Трговецот со струја „Пан Интертрејд“ се оградува од пропаднатата српска фирма, но заедничка врска „лежи“ и во бугарска компанија!

Компанијата за трговија со струја „Пан Интертрејд“, која во конзорциум со грчката „ЕДС“ се натпреварува на тендерот за универзален снабдувач со електрична енергија, тврди дека нема никаква врска со истоимената српска компанија во ликвидација. Меѓутоа, своевремено самата фирма се пофалила дека го проширила присуството и во Србија. Згора на тоа, содружникот во македонската фирма и управителот во српската фирма биле дел од текстилна компанија во Бугарија.

by Фокус

Компанијата за трговија со електрична енергија „Пан Интертрејд“ реагира дека е предмет на напади со цел дискредитација на конзорциумот со грчката „Енерџи Деливери Солушнс“ (ЕДС), кој конкурира на тендерот за универзален снабдувач на електрична енергија во следните 5 години, заедно со државната „АД ЕСМ“, односно со нејзината фирма-ќерка „ЕСМ Продажба“, како и „ЕВН Македонија Еелектроснабдување“(носител) и „ЕВН Македонија АД“ (член на група).

„На јавниот повик учествуваме во конзорциум со „ЕДС“, компанија-ќерка на „ППС“ со вкупен број на вработени од над 12.000 и годишен обрт од 12 милијарди евра. Нашата компанија е веќе подолго време во потрага по меѓународен партнер со кој би можеле да го развиваме бизнисот дополнително, и овој повик го искористивме за формализирање на таа соработка“, велат од „Пан Интертрејд.

Во одговорите што ни ги доставија, од оваа компанија за трговија со електрична енергија додаваат дека, земајќи предвид дека се појавуваат „негативни квалификации“, се отвара сомнеж дали, како што истакнуваат, на тој начин се врши суптилен притисок врз владината комисија за избор на нов универзален снабдувач.

Пан Интертрејд Скопје повеќе години работи успешно на македонскиот пазар, иако се соочуваме со нееднакви услови, каде еден снабдувач има привилегирана позиција и користи државни субвенции, што преставува нелојална конкуренција за сите останати субјекти во секторот. Нашата компанија нема никаква поврзаност со компанијата од Србија која беше спомната во некои медиуми“, велат од компанијата.

Исто така, од таму порачуваат дека тие и „ЕДС“ се компании со меѓународен кредибилитет, па затоа немало да дозволат нападите кон нив да го „нарушат корпоративниот имиџ и да влијаат негативно на деловните биланси“. Дури, како што потенцираат, нивните правни тимови ќе преземат дејства ако продолжи, како што велат, кампањата против нив.

Зошто некој упорно се обидува да спречи конкуренција во понудите? Кој се плаши од намалена маржа? Зошто клучните 2 услова, за работен капитал од 40 милиони евра и позитивен биланс во последните три години, не постоеја на јавниот повик пред 5 години, и како магично се појавија на овој повик? Дали евентуално причината за тоа беше дека некој тогаш не можеше да исполни ваков услов?“, прашуваат од таму.

Воедно, апелираат надлежните државни институции да бидат оставени да одлучуваат исклучиво „согласно законот и во интерес на граѓаните и домаќинствата“, бидејќи, според нив, евентуално политички мотивирана одлука или избор на нов универзален снабдувач ќе ја стави државата во неповолна положба и под закана од правни спорови и потенцијални високи отштети.

Всушност, ваков одговор со бројни квалификации за медиумите дека работат под нарачка, без да се посочат конкретни медиуми што го прават тоа, па дури и закана за покренување на потенцијални правни мерки како кон медиумите, така и кон државата, „Фокус“ ги доби барајќи одговори на повеќе прашања, меѓу кои:

Како дојде до соработката меѓу „ЕДС“ и „Пан Интертрејд“, кои заеднички настапуваат на овој тендер; зошто „Пан Интертрејд“ во последниот период не бележи голема деловна активност во земјава; дали „Пан Интертрејд“ е основана со домашен или странски капитал; каква е поврзаноста меѓу „Пан Интертрејд“ и „Пан Интертрејд Србија“, која е во ликвидација…“

Во однос на тоа, добивме одговор дека се работи за компанија со меѓународен кредибилитет, но наместо одговор зошто нема голема деловна активност во последниот период, „Пан Интертрејд“ се повикува на капацитетите на партнерската „ЕДС“, истакнувајќи дека е компанија ќерка на „ППС“. Нема ниту одговор за потеклото на капиталот, меѓутоа има дистанцирање од српската „Пан Интертрејд“. Што говорат официјалните податоци?

СРПСКО-БУГАРСКИ ВРСКИ

Според Централниот регистар, „Пан Интертрејд“ е основана во 2011 година, а нејзини сопственици се Градимир Панчиќ и Стефка Аспарухова Трифонова. На официјалниот сајт на самата фирма стои дека работи успешно од 2012 година и зад себе има одлични резултати во изминатиот период. Притоа, самото друштво нотирало дека од 2014 година почна да работи и во Србија преку фирмата „Пан Интертрејд Србија“.

Иако сега оваа компанија негира дека има врска со српската „Пан Интертрејд“, сепак, тоа се коси со официјалниот сајт на самата компанија, но и со официјалните податоци што ги обезбедивме. Имено, податоците од српскиот трговски регистaр покажуваат дека друштвото со назив „Пан Интертрејд“ е основано во 2014 година, поточно на 18.02.2014 година, или исто како што напишала македонската „Пан Интертрејд“ на официјалниот сајт.

Во одлуката за основање на српската „Пан Интертрејд“ се наведува дека нејзин единствен основач е „Сандтон Традинг“. Освен тоа, во одлуката потпишана од директорот на „Сандтон Традинг“, Драгомир Митиќ, пишува дека основачкиот влог изнесува 100 динари, додека непаричниот капитал на друштвото за трговија со струја изнесува над 58 милиони динари, колку што впрочем вреди објектот-самопослуга „Тесла“. За директор на „Пан Интертрејд“, пак, бил именуван Бојан Митиќ. Во меѓувреме, тие ги префрлиле своите удели на друго лице, но Митиќ до ден денес е коуправител.

Арно ама, во меѓувреме дошло до формална промена на сопственоста, така што единствен сопственик наместо „Сандтон Традинг“ станува Александра Митиќ, која, пак, на 28.02.2023 година носи одлука за ликвидација на „Пан Интертрејд“, пришто за ликвидациски управик е назначен директорот Бојан Митиќ. Инаку, тоа следува 3 години откако во 2020 година е ликвидирана фирмата основач – „Сандтон Традинг“ на Слободан Јеремиќ, од причина што 2 последователни години не доставила финансиски извештај.

 

Потоа, за поврзаноста меѓу македонската и српската „Пан Интертрејд“ говорат и податоците од бугарскиот трговски регистар, каде содружникот во македонското друштво, Стефка Аспарухова Трифонова, фигурира(ла) како дел од компании и во Бугарија. Една од нив е текстилната „Тудорс Бугарија“ основана во 2016 година од страна на повеќе лица, меѓу кои Аспарухова Трифонова и Бојан Митиќ, управител и ликвидатор на српската „Пан Интертрејд“.

ФИНАНСИСКИ РЕЗУЛТАТИ

Што се однесува до македонската „Пан Интертрејд“, нејзините финансиски извештаи покажуваат дека бележи променливо работење во земјава, ако се земе во обзир дека во 2018 година имала приходи од 1,2 милијарди денари, за во 2019 и 2020 да падне на околу 4 милиони денари. Скок се бележи во 2021 година од 37 милиони денари, а во 2022 повторно има драстичен пад на незначителни 942 илјади денари, што значи дека немала никаква деловна активност.

И покрај тоа што се работи за фирма со еден вработен, која, патем речено, работи променливо, а во 2022 година немала никаква активност, сепак, таа секоја година ја завршува во позитива, односно прикажува добивка, што е еден од условите за учество на тендерот за универзален снабдувач. Наспроти тоа, грчката „ЕДС“ остварува голем обрт и располага со средства и ресурси, меѓутоа последните 3 години ги завршува во загуба.

Односно, во 2020 година нејзините приходи изнесувале 3,6 милијарди денари, но годината ја завршила со загуба од 230 милиони денари. Во следната 2021 година, приходите изнесувале 4,2 милијарди денари, но повторно имало загуба од милијарда денари. И, во 2022 година, приходите изнесувале 6,5 милијарди денари, а загубата 66 милиони денари.

Поради тоа, „ЕДС“ не е во можност самостојно да го „лови“ тендерот за универзален снабдувач, бидејќи бележи голем обрт и располага со работен капитал, но не го исполнува условот кој предвидува збирен позитивен финансиски резултат или добивка во последните 3 години. Затоа, на компанијата и треба поддршка, но не настапува со фирмата-мајка, односно со државната грчка „ПЦЦ“, туку со „Пан Интертрејд“.

Меѓу другото, тендерската документација пропишува повеќе минимални услови во делот на економска и финансиска состојба, каде се наведува дека заинтересираните понудувачи треба да имаат инструменти за обезбедување на плаќањата кон операторите од кои набавиле електрична енергија. Воедно, мора да имаат остварена добивка во последните 3 години, во истиот 3-годишен период да имаат позитивен збирен износ на капитал и резерви, како и да имаат и работен капитал во износ од најмалку 40 милиони евра.

Според информации од Владата, 3 компании, односно конзорциуми доставиле понуди во рамки на владиниот тендер за избор на нов универзален снабдувач, кој во период од 5 години, почнувајќи од средината на оваа 2024 година, треба да ги снабдува со електрична енергија малите потрошувачи, како и осумстотини илјади домаќинства.

Повикувајќи се на Стручната комисија што го реализира овој тендер, од Илинденска соопштија дека „ЕСМ“ и „ЕВН“ понудиле идентична бруто-маржа од 11,4 проценти, додека во понудата на „ЕДС“ бруто-маржата изнесува 11,45 проценти, што значи дека правните субјекти што ќе ја минат фазата на евалуација и ќе добијат покана за електронска аукција ќе се наддаваат од овие стартни позиции.

После евалуацијата на економско-финансиската и на техничката способност на понудувачите, економските оператори чии понуди ги исполнуваат условите согласно критериумите наведени во тендерската документација ќе бидат поканети да учествуваат на негативно наддавање преку електронска аукција, пришто како почетна вредност ќе се земе најниската од понудените маржи на економските оператори“, посочуваат од Владата.

Од таму додаваат дека при отворањето на понудите, присутни биле и овластени претставници на дел од економските оператори кои имаа доставено понуди, кои немале никакви забелешки за процесот на отворање на понудите. Понудувачот кој на електронската аукција ќе понуди најниска маржа, како што истакнуваат, ќе биде поканет да го потпише договорот за универзален снабдувач со електрична енергија.

Постапката треба да се заврши во рок од 6 месеци од денот на објавувањето во Службен Весник на одлуката на Владата за отпочнување на постапката за избор на универзален снабдувач на електрична енергија, која е објавена на 20.10.2023 година. Комисијата ќе настојува да ја заврши евалуацијата во текот на наредната недела, по што ќе следи јавно наддавање кое би се случило до крајот на овој месец“, појаснуваат од Илинденска.

Грчката ЕДС го „лови“ тендерот за универзален снабдувач со помош на човек-фирма без активност, чија сестринска компанија во Србија е во ликвидација!

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости