За кампањата која го направи премиер Заев и неговите министри донирале по 3.000 евра

by fokus

Коалицијата предводена од СДСМ на претходните предвремени парламентарни избори потрошила 1.070.737 евра. Нејзините расходи се во ист износ колку и приходите, така што СДСМ од изборите излегле со чиста сметка, не заштедиле ниту денар. Поголемиот дел од парите се потрошени за реклами и пропаганда, или 473.554 евра.

Финансиските извештаи на партиите објавени неодман, покажуваат дека како донатори се јавуваат 1031 лице кои донирале во период од 15-ти ноември минатата година до четврти февруари годинава. Донациите се со вкупен износ од 556.809 евра. Останатите средства во износ од 515.000 евра партијата ги добила преку својот буџет и преку членарина.

Членовите на партијата, кои се денеска високи функционери во Владата на Заев, буквално се истуриле од давање пари на партиската сметка. Донирале по неколку пати, а во ист ден кога се уплатиле донации од десетици други луѓе. Уплаќале средства пет-шест пати поголеми од просечна плата во Македонија.

Меѓу највисоките даноции е и онаа на премиерот, Зоран Заев. За кампањата која му донесе мандат за формирање на Влада, Заев донирал 180.000 денари, додека неговиот брат Вице Заев, за партијата дал 150.000 денари.

Од фамилијата Заеви, донирале Убавка Заева и Катерина Бојовиќ Заева, сопственички на фирмата ТРГОПРОДУКТ ДОО увоз-извоз Струмица, по 100.000 денари и тоа во ист ден како и Вице Заев.

Меѓу донаторите се и граѓанските активисти кои влегоа во Собранието како независни пратеници. Павле Богоевски, кој претходно работеше во Хелсиншки комитет, донирал за Каолицијата на СДСМ три пати пред парламентарни избори, а неговите донации се во вкупен износ од 158.000 денари. Ивана Туфергчиќ, поранешна пленумка која го предводеше студентското движење, донирала исто така три пати во вкупна вредност од 160.900 денари. Поранешниот новинар, Мухамед Зеќири, пак, четири пати, во вкупен износ од 180.000 денари.

Од актуелните министри, Радмила Шеќеринска, актуелната мнинисерка за одбрана, донирала 181.000 денари,  Оливер Спасовски 144.000 денари, Дамјан Манчевски 90.500 денари. Министерката за образование, Рената Дескоска, донирала 180.000 денари во еден ден заедно со уште четриесетина други луѓе.

Од кандидатите за градоначалници, Стефан Богоев, кандидат во Карпош, донирал за партијата три пати по 59.000 денари, или 177.000 денари, Петре Шилегов, кој се бори за Скопје, донирал вкупно 134.000 денари, Саша Богдановиќ за Центар 60.000 денари, а Златко Марин, кој се кандидира за Аеродром, исто така 60.000 денари. Јон Фрчковски, кандидат за советник на СДСМ во Центар и син на професорот Љубомир Фрчкоски, донирал 20.000 денари.

Генералниот секретар на партијата, Александар Кирацоски, ја помогнал партијата со 180.000 денари, а координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев со 200.000 денари.

Маја Васева

Поврзани новости