За Јана и за новороденчето кое почина вчера битолчани ќе излезат на протест во среда

by Fokus

Ова што се случува во битолската болница е страшно, велат битолчани кои најавуваат нов протест за Јана во среда. Овој пат ќе се протестира и за последната трагедија во оваа болница која се случи вчера, кога новороденче починало непосредно по раѓањето. Според неофицијалните информации, на родилката и била дадена таблета за да се испровоцира породувањето и била пуштена дома.

-Ќе протестираме за Јана, но и за новиот случај. Повторно се докажува неспособноста на докторите. Ова нема крај. Болницата во Битола е мизерија – велат организаторите на протестот.

Протестот овој пат ќе биде пред Клиниката. Ќе се одржи од 17.00 часот.

За потсетување шестгодишната Јана почина пред три недели во битолската болница додека примала инфузија. Растворот бил со гликоза, иако нејзиниот шеќер бил 9, по што и се качил на 19. Првичните извештаи открија дека најверојатно причина за смртта е вирусен инфект кој го погодил срцето. Се уште се чекаат резултати од нејзината обдукција.

Обдукција ќе му се прави и на новороденчето кое почина вчера. Се поставува прашањето зошто мајката била пуштена дома откако и била дадена таблетата за провокации, кога во тие часови бебето треба да биде цело време под надзор преку CTG апаратот. Министерот за здравство денеска изјави дека бебето било родено со брадикардија, дека докторите се обиделе да го реанимираат откако го изгубиле пулсот, но безуспешно.

Поврзани новости