Германските земјоделци добија „ладен туш“, македонските авансна исплата на субвенции

by fokus

Земјоделието и земјоделците се столбот на една држава бидејќи ќе ја обезбедуваат храната не само за домашниот пазар туку и за извоз, токму затоа голем дел од земјите имаат политика со која ги помагаат овие гранки преку субвенционирање на производтвото или пак воведување нови технологии бидејќи младите во најголем дел одбиваат да се занимаваат со оваа дејност и бројот на производители се намалува.

Сепак значајни се политиките и целите кои една држава ги насочува кон значајните сегменти во општеството, а германската влада одлучи кратењата и ребалансот на буџетот да го направи врз грбот токму на земјоделците кои и покрај неколкудневните протести на студот, добија ладен туш откако германскиот министер за финансии Кристијан Линднер денеска им се обрати на илјадниците незадоволни земјоделци кои протестираа против зголемувањето на даноците и им порача дека нема повеќе пари за продолжување на субвенциите бидејќи земјата планира да вложува во безбедноста во земјата која е загрозена поради војната во Украина.

Протестите избија поради одлуката на Владата да ја укине субвенцијата за синиот дизел во обид да се балансира буџетот за 2024 година, откако одлуката на Уставниот суд ги наруши плановите за трошење на буџетот.

Освен во Германија, протестираат и земјоделците во Романија

Стотици романски земјоделци и возачи на камиони протестираа на граничниот премин со Украина и во близина на поголемите градови низ земјата додека продолжуваат преговорите со владата за високите трошоци за водење бизнис.

Тие протестираа главно против високите цени на дизелот, скапите осигурителни полиси, мерките на ЕУ за заштита на животната средина и особено против притисокот на увозните украински земјоделски производи на домашниот пазар. Колони трактори и камиони почнаа да се собираат пред шест дена на националните автопати, главно во близина на поголемите градови, блокирајќи го сообраќајот. Демонстрантите бараат мораториум на отплатата на заемите, побрзо плаќање на стимулации и специјални линии на граничните премини и на црноморското пристаниште Констанца за камиони од ЕУ и камиони надвор од европскиот блок, вклучително и Украина.

Каква е состојбата во Македонија?

Субвенциите се важни за земјоделците. Секоја задоцнета исплата води кон неизвесност, па и неодржливост на производството. А право на субвенции има речиси секој регистриран земјоделец или околу 80 илјади корисници.

Но, субвенциите се важни и за сите даночни обврзници бидејќи, според податоците што од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, годишно Буџетот го чинат околу 110 милиони евра. Или, во последните цели пет години, од 2017 заклучно со 2021 година, исплатени се околу 552 милиони евра за субвенции во земјоделството.

За да се добие парче од колачот, во моментов не се бара многу – треба да бидете регистиран земјоделец, да немате долг за вода или други давачки и да докажете дека земјиштето што го работите или животните што ги одгледувате се ваши. Кај животинското производство и така и така, но кај растителното – најголем дел од субвенциите се делат според површина и културата што е засадена, а не според количината и квалитетот на производството.

„Значи, ако кај нас, за еден хектар субвенција за лозов насад е 40 илјади денари, во Хрватска или во Словенија, како најблиски примери ќе ги дадам, за да дојдеш до 40 илјади денари за твојот хектар лозов насад, треба обавезно да имаш кроење на зелено, обавезно. Почитување на агротехнички мерки, вкрстена сообразност итн. Со триста инспекции за да дојде до некоја таква фаза. Значи, основната субвенција што кај нас ја категоризираме како 40 илјади денари, досега основна, таму е 200“, вели Никица Бачовски, директор на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој.

За разлика од Германија, Владата преку новиот пакет на антикризни мерки се насочи кон најранливите категории на граѓани, а за земјоделците авансно им се исплати над 50.000 земјоделци кои имаат посеви со полјоделски и градинарски култури, лозови и овошни насади и кои се занимаваат со сточарството, за што владата предвиде 8,1 милиони евра.

За 2023 година во земјоделскиот сектор исплатени се вкупно 157 милиони евра, а оваа година беше посветена на малите производители, а доделени беа над 450 договори за грант од 10.000 и 5000 евра, успешно реализирајќи ги програмите за поддршка во набавка на опрема за малите производители на храна, малите винарии, малите дестилерии и мерката бизнис план во земјоделството.

-На сите јавни повици и за сите мерки, интересот беше огромен, а најголемиот број на апликации беа од млади земјоделци и жени земјоделки. Токму тоа беше нашата цел, но мораме да потенцираме дека овој успех го постигнавме заедно, ние како институција заедно со земјоделците, вели министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Во текот на 2023 година, вкупната реализација на Програмата за директни плаќања достигнува 127 милиони евра. Потоа реализацијата на Програмата за рурален развој достигнува над 11 милиони евра. Реализациајта на Програмата за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје и зеленчук достигнува близу 500.000 евра. Потоа реализацијата на Интервентниот фонд достигнува скоро 5 милиони евра. Додека вкупната исплата на средства од ИПАРД 2 програмата во 2023 година достигнува 13,3 милиони евра. Вкупно до сега исплатени се 157 милиони евра директно вбризгани во земјоделскиот сектор.
Преку програмата за рурален развој обезбедена е поддршка во набавка на педигриран добиток за земјоделците, како и набавка на механизација, а за прв пат ја реализирана и новата мерка поддршка за бизнис план во земјоделството.

Авансна исплата е реализирана до 22.562 производители на житни култури, за мерката 1.1, во вредност од 403,7 милиони денари. Производителите на житни култури добиваат авансна исплата од 6.000 денари по хектар. Кон 9.155 земјоделци од мерката 1.4 за градинарско производство, реализирана е авансна исплата во вредност од 65,3 милиони денари. Секој земјоделец производител на градинарски култури добива авансна исплата од 10.000 денари по хектар. За земјоделците од мерката 1.8 овошни насади исплатени се 131,8 милиони денари до 9.462 земјоделци. Поддршката по корисник кај оваа мерка изнесува 12.000 денари по хектар. Кон 12.876 лозари исплатени се 151,2 милиони денари за мерката 1.12. Поддршката по корисник кај оваа мерка изнесува 12.000 денари по хектар.

Дали се задоволни земјоделците?

Авансната исплата на субвенциите е нова можност за земјоделците, која доаѓа од новиот модел за субвенционирање, подготвена заедно со земјоделците, а стартуваше со примена од декември 2023 година. Модел кој на земјоделците им гарантира навремена исплата на субвенциите, поголема поддршка и мотив за зголемување на домашното производство. Модел кој ги насочува земјоделците да го произведуваат она што е стратешки важно за државата, а домашното производство да заврши во домашните капацитети, или за сопствени потреби во подготовка на финален производ.

Дополнително и за млекопроизводителите беа успешно е реализирана исплатата на премиите за произведено и предадено млеко за фазите октомври – декември 2022 и јануари – април 2023 година. До сметките на 4.311 млекопроизводители исплатени се 277,9 милиони денари. Вредноста на премијата изнесува 5 денари за литар произведено и предадено кравјо млеко и 6 денари по литар за произведено и предадено овчо и козјо млеко.

Поврзани новости