Во Грција ќе може да се влезе и со рапид тест

by fokus

Освен со ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето, во Грција, од недела ќе може да се влезе и со негативен рапид тест направен 24 часа пред пристигнувањето, објасни алтернативната министерка за здравство на Грција, Мина Гага на денешната редовна прес-конференција за текот на пандемијата во земјата, додавајќи дека мерката важи за сите над пет годишна возраст, јави дописничката на МИА од Атина.

Гага рече дека мерката ќе се спроведе на сите влезни точки и „се однесува на сите што влегуваат во земјата, Грци и странци, вакцинирани или не, над пет годишна возраст“, а одлучено е, како алтернатива да постои и опцијата рапид тест за да се избегнат евентуалните проблеми поради затворени лаборатории заради празниците.

Паралелно, го повтори она што претпладнево го објасни портпаролот на грчката Влада, Јанис Иконому дека станува збор за привремена мерка за периодот околу божиќните и новогодишните празници и за да се спречи ширењето на Омикрон.

На денешниот редовен брифинг со новинарите, Иконому истакна дека „оние кои ќе доаѓаат во земјата од странство на било кој начин, или авионски или со возила преку копнените граници, дури и да се вакцинирани ќе треба да имаат ПЦР тест од 72 часа“.

Поврзани новости