Врховниот суд го одби барањето на Рашковски

by fokus

Врховниот суд одлучи да ја одбие жалбата на поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски за укинување на домашниот притвор, определен од Апелацискиот суд.

„Врховниот суд по денешната одржана јавна седница по предметот донесе одлука со која ги одби како неосновани жалбите на обвинетиот Д.Р. од Струмица, изјавена преку неговиот бранител и на обвинетиот Д.С. од Скопје, изјавена преку неговиот бранител, а обжаленото решение на Апелациониот суд Скопје го потврди“, се наведува во соопштението од судот.

Иако судот не открива многу детали, дознаваме дека Рашковски всушност поднел жалба на одлуката за продолжување на куќниот притвор, а седницата во Врховниот суд се оддржала денеска. Ова значи дека судиите експресно ја донеле одлуката Рашковски и понатаму да остане во куќен притвор.

Минатата недела, во јавноста излегоа фотографии од Рашковски како се шета додека е во куќен притвор. Објаснувањето е дека Основниот суд му дозволил во одреден период од денот да користи здравствени услуги.

Но, обвинителството побарало лицето кое го „уловило“ Рашковски да го достави телефонот кај нив, за да се види дали шета во дозволеното време, бидејќи во спротивно ќе бара повторно да биде вратен во Шутка.

Инаку, ексгенералниот секретар на Владата е обвинет дека купил софтвер за автоматско казнување за сообраќајни прекршоци од 81 000 евра.

Поврзани новости