По разговорот со Бајден, Макрон го враќа амбасадорот

by fokus

Франција се согласи да го врати својот амбасадор во САД, а Џо Бајден вети дека нема да го исклучи Париз од клучните идни одлуки за одбраната во Индопацификот – ова е епилогот од телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери во однос на спорот за подморниците на Австралија.

Во заедничката изјава објавена откако со телефонскиот разговор заврши петдневниот судир меѓу лидерите, двајцата се согласија да се сретнат во Европа кон крајот на октомври, најверојатно на самитот на Г20, за да разговараат за тоа како да се подобрат консултациите во иднина.

Макрон рече дека ќе го испрати својот повлечен амбасадор назад во Вашингтон следната недела, но нема знаци дека САД или Австралија ќе се повлечат од својата одлука да работат заедно за изградба на подморници со нуклеарен погон, што практично ја натера Канбера да го откаже договорот од 56 милијарди евра за Французите да изградат подморници базирани на дизел.

Бајден, наместо тоа, рече дека САД ќе обезбедат дополнителна помош за антитерористичките операции предводени од Франција во Сахел. Заедничката изјава, исто така, се обидува да ги отстрани сите сугестии дека Американците ги сметаат Французите како несигурни партнери во напорите за ограничување на Кина во Индопацификот.

„Двајцата лидери се согласија дека ситуацијата ќе има корист од отворени консултации меѓу сојузниците за прашања од стратешки интерес за Франција и нашите европски партнери. Претседателот Бајден ја пренесе својата постојана посветеност во тој поглед“, се вели во соопштението.

 

Поврзани новости