Сватовите да седат со маски, да ги вадат само додека вечераат, предлагаат угостителите кои бараат да се вратат свадбите и семејните забави

by fokus

Нема да има традиционална македонска свадба. Јасно им е и на младоженците. Да ни се дадат ригорозни протоколи според кои ќе работиме. Од шест до осум гости да седат на иста маса, тоа ќе бидат луѓе од иста фамилија. Наше лице ќе ги смести на маса, ќе бидат со маски, единствено ќе ги симнуваат маските кога ќе вечераат или одат до тоалет. Бендот ќе свири на пет метри од првата маса, ќе има средства за дезинфекција на секоја маса- ова се протоколите за организирање на свадби и семејни веселби кои ги побара од Владата угостителот Перица Голомеиќ, еден од организаторите на протестот, во разговор за ТВ21.

Протестот на угостителите, на кој ќе му се приклучат и останати лица од свадбарската индустрија, како музичари, фотографи, сопственици на цвеќари и салони за венчаници и декорирање, ќе започне денес од 14 часот. Тие ќе ја блокираат раскрсницата на булеварот Александар Македонски во населбата Автокоманда од 14 до 17 часот.

Бараат итно укинување на забраната за секаков вид на настани во отворен и затворен дел од угостителските објекти, односно бараат државата да донесе протоколи со кои ќе можат да се прават свадби, крштевки, родендени…

Најавени се протести и на 22-ри и 23-ти февруари.

И музичарите ја даваат својата поддршка на Туристичко – угостителската комора. Велат дека речиси цела година едвај врзуваат крај со крај и сакаат чесно да работат и заработуваат.

Сепак, околу предложените протоколи, сватовите или гостите на веселбите да седат со маски и да ги симнуваат само додека вечераат, да не стануваат и играат, да немаат близок контакт, околу тоа, како тоа би било изводливо, немаат прецизен одговор. Актуелни се предлозите да има лица во угостителските објекти кои ќе бидат задолжени за спроведување на гостите до масите, но неизвесно е дали и колку овие лица би можеле да одржуваат контрола над гостите, кои првенствено доаѓаат на веселби за да се расположат, па и да заиграат.

И покрај ставот на угостителите, дека ќе можат да ја држат состојбата под контрола со предложените протоколи, сепак, кога минатата година беа разлабавени мерките и одреден период се дозволија настапи во живо на музичари, уште од самиот почеток јавноста сведочеше на грубо кршење на мерките.
Фотографии и видео снимки се споделуваа на социјалните мрежи, на коишто одредени музичари не само што не настапуваа на задолжителната дистанца од првите маси, туку напротив, одеа со микрофон по масите и собираа бакшиши. Чести беа и сликите од расположени гости кои стануваа, играа и се прегрнуваа, занемарувајќи ја опасноста од вирусот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости