ССНМ го осуди однесувањето на Штерјев кој рекол дека сака да ишамара новинар

by fokus

Самостојниот синдикат на новинарите и на медиумските работници (ССНМ) најостро го осудува вчерашното однесување на претседателот на Советот на јавни обвинители, Коле Штерјев. Како што пренесува порталот А1он, Штерјев им упатил недолични пораки на новинарите на овој медиум преку нивни колега, нарекувајќи ги „неуки“, „недоквакани“, а порачал и дека сака да ишамара еден новинар.

„ССНМ потенцира дека ваквото однесување на избраните функционери е недозволиво и суштински поттикнува непријателско однесување кон медиумските работници, па дури и напади кон новинарите. Сакаме да го потсетиме Штерјев дека слободата на медиумите е еден од најважните, ако не и најбитниот столб на едно демократско општество и дека ваквите испади не одат во прилог на никого.

Од соопштението на А1он се разбира дека непријателството на Штерјев потекнува од начинот на известување на овој медиум и сакаме да потенцираме дека доколку некој функционер или било кој граѓанин е незадоволен од начинот на којшто известуваат медиумите постојат многу поцивилизирани начини да се разрешат недоразбирањата.

Постои институтот демант, а во крајна линија Штерјев и останатите носители на јавни функции можат да се обратат со жалба до Советот за етика во медиумите на Македонија“, соопштија од ССНМ.

Поврзани новости