Како Ковачевски се правдаше што фирмата на неговата сопруга добила државно земјиште

by Fokus

Според премиерот, Димитар Ковачевски, за да се избегне конфликт на интереси доволно е тоа што не присуствувал на владината седница на која се донела одлука фирмата во која удел има неговата сопруга, Елена Ковачевска, да добие државно земјиште по цена од 70 денари од м2 за изградба на фотоволтаична централа. Освен што изјави дека бил изземен од седницата, тој наброја и спорни случаи од претходната власт, како да било во ред, на пример, тоа што министер земал и плата од државата но и компензација на рака.

-Сите граѓани на оваа држава без исклучок се рамноправни и како физички и како правни лица во правниот промет во државата. Јас никогаш во минатото не сум коментирал приватни животи или приватни инвестиции на кого било, како што за мене прави опозицијата. Никогаш не сум коментирал, на пример, дека брачен другар на сопственик на медиум има добиено 1,4 милиони денари за спроведување на проект со државно финансирање. Затоа што верувам дека тоа било спроведено согласно законските постапки. Никогаш не сум коментирал кога сопственик на медиум ќе добие 50 милиони евра државни набавки, затоа што верувам дека тоа било направено согласно законски процедури – рече Ковачевски.

Во оваа насока го спомна и случајот со поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров, кога неговата ќерка доби државна стипендија за студирање надвор од државата.

-Јас исто така, никогаш не сум коментирал кога дете, на пример на амбасадор, на поранешен амбасадор, на министер, поранешен министер, ќе добие финансирање за да студира на еден од најдобрите светски универзитети од државата, затоа што верувам дека постапката била запазена. Исто така, не сум коментирал кога брачен другар на министер ќе добие финансирање од национален медиумски сервис во износ од над 100.000 евра за да произведува одредена програма, бидејќи сум верувал дека тоа било направено согласно законски постапки. Но, не сакам да верувам во нешто што имам слушнато дека поранешен министер во поранешна Влада покрај платата што ја примал добивал и пари во кеш за да ја извршува својата функција – кажа Ковачевски.

Според него, фирмата на неговата сопруга има право да учествува во „правниот промет на државата“.

– Меѓутоа, таа како и секоја друга компанија има право врз основа на закони да учествува во правниот промет во државата заедно со сите други правни лица. Што се однесува до овој конкретен случај, прво уредбата за определување на цените на земјиште е објавена на 17 октомври 2013 година, донесена од страна на влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Значи оваа Влада не носела никаква уредба за определување цени – рече тој.

Поврзани новости