со која со децении беше во среќан брак, и синот Васил, кој е успешен џез музичар.

Љупка пак, една од најпопуларните пејачки во минатото, родена скопјанка, која од 1968 година беше во брак со хрватскиот композитор Никица Калоѓера, почина на трети октомври 2016 година, по кратко и тешко боледување.

За нивната нераскажана љубовна приказна, на која се сеќаваа нивни блиски пријатели, од времето кога биле млади, по смртта на Љупка, Зафир само кратко ни изјави – Бевме многу блиски, и нормално дека сега ми е многу жал… Со овие неколку зборови кажав се – беше единствената негова изјава поврзана со Димитровска.


Но, нивниот пријател, режисерот и актер Коле Ангеловски, уште пред неколку години со јавноста ја сподели приказната за нивната љубов од младоста. Според неговите зборови, Зафир и бил дечко на Љупка, а кога на една Нова Година се вратиле за новогодишната забава, Зафир се сплеткал со друга девојка од друштвото.

-Љупка, несреќна ме замоли да ја испратам од Еврејското маало, преку Вардар од другата страна, каде што живееше, на Плоштадот. Кога? Во еден миг се наведна сакајќи да се фрли од Камениот мост, и да се самоубие. Секакви работи и изнакажав, и некако ја испратив до дома. Потоа, таа замина за Загреб, се офарба руса, го оперираше носот, се омажи за Никица Калоѓера, и стана пејачка- беше сеќавањето на Ангеловски, објавено во сдк.мк пред околу пет години.


Денес со Хаџиманов се простува целиот регион. Беше популарен во цела поранешна Југославија, а изминативе години живееше повлечен живот поради хронични здравствени проблеми со срцето. Во неколку наврати за ,,Фокус” изјави дека тешко му паѓа целата ситуација со пандемијата, бидејќи спаѓа во ризичните групи на граѓани.

-Јас си имам голема мака со срцето и со годините, па сум во ,,куќен притвор”. Ама, се надевам дека ќе и го видам грбот на проклетава корона. Надежта последна умира – ни изјави музичарот лани, кога Александар и Дац снимија обработка на неговиот хит ,,Љуби ме и главата гора” кој го отпеа заедно со сопругата Сенка во далечната 1982 година, а обработката стана еден вид на химна посветена на хероите кои се борат против корона вирусот.

Сепак, и покрај силната желба да го дочека крајот на пандемијата, Хаџиманов не се избори со корона вирусот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости