Спасовски: Продолжуваат реформските процеси во МВР

by fokus

Реформските процеси во рамките на МВР што беа прекинати изминатите девет месеци поради техничката влада и изборниот процес мора да продолжат, во насока на јакнење на структурите на полицијата преку подобрување на условите за работа. Секако тоа зависи од можностите на државата, но капиталните инвестиции мора да се спроведат. Мој врвен приоритет во наредниот мандат ќе биде обезбедување сериозна поддршка за македонската полиција. Тоа денеска од Охрид го порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој ги отвори традиционалните 17. Спортски игри на полициските сили организирани од Македонскиот полициски синдикат.

Во разговор со припадниците на полицијата од сите структури учесници на спортските игри Спасовски истакна дека на начин како што тоа го правел во периодот пред да биде назначен за технички премиер, според утврдените приоритети ќе продолжи реализацијата на сите проекти насочени кон подобрување на професионалните перформанси на полицијата.

-Имаме објекти што не се реконструирани и по 70 години. Заврши постапката за избор на компанија што ќе продолжи со реконструкција на објектите по приоритети, како Крива Паланка, Куманово, Гевгелија итн. Во подготовка е проект за нова полициска станица во Аеродром, а пред одлука сме дали ќе се реконструрира или гради нов објект за полициска станица Бутел. Со ИПА проекти завршуваме со ИКТ центарот во Прилеп, со што ќе се сертифицираме како лабараторија за крим-техника, како и изградба на нов центар за странци. Тоа се капитални проекти, рече Спасовски.

Тој потсети дека токму полицијата во изминатиот период на здравствена криза демонстрирала како се работи сериозно и одговорно во кризни моменти за државата и заради тоа најави поддршка на раководството на МВР за оствараување на целите за кои се залага целото МВР.

-Сериозна поддршка на македонската полиција, продолжување на реформите, професионализација, јакнење на етичкиот елемент кај секој полициски службеник, зајакнување на довербата на службата кај граѓаните. Ќе работиме деноноќно, посветено, да демонстрираме подготвеност во исполнувањето на професионалниот ангажман, во одбрана на интересите на граѓаните и државата. Тоа е ваша задача за која барам поддршка, преку чесен, одговорен ангажман и заеднички напори да работиме на остварување на заедничките цели и интереси, рече Спасовски.

Поврзани новости