ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од барањето за запирање на истрагите на СЈО, Заев вели дека се договориле?!

by fokus

Од ВМРО-ДПМНЕ ја привршуваат нивната верзија на Законот за СЈО, па за неколку дена се очекува да ја предадат на Министерството за правда, откако претходно на заедничките средби не најдоа заеднички јазик.

Од партијата не откриваат детали за законот, но како што неофицијално дознаваме, нема да отстапат од своето првично и најспорно барање, а тоа е да запрат сите истраги кои СЈО ги отвори по истекот на рокот за поднесување на обвиненија, односно до 30 јуни 2017 година. Односно на овој начин бараат да запрат стотина истраги и предистраги, против поранешни и сегашни функционери на партијата.

Ова, пак, министерката за правда Рената Десковска, го оцени како скриена амнестија, и неколку пати повтори дека тоа нема да го дозволи.

И додека од ВМРО-ДПМНЕ велат дека сѐ уште го пишуваат законското решение, премиерот Зоран Заев синоќа излезе со оптимистичко сценарио, односно дека постигнат е компромис, а каменот на сопнување бил само кај Катица Јанева, односно кој да застане на чело на СЈО.

–Единственото прашање на кое сме заглавени е Катица Јанева и нејзиното име. Тоа треба да го решиме, не заради Европската унија, заради дома треба да го решиме. Компромисите нема да се прават на сметка на правдата. Работните групи ќе работат, има волја од двете страни, треба да се седне и да се најде компромис час поскоро. Не функционира до крај правосудниот систем во Северна Македонија заради ова нерешено прашање. Не со полн капацитет и со неизвесна иднина, рече премиерот  Заев во синоќешното гостување на Клан Македонија.

Министерката за правда Дескоска вели дека сѐ уште не го добиле предлог законот. Таа сепак открива дека во текот на предговорите имало одреден напредок.

-Од ВМРО-ДПМНЕ не сме добиле никаков предлог закон за јавно обвинителство. Во текот на разговорите по текстот од Министерството имаше одреден напредок, но останаа суштински разлики за членот 105 кој се однесува на продолжувањето на постапките почнати од СЈО, како и на прашања кои се однесуваат на статусот на СЈО, вели Дескоска.

Таа и сега вели дека во преговорите не зборувале за тоа кој ќе биде на чело на СЈО.

-Законот предложен од Министерството содржи одредба дека специјалниот обвинител се избира од Советот на обвинители, така што прашањето за тоа кој ќе го води СЈО е прашање кое не се третира во преговорите за законскиот текст, вели Дескоска.

Валентина Вурмо

Поврзани новости