УЕФА го казни „Шкупи“ со 42.000 евра, навивачите на Левски со пароли против Македонците

by fokus

Македонскиот претставник во Конференциската лига „Шкупи“ објави денеска дека е казнет од УЕФА со 42.000 евра поради навивачките инциденти поврзани со минатонеделниот натпревар во Скопје против бугарски „Левски“, лоцирајќи ја притоа вината кон дел од своите приврзаници.

Потсетувајќи во опширно соопштение објавено на нивниот официјален сајт дека ова не е прв пат клубот да плаќа високи парични казни, Шкупи најави решителна борба против сите кои се претставуваат како „поддржувачи на клубот, а всушност се негови непријатели“.

– За клубот Шкупи досега се боревме, а отсега ќе водиме уште поголема борба. Сигурни сме дека со нас ќе бидат разумните навивачи на Шкупи, кои вистински го сакаат овој клуб. Ги молиме нашите надлежни институции да ги истражат овие настани. Од утре ќе поднесеме кривична пријава до Обвинителството и до полицијата, да ги испитаме овие прашања, бидејќи тоа не е ништо друго освен предавство, велат од Шкупи.

На првиот натпревар во Скопје на кој Левски триумфираше со 2-0 допатуваа околу 900 бугарски навивачи кои поради инциденти на трибините на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, исто така, му донесоа казна на својот клуб од УЕФА во износ од 40.000 евра.

Навивачите на Левски пак на денешниот натпревар во Софија, каде не присуствуваа навивачи на „Шкупи“, истакнаа огромен број навредливи пароли за македонскиот народ и најголемиот празник Илинден.

Навивачите на Левски постојано пееја дека „Илинден за Бугарите е Велигден“. Имаше и други транспаренти на трибината кај најверните фанови на клубот.

„Ако некој каже дека не сум Македонец ќе му го откинам јазикот, а ако каже дека не сум Бугарин ќе му ја откинам главата“, стоеше на еден од транспарентите.

 

Поврзани новости