Во 2022 година во Македонија 356 жени починале од рак на дојка

by Fokus

Минатата година во Македонија од рак на дојка починале 356 жени, што е највисока бројка од 2010 до денеска, покажува извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), пренесе СДК.мк.

Во Македонија, според податоците, најчеста причина за смрт од малигни неоплазми кај жените во периодот 2010-2022 година е малигната неоплазма на дојка.

Од рак на дојка во 2010 починале 310 жени со стапката на морталитет од 30,0/100000 жени, во 2021 починале 337 жени со стапка од 32,6 и во 2022 година 356 жени со стапка од 38,5 на 100000 жени. Најниска е бројката во 2011 година, 272 жени.

Во месецот на борба против рак на дојка, здравствените власти апелираат дека секоја жена треба да оди на прегледи, а слободни термини во здравствените институции нема со месеци. Ако пациентката се сомнева на рак, за да реагира брзо мора да закаже преглед во приватните болници.

Од друга страна, лекарите велат дека повеќе од 90% од заболените од карцином на дојка може да се излечат ако дијагнозата се постави во рана фаза и се лекуваат правилно.

Информираат дека ако жена сака да си закаже превентивен преглед на рак на дојка како што апелираат властите, термин нема до крајот на годинава, а за наредната, 2024, системот уште не дава термини.

Проблем со закажување има и преку матичните лекари, бидејќи тие веќе не може да закажуваат за мамографија, туку ги праќаат пациентките сами да си закажат на страната на националната скрининг програма за програма за рано откривање рак на дојка. Таму во моментот не се добива термин, туку пациентката добива известување дека ќе ѝ стигне смс-порака кога ќе има термин.

Поврзани новости