Србија во 96. минута се спаси од срамен пораз од Бугарија

by Fokus

Српската фудбалска репрезентација ремизираше на гостувањето кај Бугарија во натпреварот од 4.коло од Г-групата квалификации за ЕП – 1:1 (0:0)!

Се чинеше дека Бугарите ќе земат три бода, по голот на Кирил Десподов во 47. минута, но резервистот на „орлите“ Дарко Лазовиќ во 96. со одличен гол од околу 14-15 метри ја спаси Србија.

Тоа беше негово деби во репрезентативниот дрес и не можеше да дојде во подобро време, бидејќи Србија во Разград го одигра еден од најслабите натпревари откако Драган Стојковиќ е селектор.

Србија со овој гол остана на првото место во групата Г, иако сега на делба со Унгарците. И двете селекции сега имаат по седум бода, три повеќе од третопласираната Црна Гора, додека Бугарите практично се отпишани. Имаат два бода, но и натпревар повеќе од споменатите три екипи.

Србија можеше да постигне гол и малку порано, кога Дејан Јовељиќ имаше две шанси во 89. и 91. кога беше блокиран. А потоа Ѓорѓе Јовановиќ во 95-та кога не шутираше (а требаше), следеше ударот на Лазовиќ непосредно пред последниот судиски свиреж.

Србија настапи без неколку повредени играчи, пред се без Митровиќ, Влаховиќ, Јовиќ и Радоњиќ, но овој тим кој го одбра Пикси за дуелот во Разград не направи ништо.

 

Поврзани новости